Перспектива

ТРИ ЧЕКОРИ ЗА ПОДОБРО ЕКСТЕРНО ТЕСТИРАЊЕ

Зоран Јовановски

септември 2015

Нема никаква смисла да се објаснува колку е важно квалитетното образование за иднината на секоја земја. Тоа на сите ни е јасно. Реформите во овој сегмент на општеството имаат долгорочни ефекти, позитивни или помалку позитивни, и затоа мора да се биде многу внимателен кај секоја образовна реформа. Почетокот на септември го означи и почетокот на новата учебна година. Сеуште се сеќаваме на протестите од минатата учебна година, а учениците најдобро си знаат како успеаја да го надокнадат она што го пропуштија со отсуството од наставата во еден подолг временски период и дали тоа им се одрази на екстерното тестирање.

Мој впечаток е дека на некои реформи во образованието, на пример на екстерното тестирање, им се потребни промени. Тие промени нема да го намалат потенцијалот на екстерното тестирање да ги даде очекуваните резултати, а сепак ќе влијаат во насока на значително поголема поддршка од учениците и нивните родители за оваа реформа. Со други зборови, ништо нема да се изгуби, а учениците и општеството многу ќе добијат. Прашањето е само, можеме ли како општество на екстерното тестирање како тема за дискусија да му пријдеме на нормален, разумен и одговорен начин.

Да се потсетиме. Екстерното тестирање беше замислено да даде повеќекратни ефекти. Примарната цел беше да го подобри оценувањето од страна на наставниците. Тоа значи оценките да се реални, да соодветствуваат со покажаното знаење на учениците. За да биде тоа така, предвидени се казни за наставниците доколку оценките од екстерното тестирање отстапуваат позначително од редовните годишни оценки дадени од наставниците. Понатаму, екстерното тестирање требаше да ги поттикне наставниците да ги усовршат предавањата за да можат учениците повеќе да научат. Екстерното тестирање требаше да ги натера и учениците посериозно да им пријдат на своите училишни обврски, знаејќи дека на крајот ќе бидат тестирани и добиената оценка ќе влијае на нивниот просек од оценките. Конечно, екстерното тестирање требаше да ги заштити наставниците од притисоци од родителите дека нивното дете мора да има максимална оценка на крајот од учебната година.

 

Мислам дека е фер да се каже дека посакуваните ефекти се делумно остварени. Што може да се направи сега? Јас предлагам три чекори, кои се многу едноставни.

1Прво, треба да се реши прашањето на учебниците. Предлагам за секој наставен предмет за кој се врши екстерно тестирање да има по еден, а не повеќе учебници. Со тоа ќе се избегне ситуацијата одговорот за некое прашање од екстерното тестирање да го има во еден, но не и во другиот учебник за истиот предмет. Притоа, останува на надлежните власти да го определат оперативното решение, дали до тој еден учебник ќе се дојде со избор од повеќе учебници пријавени на тендер или властите ќе ги поканат најдобрите наставници, согласно претходно утврдени критериуми, и ќе им овозможат да подготват нов учебник. Јас сум за вториот пристап, при што властите ќе ги задржат авторските права и ќе биде лесно да се прават измени и дополнувања на учебникот. Се разбира, суштински важно е содржината на учебникот да соодветствува со најдобрите светски искуства, да биде концептуално насочена, а не збир на огромен број информации, понекогаш и не многу добро поврзани.

2Второ, треба да се измени динамиката на тестирањето. Тоа не треба да биде еден тест на крајот од учебната година и проверка на целиот наставен материјал. Тестирањето треба да се врши четири пати во годината, на крајот од секое тримесечие, на материјалот што е поминат во тоа тримесечие. Оперативно, нема проблем да се реализира оваа динамика, бидејќи компјутерите се веќе обезбедени. Ова ќе бара дополнителен напор од надлежните лица. Но, на учениците ќе им олесни без притоа процесот да изгуби на квалитет. Ќе го нема веќе стресот дека се полага на целиот материјал од целата учебна година. Важно е дека многу побрзо ќе можат да се утврдат несовпаѓањата на оценките дадени од наставниците за тоа тримесечие и оние добиени на екстерното тестирање. Всушност, екстерното тестирање ќе стане систем за рано предупредување што навреме ќе укажува на слабостите кај одреден наставник / ученик, и ќе можат да се преземат корективни активности уште во текот на истата учебна година. Учениците ќе можат да бидат тестирани за повеќе предмети во текот на учебната година, па нема да важи веќе сегашната поплака дека некому му се паднале лесни, а некому тешки предмети.

3Трето, треба да се измени приодот во тестирањето. Ова е суштински најважниот чекор. Треба да се премине од постојниот систем на меморирање и репродуцирање на огромен број детали кон систем каде што прашањата на екстерното тестирање ќе се фокусираат на разбирањето на важните концепти од материјалот. Тоа значи дека кај екстерното тестирање не би се знаела однапред листата на можни прашања. Наместо да бара кој ги има решени прашањата од листата можни прашања, ученикот ќе мора да се потруди да ги разбере суштинските концепти што ги учи. Ова би било квалитативно поместување напред во образовниот процес.
Да заклучам, јас го поддржувам екстерното тестирање, но не вакво какво што го имавме досега. Тоа беше воведено со добра намера, има потенцијал да даде долгорочно позитивни системски резултати, но потребна е волја за да се надминат постојните слабости. Измените на постојниот начин на тестирање не бараат пари и можат релативно лесно да се направат. Сигурен сум дека потешко беше да се воведе екстерното тестирање и да се обезбедат технички услови за негово реализирање одошто тоа сега соодветно да се корегира.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано