Интервјуа
Кутиров: Дигитализација на Царината со цел поефикасни услуги за економските оператори
Славица Кутиров | директор на Царинска управа на РСМ
Економија и бизнис | печатено издание | октомври 2022г.
Македонската економија поминува низ тежок период, најпрвин беше кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19, потоа дојде енергетската криза. Како се одразува сето ова на работењето на Царинската управа и нејзините приходи?
С. Кутиров: Новонастанатите услови со кои се соочува светот во последниве години предизвикаа голема непредвидливост и страв, но и потреба од промени и ограничувања во сите сфери на дејствување. Слободно можам да кажам дека како институција покажавме исклучителна способност за брзо прилагодување и проактивно дејствување во новонастанатите околности. Применивме низа интервентни мерки за да обезбедиме и за да одржуваме непречен прекуграничен проток на стоките во меѓународниот синџир на снабдување. Царинската управа покажа капацитет за примена на новите алатки и начини на работа, а притоа продолживме со исто темпо да ги реализираме развојните активности, а ја интензивиравме и регионалната соработка и интеграција.
Наплатата на приходи бележи континуиран раст при што во првата половина од 2022 година тој пораст изнесува 27 % споредено со истиот период лани, односно 55 % и 37 % споредено со првата половина од 2020 и 2019 година соодветно.
Како ја оценувате соработката со бизнис-заедницата во земјава?
С. Кутиров: Соработката со бизнис-заедницата е од посебно значење за нас – тоа е императив во нашето работење веќе долги години. Преку редовни состаноци на Советодавното тело, во кое членуваат сите стопански комори и други трговски и транспортни здруженија, тековно се разгледуваат отворените прашања и проблеми, а се дискутираат и предлозите за промени во царинското работење. Неодамна организиравме и посебен настан за економските оператори на кој ги презентиравме планираните проекти и новини во царинското работење во следниов период, а се поврзани со понатамошната дигитализација на Царината и олеснување на трговијата.
Започнува процесот на преговори на земјава со Европската Унија. Што значи тоа за Царинската управа?
С. Кутиров: Почетокот на преговорите за нас значи продолжување на работата со поголема динамика и интензитет кон усогласување и имплементација на европското законодавство и на сите други системи и механизми кои произлегуваат од него, а кои во најголем дел се веќе вградени во нашите планови. Ние ќе го раководиме Поглавје 29 – Царинска унија, дел од Кластер 3 − Конкурентност и инклузивен раст, кој ќе биде координиран од министерот за финансии. Но, истовремено учествуваме и во работните групи на други поглавја за кои имаме надлежности. Во работните групи очекуваме поддршка и од бизнис-заедницата и од академската заедница.

Каква е соработката на Царинската управа со меѓународните партнери? Дали се реализираат проекти поддржани од меѓународната заедница?
С. Кутиров: Можам да кажам дека соработката со меѓународните партнери е одлична и се одвива во континуитет. Преку Европската Унија реализираме твининг проект за подобрување на наплатата на приходите и даночните и царинските прописи преку кој во изминативе две години се одржани повеќе од 80 работилници на различни теми и области од нашето работење, што е многу значајна поддршка за нас. Исто така, во соработка со ИФЦ и Светска банка, минатата година го изработивме блупринтот за новиот Национален едношалтерски систем. Генерално, околу 80 % од средствата за развој и имплементација на новите проекти од Акцискиот план на ЦУ се обезбедени или програмирани со средства од ИПА-фондовите на ЕУ или Светската банка, што за нас претставува голем успех, но и одговорност за нивна успешна реализација.
Одржуваме блиска соработка и добиваме поддршка за повеќе активности и од Амбасадата на Соединетите Американски Држави, Амбасадата на Обединетото Кралство, Светската царинска организација, но соработуваме и со меѓународни организации како што се: Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC), Германското друштвото за меѓународна соработка (GIZ), Канцеларијата на ОБСЕ во Скопје, ЦЕФТА и други.
