Економија
Поскапа празничната трпеза во Грција
29.12.2024
Меѓу 108 и 149 евра чини празничната трпеза во Грција за шест до осум лица, што е за околу пет отсто поскапа од лани, но судејќи според метежот во центарот на Атина во изминатите денови, се чини дека Грците не дозволуваат покачувањата на цените да им го расипат празничното расположение, јави дописничката на МИА од Атина.
Институтот за трговија и услуги на Грчката конфедерација за трговија и претприемништво и оваа година спроведе истражување во однос на цените на производите што се неопходни за божиќната и новогодишната трпеза и регистрирале цени повисоки од 4,3 до 5,8 отсто споредбено со лани.
Најголемо поскапување (за десет отсто) има на маслиновото масло, поевтино (за 0,5 проценти) е единствено јагнешкото месо, додека меѓу пет и седум отсто поскапи се безалкохолните пијалаци, мисиркиното месо, зеленчукот и некои овошни производи.
Иако и конкретното истражување и податоците од грчката служба за статистика покажуваат дека инфлацијата сè уште е присутна, сепак Грците се чини дека не дозволуваат поскапувањата да им ги променат навиките, но и празничното расположение.
На „шопинг листата“ на Грците за празниците, традиционално се и десертите карактеристични за Божиќ и Нова година, популарните меломакарона, односно печените колачи со мед, гурабиите, како и благата пита со паричка, т.н. василопита што се крши за време на новогодишната ноќ.
Сите грчки градови, уште од почетокот на месецов се во новогодишно руво и подготвуваат специјална програма за дочек на Новата година.
Во Атина и во Солун, на централните плоштади и оваа година ќе има организиран дочек на Новата година, со музика и огномет, а од двете општини најавуваат незаборавна забава.
фото МИА