Општество

ОХРИД СЕ ПОДГОТВУВА ЗА ПРАЗНУВАЊЕТО НА ВОДИЦИ

10.01.2025

По повод престојниот верски празник Богојавление – Водици денеска во Охрид беше одржан првиот координативен состанок, на кој беа разгледани деталите околу чествувањето на празникот, што секоја година во градот привлекува голем број верници и посетители.

Согласно традицијата, Богојавленските празнувања и оваа година се поделени на два дела и тоа верски односно црковни чествувања, што се одвиваат под ингеренција на Дебарско-кичевската епархија при МПЦ, додека вториот е граѓанскиот дел што го координира Општина Охрид, а се однесува на целокупната празнична програма.

Според планираното, на 19 јануари верските празнувања почнуваат со богослужби во охридските парохиски цркви од 7 часот, со свети литургии во четири храмови од 8:15 часот. Литијата потоа кон Градското пристаниште ќе тргне во 9:45 часот, додека положувањето на Чесниот крст во Охридското Езеро ќе го изврши Митролитот тетовско –гостиварски Јосиф.

Во сите парохиски цркви во Охрид во тек е пријавувањето на оние што сакаат да бидат дел од настанот. Досега учество покрај охриѓани пријавиле и голем број верници од други градови во земјава.

Како и изминатите така и оваа година точно на пладне на месноста Сараиште ќе се врши групно крштевање во осветените води на Охридското Езеро. И годинава  во организација на Црвен Крст ќе се одржи традиционалната крводарителска акција.

Како дел од подготвителните активности, предвидено е задутре охридските нуркачи да извршат чистење на дното од езерото на делот каде верниците ќе влегуваат во вода. Исто така, централното градско подрачје ќе биде украсено со зеленило и верски знамиња, а ќе се спроведат и низа активности поврзани со безбедноста на капачите и посетителите.

Прославата за Водици во Охрид, продолжуваат на 20 јануари со уникатната манифестација Денот на рибарите со која се слави православниот празник посветен на Свети Јован Крстител.

Водици и Богојавленските празници, пред се скокањето по крстот и Денот на рибарите во Охрид се најмасовно посетената верска манифестација во земјата, на која одредени години присуствувале повеќе десетици илјади верници од градот и целата земја, но и гости и туристи од странство.


 

Извор/фото МИА 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано