Перспектива

Јовановски: Што всушност ни кажа нобеловецот Кругман?

Зоран Јовановски

Авторот е економист

Јас не сум ја анализирал доволно вашата земја за да можам да одговорам, но меѓу другото, да си ги поправите патиштата. Ова беше дел од одговорот на нобеловецот Кругман на прашање од публиката за тоа какви структурни реформи треба да се направат во земјава. Одговорот за патиштата најверојатно се должеше на искуството од неговото патување до Охрид и назад. Во секој случај, овој одговор воопшто не беше некаква главна порака и неправдано му беше даден публицитет во главните вести на телевизија. Затоа, наместо сеирџиски пристап, мислам дека е добро да се проследи суштината на неговиот настап.

Што всушност ни порача Кругман?

Кругман не зборуваше посебно за македонската туку за светската, притоа најмногу мислејќи на американската економија. Истакна четири работи. Прво, за инфлацијата. Таа се должи на влијанието на неколку фактори. Се должи на одговорот на властите кон пандемијата, на проблемите што се појавија кај синџирите на набавка и на војната во Украина, која предизвика ценовен шок кај цените на основните производи и на храната. Но, охрабрувачкиот елемент е оценката на Кругман дека според одредени индикатори инфлацијата во САД најверојатно го достигна својот врв. Оттаму, зголемувањето на референтната каматна стапка од страна на америкнската централна банка делува сигнализирачки и помага во насока на намалување на инфлацијата, но добро е што најверојатно нема да бидат потребни толку многу покачувања на каматната стапка како што изгледаше претходно. Кругман очекува значителна инфлација да има во период од година дена, или нешто повеќе, но не после тоа. 

Второ, за опасноста од рецесија. Оценката на Кругман е дека економијата е „прегреана“ и дека е неопходно таа да се „олади“. Колку е „прегреана“, тој вели никој не знае. Клучен момент е оценката дека инфлацијата не стана широко распространета, како што тоа беше случај во 1970тите години. Со други зборови, нема толку големи и длабоко втемелени инфлаторни очекувања. Носителите на економските политики имаат ограничени можности за справување со ситуацијата, но сепак го прават потребното, ја зголемуваат референтната каматна стапка и најавуваат подготвеност да преземат што е потребно за спуштање на инфлацијата. Важно е што (ќе) се случува со инфлацијата за да се знае колку справувањето со неа може да делува во насока на забавување на економскиот раст. Клучно за Кругман е тоа дека нема фундаментални нерамнотежи во економијата. Оттука, тој посочува дека во дадените околности целта е да се обезбеди „меко спуштање“ на економијата. Постои значителна веројатност да има благо економско забавување или некаква рецесија, но ништо драматично. Во секој случај економијата ќе се движи под производниот капацитет.

Трето, за очекувањата за тоа што ќе се случува на малку подолг рок. Според Кругман, историски гледано, она што сега се случува со американската економија е најблиску до она што таа го преживеала во 1949 година. Тешко е да се предвидат случувањата во економијата на среден рок. Фактор со важност се демографските случувања. Ниските стапки на наталитет доведуваат до ограничена побарувачка на подолг рок. Не се очекува стагфлација, како комбинација на висока инфлација и ниски стапки на економски раст. Кругман оценува дека во последните 15 години иновациите во некои технолошки сектори беа разочарувачки. Според него постои неверојатен технолошки прогрес кај технологиите за „зелен“ економски раст. Можностите за „позеленување“ на растот ги оценува како огромни, но потребна е политичка волја и решеност.   

Четврто, за промената на обликот на глобализацијата. Според Кругман, се наоѓаме во нова ера. Трговијата, според своето учество во глобалниот бруто домашен производ, го достигна својот врв во 2008 година. Се појавија проблеми во синџирите на снабдување. Сега веќе, ако тие вклучуваат снабдување од далечни дестинации тогаш носат со себе логистички проблеми и ризици. Фактор од значење е дали постои соработка со економии под автократски режими. Во вакви околности, може да се очекуваат промени кај синџирите на снабдување и нивно скратување, односно преселба на производството на поблиски и помалку компликувани дестинации. Важно е да се истакне дека Кругман не очекува производството што вклучува значајно учество на работната сила, трудоинтензивното производство, да се врати назад во развиените економии каде што платите се високи. Наместо тоа, поверојатно е производството да се префрли поблиску до големите пазари, на пример, за американските компании од Азија во Мексико, а за европските компании од Азија во југоисточна Европа. И, притоа, при изборот на дестинацијата каде што ќе се префрли производството важно ќе биде дали во земјата на „новото“ производство има демократија и владеење на правото.

Ставовите на Кругман се сериозни и се темелат на длабок аналитички приод и акумулирано искуство. Генерално се согласувам со насоката на неговите размислувања, но сепак некои ставови ми изгледаат малку преоптимистички. Најверојатно тоа доаѓа оттаму што тој ги гледа работите првенствено низ призмата на американската економија. Мислам дека тој агол на гледање на работите не може да биде целосно ист со оној за европската економија која е многу повеќе изложена на негативните последици од војната во Украина, цената на енергијата, итн. Уште повеќе тоа важи за македонската економија, која е „шок апсорбер“ на меѓународните ценовни шокови на енергенсите, без оглед дали се работи за цената на нафтата, електричната енергија, гасот, итн. Притоа, не се работи само за цените туку и за опасноста да не можат да се набават во потребниот момент одредени суровини потребни за производството.

Во секој случај, можноста да се проследи обраќање на Кругман, како добитник на Нобеловата награда и светско име во економската наука, на СЕФФ, редовната годишна економска конференција, организирана од Министерството за финансии, беше уникатно доживување.    

ПРЕПОРАЧАНО