Општество
Вевчанскиот карневал и годинава традиционално на 13 и 14 јануари
03.01.2025
Вевчанскиот карневал е слика и прилика на тоа што се случувало во општествено - политичкиот живот, од претходната година, на специфичен начин, изјави денеска градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочовски, на прес-конференцијата во Скопје, посветена на овој традиционален настан.
Тој се осврна на традиционалните маски и додаде дека секое издание на карневалот има и нови маски. Очекуваат голема посетеност на 13 и 14 јануари кога ќе се одржува Вевчанскиот карневал.
- Вевчанскиот карневал со своето илјадагодишно постоење е повеќе од традиција - тој е еден од најавтентичните симболи на нашето културно наследство, што и покрај предизвиците и недостигот на континуирана поддршка во изминатите години, опстојува како симбол на нашата култура и традиција, нагласи министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Вевчанскиот карневал, според Љутков, е потврда за посветеноста и љубовта на вевчанци кон своето наследство, кои со своите упорност и страст го задржаат жив духот на карневалот и ја потврдуваат неговата важност.
Креативните маски, истакна Љутков, се повеќе од уметнички дела,тие се огледало на времето - носат пораки, раскажуваат приказни и на уникатен начин го поврзуваат минатото со сегашноста.
- Наша цел е да го промовираме Вевчанскиот карневал како национален бренд што нуди уникатно искуство и што како спој на културата и туризмот, привлекува и ќе привлече уште поголемо меѓународно внимание и посетеност. Од тие причини, заедно со локалните власти и бизнис-партнерите, работиме на тоа карневалот да го достигне својот полн потенцијал и во меѓународни рамки, подвлече министерот.
Во рамки на карневалот најавена е и музичка програма. Во недела вечерта на 12 јануари ќе настапат „Пајак“, „Ареа“ и „Забрањено пушење“, а следната вечер, „Љубојна“, Наум Петрески, оркестарот „Вевчани“, како и Перо Бели и Коки Биоритам.
Извор/фото МИА