Општество

Мицковски: Зошто не постои палестинска држава?

Ивор Мицковски | Авторот е политиколог

Економија и бизнис | печатено издание | ноември 2023г.

Многумина го поставуваат ова прашање додека конфликтот по нападот на Хамас врз Израел од 7 октомври опасно може да се разгори низ регионот и пошироко.
Еден од честите одговори е дека Палестинците немаат држава затоа што Израел им ја одзел, им ја негира или пак не им дозволил да ја изградат. Сепак, таквиот одговор е донекаде неточен и нецелосен, иако израелскиот нобеловец за мир Шимон Перез еднаш ќе изјави дека Палестинците се „оригиналниот грев“ на Израел затоа што веќе постоел народ на земјата на која се враќаат сионистите. Историјата на Арапите и на Евреите е комплицирана и изнудува еден подолг и покомплексен одговор.
Кралството на Израел под различни називи постоело околу три века на денешните територии на Израел, на Сирија и на Јордан, меѓу 1030 и 722 година пред Исус, по што ќе доживее инвазии и освојувања од Асирците, од Вавилонците, од Персијците и од Грците, но ќе задржи мнозинска еврејска популација во регионот.
Римјаните доаѓаат во регионот околу 130 година пред Исус и дефинитивно го освојуваат во 63 година пред Исус по серија судири со израелските племиња. По Третото востание или Еврејската војна која завршува во 132 година по Исус, Римјаните го менуваат името на регионот во Сирија Палестина, подоцна само Палестина.
Со падот на Римската Империја во 4 век, Палестина прво преоѓа под Византија за во 7 век, по создавањето на религијата на Мухамед, да биде освоена од Арапскиот Калифат. И за време на Калифатот на Евреите им е дозволено да живеат во Ерусалим, додека за време на Крстоносните војни муслиманите подобро се однесувале спрема Евреите отколку спрема христијаните.
Од 1517 до 1922 година, цели четири века, територијата која го опфаќа Израел, Газа и Западниот Брег, му припаѓа на Отоманското Царство. Во 1896 година, кога виенскиот новинар Теодор Херцл ќе го конципира сионизмот, според планината Сион во Ерусалим, замислувајќи го како решение за два милениуми антисемитски прогони креирањето на еврејска држава на територија на некогашното Кралство на Израел, во Палестина живеат околу 30 илјади Евреи, во најголем дел во Ерусалим каде што се мнозинство, додека 500 илјади Арапи, во најголем дел сточари номади и земјоделци, живеат распрснати низ помалите градови и села.
Значи, првите кои формулираат идеја за држава во Палестина се Евреите, додека арапскиот национализам, донекаде комотен под Турците, се развива поспоро, првично како идеја за „татковина“ која не предвидува нужно креирање на држава, туку сојуз на културни, јазични и духовни вредности. Дури во 1911 година, интелектуалци и арапски политичари од Блискиот Исток ќе формираат во Париз националистичко движење наречено Ал Фатах со цел арапската нација да се издигне на ниво на модерните нации. Оригиналната идеја е да се добие автономија од Отоманите за подоцна да се создаде нација за сите Арапи, како од времето на Калифатот.
Арапските национални аспирации ќе бидат искористени од Британската Империја за да направат сојузници од Арапите за време на Првата светска војна против Отоманската Империја, која е сојузник со Германија и Австро-Унгарија. Британскиот војник кој во историјата ќе биде запаметен како Лоренс од Арабија ќе успее да обедини разни арапски племиња со кои ги напаѓа Турците и дава клучен придонес во нивниот пораз. За возврат, Лондон на Арапите им ветува исполнување на нивниот сон за голема арапска држава.
Но, за време на војната работите се менуваат. Во 1916 година, Франција и Велика Британија потпишуваат таен договор за да си го поделат Блискиот Исток по војната. Согласно договорот Сајкс-Пико, Британија ги добива Палестина, Јордан и Ирак, а Франција Сирија, Либан и дел од Турција.

(фото: https://www.zlato.cz/)  


