Општество

Битолските планинари првото изгрејсонце во 2025 година го дочекаа на врвот Пелистер

Триесетина планинари, членови на планинарскиот клуб „Олимпус Монс“ од Битола ја продолжија традицијата на ноќно искачување на врвот Пелистер.

Првото изгрејсонце на Пелистер го дочекавме по 14 пат и продолживме со зимскиот настан кој го нарековме „Први на први“, изјави за МИА Иванчо Тошевски, претседател на „Олимпус Монс“.

- Ноќното искачување на врвот Пелистер (2601 мнв) го почнавме точно една минута по полноќ на 1 јануари од пред Инфоцентарот на Националниот парк Пелистер. Искачувањето на патеката долга 13 километри се одвиваше повеќе од 5 часа и со единствена цел на врвот Пелистер да се дочека првото изгрејсонце во Новата година. Магијата на првото изгрејсонце во новата година е неповторлива и може само да се доживее, истакна Тошевски по враќањето во Битола.

Според Тошевски, врвот Пелистер е најдобар природен видиковец од каде погледот допира до Шара, Пирин и Олимп.

- Секоја година условите за искачување и ризиците се различни, но чувството да се биде дел од промовирањето на она што е наша природна убавина и реткост е бесценето. Пелистер е еден од најдобрите природни видиковци и во еден момент на првото изгрејсонце истовремено погледот допира до Шара на север и Пирин на исток, па се до Олимп на југ. Покрај промовирање на природните убавини, една од целите на овој настан е и промовирање на поинакви и здрави навики на живот, нагласи Тошевски.

Ноќното искачување до врвот Пелистер годинава се одржа во рамки на манифестацијата „Зимска приказна“. 


Извор/фото МИА

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано