Перспектива

Јовановски: Зошто оваа криза има потенцијал да биде полоша за македонската економија од пандемиската криза?

Зоран Јовановски

Авторот е економист

Многумина велат, криза е криза, нема разлика, но не е така. Економските кризи имаат сличности и разлики. Едно од актуелните прашања е што да се очекува во однос на постојната економска криза, каква ќе биде таа во споредба со оваа пандемиската од која сè уште не сме излегле целосно.

Колку и да сакаме да бидеме оптимисти, работите не изгледаат добро. Мислам дека има најмалку шест причини зошто оваа, тековнава економска криза предизвикана од војната во Украина, има потенцијал да биде полоша од пандемиската.

Прво, ударот од оваа криза е неизбежен. Сите се погодени, мали и големи фирми, од овој или оној сектор. Не е важно дали нешто произведувате, што произведувате, дали давате некаква услуга или имате една канцеларија и еден компјутер. Во секоја варијанта морате да користите некој енергенс, морате да запалите светло, да го вклучите компјутерот, машината, да го вклучите автомобилот, автобусот, итн.. Ќе користите електрична енергија, природен гас, бензин, нафта, што и да е.  

Второ, ударот од оваа криза е силен. Цената на мегаватчас пред кризата беше во распон од 50 до 70 евра. Во меѓувреме таа цена се зголеми неколкукратно. Тоа е ужасен удар на страната на трошоците на компаниите и ја намалува ценовната конкурентност на нивните производи. Проблемот е во тоа што трошокот мора да се апсорбира, нема решение на краток рок.

Трето, ударот од оваа криза ќе потрае. Кризата нема да престане во моментот кога ќе престане војната во Украина, кога и да биде тоа. Јасно е дека во еден момент цената на природниот гас и на електричната енергија ќе почне да се намалува, но проценката е дека во тоа движење надолу цената нема да се врати на нивото кое беше пред да почне кризата, туку ќе се задржи на ниво во распон од 100 до 200 евра за мегаватчас. Тоа е двојно повеќе од нивото пред кризата. И, што е најважно, работите ќе останат вакви во наредните две до пет години.

Цената на нафтата веројатно малку ќе се намали во блиска иднина заради забавувањето на растот на глобалната економија, а со тоа и на глобалната побарувачка за нафта предизвикани од проблемите со пандемијата во Кина и карантинот предизвикан од пристапот на Кина за нулта толеранција за нови случаи на зараза. Но, во првиот момент кога ќе изгледа дека глобалната економијата повторно почнува посилно да заздравува побарувачката за нафта пак ќе се зголеми, а со тоа и нејзината цена, што повторно ќе ја погоди македонската економија.

Четврто, во моментот кога економската криза предизвикана од пандемијата беше со најсилен интензитет немаше инфлација. Сега ја има. И тоа во размери кои не се за потценување. За првите три месеци од годинава, во споредба со истиот период од минатата година, инфлацијата во земјава мерена преку индексот на трошоците на животот достигна 7,7%. Тоа е ниво на кое не сме навикнале во изминатите години/децении. Во најголем дел инфлацијата е увезена и се должи на зголемените цени на увезените енергенси и храна, но внесува нервоза кај економските субјекти во поглед на нивните инфлаторни очекувања. Можно е да се очекува во втората половина од годинава растот на инфлацијата да се забави, заради повисоката споредбена основа во тој момент, но во секој случај може да се очекува во просек за цела 2022 година да се задржи во распонот помеѓу 5% и 6%.  

Петто, за разлика од пандемиската економска криза, сега каматните стапки ќе имаат тенденција да растат. Процесот почна, како во светски рамки, така и во земјава. Народна банка ја зголеми референтната стапка, заради сигнализирачки ефект, а со тоа ќе се зголемат, веројатно во ист обем и каматните стапки на кредитите. Тоа ќе биде дополнителен товар за сите кредитокорисници, домаќинства и компании. Веројатно е дека ова нема да биде и единственото покачување на каматната стапка годинава.

Шесто, маневарскиот простор на фискалната политика за финансиска помош на населението и фирмите е многу помал во споредба со периодот пред пандемијата. Така, пред пандемијата, на крајот од 2019 година, државниот долг изнесуваше 40,5% од БДП и на крајот на 2021 година се зголеми на 51,8% од БДП. Во истиот период јавниот долг порасна од 49,2% на 60,8% од БДП. Ова покажува дека, без оглед во кој облик го набљудуваме долгот на државата, тој во текот на пандемијата се зголеми за десетина процентни поени. И, уште поважно, го достигна, може да се каже и го надмина, нивото во однос на БДП кое е горна граница за капацитетот на македонската економија. Затоа се вели дека во добри времиња фискалната политика треба да се води на начин што ќе овозможи создавање заштеди во буџетот на државата што ќе можат да се искористат во лошите времиња. Во периодот на пандемијата државата се задолжи и со тие пари ѝ помогна на економијата полесно да се справи со последиците од кризата.

Тој маневарски простор (за нови големи задолжувања на приватните меѓународни финансиски пазари) е речиси потрошен, а со тоа е намален и капацитетот на државата да интервенира и помага на населението и бизнис секторот во текот на оваа криза. Ова е прилично загрижувачко сознание ако се знае дека кризата ќе потрае. Се разбира, не се става под знак прашалник општата ликвидност на буџетот или стабилноста на финансискиот систем. За тоа има на располагање механизми за интервенција, механизми на Меѓународниот монетарен фонд за нашето Министерство за финансии и механизам на Европската централна банка за нашата Народна банка. Но, за секое друго задолжување, со нашето ново, повисоко ниво на задолженост на државата и во услови на глобално започнат тренд на пораст на каматните стапки, нема да може веќе државата да се задолжува по поранешните ниски каматни стапки од времето на пандемијата туку по значително повисоки каматни стапки.

Сезоната на ревизија на проекциите започна. Проекциите за растот на македонската економија ќе одат надолу, а проекциите за инфлацијата, буџетскиот дефицит и јавниот долг нагоре. Пред десетина дена Светска банка ја намали проекцијата на растот на македонската економија за годинава од 3,7% на 2,7%. Тоа е значително намалување. Да обрнеме внимание на фактот дека претходната проекција за раст од 3,7% беше од пред само неколку месеци, од јануари годинава. Поентата ми е дека како што ќе поминува времето ќе следи и нови ревизија надолу на проекцијата за раст на македонската економија за годинава. Во мај Народна банка ќе излезе со нови проекции, а исто така и Министерството за финансии најави ребаланс на буџетот.

На листата на очекувани најголеми губитници од војната во Украина на прво место е украинската, па руската и трета е европската економија. Ние сме дел од европската економија и индиректно преку проблемите кај европската економија ќе се таложат проблеми и во македонската економија. Работите не одат кон добро и ќе потраат. Треба ментално да се подготвиме за тоа, сите, и домаќинствата, и бизнис секторот, и државната администрација. Ни треба смиреност, реална оценка на состојбите и добра организација. Создавање на привид на нормалност никому нема да му помогне. Напротив.


(Економија и бизнис, печатено издание, мај 2022г)

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано