Перспектива
Јовановски: Што ми можеш
Зоран Јовановски
авторот е економист | 04.05.2022г.
Замислете дека имате јахта чија вредност се проценува помеѓу 600 и 750 милиони американски долари. Делува фино. Е сега замислете дека јахтата ви е одземена, ставена во владение на странска држава. Тоа му се случи на Алишер Усманов, рускиот милијардер, заради санкциите на Запдот против Русија. И тој не е единствениот. И јахтата на Андреј Мелниченко, проценета на 577 милиони американски долари ја доживеа истата судбина. Исто и уште куп други јахти на руски милијардери, вредни десетици и стотици милиони долари.
Покрај замрзнатите имоти на богати поединци од Русија, се проценува дека групацијата земји на Западот замрзна злато и девизни резерви на Русија во вредност проценета на неколку стотини милијарди американски долари. Според Си-ен-ен, набљудувано по земји, Швајцарија има замрзнато руски средства во вредност од околу 8, а Белгија во вредност од 3 милијарди американски долари, Франција во вредност од околу 800, а Холандија во вредност од 430 милиони американски долари.
Од друга страна, Русија објави дека ќе заплени и ќе стави во свое владение авиони земени на лизинг, во вредност од 110 милиони американски долари. Исто така, Русија објави дека ќе си ги присвои фабриките на компаниите од Западот кои заминаа од земјата и ќе им ги даде на стопанисување на свои домашни компании.
Ова е буквално ситуација во која посилниот на одредена територија си ја зема во свои раце „правдата“, онака како што тој си ја замислува, и прави што сака. Ова до неодамна беше незамислива ситуација и претставува трансформација на меѓународниот поредок што го знаевме досега. Пред нас се одвива процес на деглобализација, каде наместо еден, светот добива два центри.
Во вакви околности се поставува прашањето што ќе се случува со мултилатералните институции. Дали тие ќе продолжат да функционираат и дали ќе функционираат како досега. Се најавува и случува бојкот на претставниците од едната страна на состаноците на кои треба да зборува другата страна. Тешко е да се поверува дека мултилатералните институции би исчезнале, бидејќи тогаш во светот буквално би завладеала анархија. Но, легитимно е прашањето дали досегашните силни глобални мултилатерални институции постепено ќе ја губат својата моќ и значење. Дали можеби ќе бидат заменети со силни регионални институции?
Ова не е „филозофско прашање“. Ова е прагматично прашање што си го поставува секој извозник кој патем ќе размислува како да се постави во ваква ситуација. Дали ќе биде безбедно да се извезува било каде во светот или тоа во иднина ќе се прави само во пријателските земји? Пореметувањата кај синџирите на снабдување го актуелизираа прашањето за префрлање на бизнис операциите од далечна земја во блиска земја (nearshoring). Но главниот критериум за тоа каде да се префрли во иднина некој бизнис нема да биде близината на другата земја туку дали таа е категоризирана како пријателска земја. Џенет Јелен, министерката за финансии на САД неодамна рече дека во иднина „трговските врски во светот ќе се градат со земји партнери на кои им се верува дури и ако трошоците заради тоа бидат поголеми“. Светот полека се затвора во две големи групации на земји.
Клучно е дека веќе се појавува правна несигурност за водење меѓународен бизнис. Постои ризик секоја голема сила на својата територија да прави што сака, без да се осврнува на последиите од тоа. Се сеќаваме на снимките што ги пренесоа нашите телевизиски станици на почетокот од војната во Украина, кога на двајца возачи на камиони од земјава им беше наредено да ги напуштат камионите што ги возат и да заминат. За среќа, подоцна медиумите пренесоа дека со дипломатски напори и интервенција камионите се вратени, но која е гаранцијата дека слична заплена нема да се случи повторно во иднина, вклучително и после војната, при премин низ странски територии кои не се означени како пријателски.
Ризикот се проширува и понатаму. Постои опасност извезената стока да не може да се наплати. Понатаму, постои ризик од неможност да се применат меѓународните прописи и во однос на заштитата на сопственичките права поврзани со разни патенти, пронајдоци, итн. Како ќе го заштитите вашиот пронајдок или производ од копирање во „непријателска“ земја? Како ќе го санкционирате евентуалното копирање?
Разумно е да се очекува дека светот сепак нема до толку да се претвори во џунгла во која сурово ќе владее законот на посилниот. Двете нови групации ќе тргуваат меѓу себе, во поограничен обем отколку досега. Но, за малите риби од едниот свет секогаш ќе тлее макар мал ризик кога ќе треба да тргуваат со оној „другиот, непријателскиот свет“. Малите риби секогаш ќе бидат соочени со ризикот посилната риба од другата група да направи нешто што не е согласно прописите и да рече „што ми можеш“.