Општество
СПАС ОД СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО ПОБАРАЛЕ 35 ЖЕНИ ОД КАВАДАРЦИ
11.01.2025
Спас од насилство минатата година побарале 35 жени во Регионалниот советувалиштен центар во Кавадарци. На 240 припаднички на понежниот пол им биле потребни услуга или совет од социјалната работничка, 35 ја користеле помошта од психолог психотерапевт, а 93 жени побарале бесплатно правно советување. Од Регионалниот советувалишен центар во изјава за МИА посочуваат дека семејното насилство, особено насилството кон жената, е проблем на којшто треба континуирано да се работи, со цел да се застане на патот на насилството и ниедна личност да не биде жртва на било какво насилство.
Во процесот за воспоставување на помош и поддршка при случаи на семејно насилство и родово базирано насилство, Регионалниот советувалишен центар Кавадарци работи согласно стандардите на Министерството за социјална политика, демографија и млади, а раководено е од Здружението за родова еднаквост „Визија“ од овој град. Советувалиштето нуди услуги за сите жртви на насилство. Функционира регионално и финансирано е од општините Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија.
- Нашата социјална работничка ја има улогата на советник и дава поддршка за остварување на социјалните права, собира информации, врши проценка на ризици и теренско работење преку придружба на корисничките до соодветните институции. Таа води досие на секоја корисничка на нашите услуги, ја упатува таму каде што е неопходно за да биде заштитена, вели Благица Коцева Тодорова, претседателка на „Визија“.
Коцева Тодорова појаснува дека социјалната работничка има директна соработка со надлежните институции како Министерството за внатрешни работи, Центарот за социјални работи, Основното јавно обвинителство, здравствените установи, училиштата, хуманитарните организации и слично.
- Таа ја следи и евалуира состојбата на секоја од корисничките на нашите услуги и по завршувањето на соодветниот третман од наша страна, преку помош и поддршка за нејзино реинтегрирање и зајакнување, приспособување за самостоен живот. Како личност, помага во економско јакнење преку советување, менторство и градење на нови вештини и преквалификации за полесно интегрирање на пазарот на трудот, истакнува претседателката на „Визија“.
Коцева Тодорова подвлекува дека освен помошта од социјалната работничка што ја добиваат жртвите на насилство, во советувалишниот центар многу е важна и поддршката што ја имаат од личноста вработена како психолог или психотерапевт.
Како едни од најголемите проблеми што се јавувале биле економската зависност и неможноста за воспоставување на самостоен живот, посебно кога во бракот или партнерската заедница има и малолетни деца.
Регионалниот центар за помош на жени жртви на семејно насилство е наменет за услуги на жени од четирите општини, но и покрај тоа доколку имале дојава од жена која живее надвор од овие општини, преку совети и потребни контакти, ја упатувале и изнаоѓале начин за помош и поддршка во кризни состојби.
Жена жртва на насилство по 30 години решила да се разведе од сопругот
Коцева Тодорова вели дека нивната секојдневна работа е многу специфична, полна со емоции и сведоци се на најразлични животни судбини. Во еден таков случај, тие имале за задача да подготват правна документација, тужба за развод на брак на жена, која после 30 години во брак со зависник од алкохол, решила да стави крај на таквиот живот.
Извор/фото МИА