Следната година, во 1917 година, новиот британски министер за надворешни работи лорд Алфред Балфур излегува со декларација која го носи неговото име со која го препознава правото за основање на „национален дом за еврејскиот народ“ во Палестина, без тоа да ги загрози правата на Арапите во регионот. Еврејската миграција кон Палестина добива на интензитет, зајакнувајќи ја идејата дека еден ден може да се создаде нација на Евреите. Во 1919 година, Евреин и Арап, Хусеин ал Хашеми и лидерот на сионизмот Шаим Веизман, потпишуваат заедничка декларација која ги препознава правата на двата народи.
Но, засилената миграција на Евреите кон Палестина кои купуваат сè повеќе земја ја разјадува хармонијата меѓу двата народи. Се почнува со ситни судири и кражби, па ексалира до жестоки агресии и мртви. Во 1922 година, кога Палестина станува британска колонија, Владата во Лондон веќе се наоѓа пред нерешлив проблем.
Како последица на Холокаустот, во 1947 година Обединетите нации со 37 гласа „за“, меѓу кои и оние на САД и на СССР, 13 „против“ и 10 „воздржани“, одлучуваат за поделба на британска Палестина во две држави − едната еврејска и другата палестинска. Станува збор за соломонско решение кое Евреите го прифаќаат, а Палестинците го отфрлаат. Граѓанската војна меѓу Евреите и Палестинците се претвора во тотална војна меѓу Евреите и Арапите.
Следува напад од Египет, од Сирија и од нивните сојузници врз Израел. Израел возвраќа, го запира нападот и победува. Следува по една војна секоја деценија, во 1948 година кога се формира државата Израел, во 1956 година, во 1967 година − Војната на шест дена, како ќе биде наречена од израелскиот командант и потоа премиер Јицак Рабин. Во 1973 година, Јом Кипур, војна во која Израел почетно ќе биде изненаден како и овие денови, во 1981 година, по што меѓу 1987 и 1993 година следува Првата Интифада, бунт на младите Палестинци против израелската војска, од 2000 до 2005 година Втората Интифада, кога камењата ќе се заменат со самоубиствени напади, и од 2006 година до денес, таканаречените „Војни на Газа“ каде што Израел е нападнат од Хамас, Хезболах и други исламистички групи.
Во меѓувреме два феномени се мешаат со војната. Еден е тероризмот, со напади против институции и приватни објекти, во Израел и секаде каде што има Евреи, преку киднапирање авиони и бродови, автобомби, убиства и масакри. Вториот феномен се преговорите со цел да се создаде палестинска држава и Израел да се ослободи од „оригиналниот грев“. Треба да се потсетиме дека иницијалната цел на арапските држави е само „Евреите да се фрлат во море“ дотолку што, иако меѓу 1948 и 1967 година, кога Појасот Газа е под Египет, а Западниот Брег под Јордан, владите од Каиро и Аман си ги задржуваат за себе наместо да создадат палестинска држава. Израел овие територии ќе ги окупира по војната во 1967 година, што само ќе го зајакне палестинскиот национален идентитет. Во 1979 година, египетскиот претседател Садат ќе потпише мир со Израел кој предвидува чекори кон автономија за Палестинците, но две години подоцна Садат ќе биде убиен од страна на египетски екстремист кој е против мирот со Израел.
Во 1993 година, премиерот Јицак Рабин ќе си подаде рака со Арафат почнувајќи еден процес кој во рок од 5 години би довел до палестинска држава. Две години подоцна Рабин ќе биде убиен од израелски екстремист кој е против мир со Арапите.
Во 2000 година, Ехуд Барак, друг израелски премиер, лабурист и ексгенерал како Рабин, ќе му понуди на Арафат палестинска држава на територија на Западен Брег и Газа со Источен Ерусалим како главен град. Но, Арафат ќе одбие повикувајќи се на „правото на враќање“ според кое преку половина милион Арапи низ бегалските кампови на Блискиот Исток треба да се вратат во домовите кои ги имале во Израел пред 1948 година. „Прифати ја оваа понуда Абу Амар, ќе му каже на Арафат, повикувајќи го на неговото воено име, саудискиот амбасадор во Вашингтон, во последната фаза од преговорите, каде што посредник е Бил Клинтон. „Прифати сега или засекогаш ќе се каеш“. Но, Арафат вели „не“ и одбива.
Потоа ќе следуваат неколку преговори, по некој договор, неколку и потпишани од тогаш младиот јастреб Бенџамин Нетанјаху. Во меѓувреме Израел ќе склопи мир со Јордан, со Арапските Емирати, со Бахреин, со Мароко, а пред нападот од 7 октомври беше на чекор за склопување договор и со Саудиска Арабија.
Во 2004 година ќе умре Арафат, а во 2005 година Израел комплетно се повлекува од Газа. Во 2006 година, Хамас победува на изборите во Газа, кои ќе бидат последни по нивното освојување на моќ. Со Западниот Брег веќе две децении, неодговорно и бледо, владее Махмуд Абас, претседател на Палестинската самоуправа, кој следниот месец ќе наполни 88 години и продолжува да ги одложува изборите од страв дека ќе ги изгуби и нив.
Нетанјаху стана најдолговечниот премиер на Израел, кој ја води најдесничарската и ултрасионистичка влада во историјата на Израел, и преку политиките на раздор ја подели земјата, давајќи импресија дека Израел е слаб, што со сигурност придонесе за крволочниот напад на Хамас.
Повеќе од еден век по раѓањето на сионизмот израелско-палестинскиот конфликт продолжува, овој пат ризикувајќи да ескалира и да го проголта целиот регион.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано