Економија
Словенија ја губи економската конкурентност
14.05.2024г
Состојбата со конкурентноста на фирмите во Словенија се влошува во изминатите две години. Словенечката економија, како и Европската Унија, се бори со прениското ниво на продуктивност и за да се доближи до САД и Кина, ЕУ ќе треба да ја зајакне индустриската политика, да ги усогласи даночните приходи и да ги зголеми финансиските средства за истражување и развој, смета економистот Мојмир Мрак.
- Во следниот средорочен период, за пет години, ќе се види дали Европската Унија сака да седне на масата заедно со глобалните играчи, изјави Мрак за „Радио Словенија“.
Словенечката економска политика се соочува со прашањето за консолидација на јавните финансии. Според мислењето на Мрак, Словенија има еден од најголемите структурни дефицити, што значи дека се зголемени расходите кои не се усогласени со развојниот циклус. За да може да се привлечат средства од европските фондови потребно е да се преземат реформите до крајот на годината, кои се однесуваат на пензискиот систем, на пазарот на работна сила, системот на плати во јавниот сектор и во здравството.
- Досегашните подготовки на реформите беа недоследни и фискално неодржливи. Владата не го исполнува тоа што го ветила. Еден од клучните предизвици за словенечката економска политика е деловното опкружување. Ад хок одлуките во даночната област и придонесите и преголемите административни бариери не се охрабрувачки, изјави Мрак, пренесува „Сеебиз“.
фото freepic