Една од тешките теми за која зборуваат и претставниците на меѓународната заедница е корупцијата во земјава и важноста за нејзиното искоренување. Како се справува Царинската управа со ваквите предизвици? Што покажуваат наодите на интерните контроли?
С. Кутиров: За жал, корупцијата е тема која сè уште е високо на агендата во нашава земја и ние како институција мораме да се справуваме и со тие предизвици. Царинската управа уште пред дваесетина години воспостави организациска структура − Секторот за професионална одговорност − кој, покрај откривање на непрофесионално и неетичко работење на царинските службеници, ја третира и корупцијата. Во првата половина на 2022 година, Секторот има спроведено 75 внатрешни истраги и контроли при што врз основа на наодите спроведени се 16 дисциплински постапки по различни основи.
Покрај тоа, оваа година презедовме и други конкретни мерки и активности кои влијаат на справувањето со ваквите појави, а во план се и нови.
Од април годинава започнавме со задолжителни периодични ротации на царинските службеници на граничните премини и терминали како една од најефикасните превентивни мерки која се применува и во земјите од ЕУ. Со поддршка од Амбасадата на САД работиме на воведување на „боди камери“ за царинските службеници на граничните премини и за мобилните тимови, следејќи го позитивното искуство од нивната примена во Министерството за внатрешни работи.
Искрено верувам дека сите овие, а и други мерки, координирано и со поддршка од сите нивоа во државава, ќе дадат резултат и дека ќе успееме корупцијата да ја отстраниме од листата на приоритети.
Една од алатките за системско справување со предизвици како што е корупцијата, но и за поедноставување на царинските постапки и намалување на трошоците на економските оператори е дигитализацијата на работните процеси. Што прави Царинската управа на тој план и кои се вашите идни проекти?
С. Кутиров: На почетокот на годинава ги подготвивме и ги донесовме Стратегијата и Акцискиот план за развој на ЦУ за следниот тригодишен период (2022 – 2024) во кои, покрај ЕУ-приоритетите, ги вградивме и приоритетите на Владата на Република Северна Македонија и на Министерството за финансии и ги дефиниравме проектите и активностите во сите приоритетни области за развој на Царината, односно: ефикасна наплата на приходи, олеснување на трговијата, заштита на општеството и инфраструктурен и организациски развој.
Во делот на дигитализацијата, во следниве три години планираме воведување на повеќе нови системи кои ќе влијаат за поефикасни услуги за економските оператори. Новиот компјутеризиран транзитен систем НКТС, фаза 5 е во постапка на набавка, ги вклучува најновите барања на ЕУ и треба да биде ставен во функција до декември 2023 година. Имплементацијата на овој систем е услов за продолжување на членството на нашава држава во Заедничката транзитна конвенција, односно продолжување на бенефитите кои ги имаат економските оператори од неа и со минимални застанувања да транзитираат низ ЕУ-земјите.
Во исто време се работи и на два нови системи за регистрација и идентификација на економските оператори (ЕОРИ) и за управување со идентификација за пристап на корисниците (ИАМ) кои се дел од Повеќегодишниот стратешки план на ЕУ. Овие системи треба да овозможат со единствена регистрација и управување економските оператори да се позиционираат на услугите од различни царински системи кои се достапни за нив. Тука е и новиот Национален едношалтерски систем (National Single Window) кој ќе ги интегрира националните царински ИКТ-системи и системите на другите владини институции при што ќе овозможи нови централизирани функционалности и услуги како што се: централна регистрација на економските оператори во ИКТ-системите на Царинската управа, централно поднесување и издавање на сите документи, е-плаќање на сите давачки.
Покрај овие, работиме и на системи кои треба да овозможат поефикасно дефинирање на ризиците, а со цел поефикасни контроли и наплата на приходите. Веќе се програмирани средства од ИПА на ЕУ за нов Систем за управување со контрола и истраги, кој се планира да биде имплементиран до крајот на 2024 година, и треба да ги консолидира и да ги унифицира процесите и постапките во делот на контролите и на истрагите. Исто така, врз основа на ЕУ-регулативата, интензивно се работи на дефинирање на концептот на следење на акцизните стоки, и тоа на тутунските производи, познат како следи и пронајди (Trаck&Тrace). Очекувањата од него се големи и треба да влијаат на максимално сузбивање на нелегални текови на тутунските производи, а со тоа и зголемување на приходите од акциза и даноци. Системот е имплементиран во сите земји членки на ЕУ. Со него се следи патот на цигарите од производството до крајниот потрошувач при што сите податоци се наоѓаат на самата кутија на производот.
Но, работиме и на тековни унапредувања на системите при што би сакала да најавам една значајна новина во царинското работење. Имено, во октомври планираме да пуштиме во примена надградба на системот СОЦДАД, на која работиме подолго време, и со која ќе овозможиме автоматско завршување на царинската постапка за еден час од поднесувањето на царинската декларација, доколку поминат сите валидации и проверки во системите. Постапката ќе се спроведува без каква било интеракција на царинскиот службеник што, секако, ќе влијае и на спречување на корупцијата.
Работиме и на нови услуги и сервиси кои ќе бидат пуштени во примена во следниве 3 до 6 месеци. Планирано е целосно бесхартиено поднесување и управување на постапката на издавање на царински одобренија во СОЦДАД и задолжителна тарифна информација во Интегрираната тарифна околина (ИТО); работиме на развој на сервиси за е-плаќање преку ЕКСИМ и нов сервис за проверка на дозволите на превозниците и на возачите во системите на Министерството за транспорт и врски.

Една од многу актуелните теми во најново време е иницијативата „Отворен Балкан“. Еден од елементите на нејзина реализација беше и отворањето на посебни ленти за камиони со назнака „Отворен Балкан“ на граничните премини на нашава земја со Србија и Албанија за да се забрза протокот на стоки меѓу земјите. Како функционира сето ова? Дали се планираат и други активности на Царинската управа на тој план?
С. Кутиров: Царинската управа е исклучително посветена на сите активности кои придонесуваат за олеснување и забрзување на прекуграничниот проток, но и побрзо завршување на царинската постапка во целост бидејќи чекањето значи трошоци за бизнисите.
Ме радува тоа што во текот на јули и август оваа година претставници на бизнис-заедницата, како дел од проект на Стопанската комора, присуствуваа на граничниот премин Табановце и ги мониторираа состојбите, а подготвија и препораки за подобрување на состојбите кои во најголем дел веќе ги реализиравме. Инаку, во моментов на овој премин имаме целосна функционалност на One Stop Shop и на влез во Република Северна Македонија каде што функционираат десет ленти, и тоа две за товарни возила, од кои едната е за земјите од „Отворен Балкан“, една за автобуси и седум за патнички возила.
Со Република Албанија е потпишан Договорот за спроведување на концептот за застанување на едно место (One Stop Shop), а во тек е дефинирање на имплементациските протоколи за усогласено постапување на Царината и на Полицијата, како и протоколот за инфраструктура.
Дополнително на граничните премини планираме воспоставување на нов Автоматизиран систем за управување со царинските терминали, што вклучува нови ваги и рампи поврзани со царинските системи. Исто така веќе работиме и на нов Систем за видеонадзор и автоматско препознавање на регистарските таблички (CCTV&ANPR) кој се планира да споделува податоци со системите на МВР, а со цел забрзување на постапката на евиденција и на контрола на возилата на граничните премини.
Од огромна важност е тоа што реализацијата на овие регионални активности овозможува блиска соработка и комуникација меѓу администрациите на земјите од регионот, која е многу значајна за меѓусебна размена на искуства, како и за интегративните процеси и преговорите со Европската Унија кои веќе започнаа.
Ви благодарам за интервјуто.
Разговараше: Зоран Јовановски