Перспектива
Јовановски: За амбасадорите наши, сегашни и идни.....
Зоран Јовановски
Авторот е економист
Знаете ли зошто она што кај нас се вика Министерство за надворешни работи во Унгарија се вика Министерство за надворешни работи и трговија?
Унгарија кај нас најмногу се спомнува заради тамошното присуство на поранешен македонски премиер, заради некој актуелни случувања, како што се парламентарните избори што се одржаа пред неколку дена или случувања поврзани со разновидните погледи и оценки за општествените процеси во таа држава. Овој текст нема намера да се занимава со било што од тоа.
На почетокот од ноември минатата година присуствував на состанок на претставници на стопанските комори од Коморскиот инвестициски форум, по една комора од шесте земји членки на Западниот Балкан, со претставници на стопанските комори од четирите земји на т.н. Вишеградска група (Чешка, Словачка, Унгарија и Полска). Состанокот се одржа во Будимпешта и овозможи добра размена на мислења. Но, во оваа прилика, сакам да се осврнам на нешто друго, доста поучно за нас.
Најпрвин, чисто за илустрација, според податоците на Светска банка, Унгарија е земја со бруто домашен производ од 163,5 милијарди американски долари во 2019 година. Намерно ја земаме 2019 година затоа што тоа е последната нормална година пред почетокот на пандемијата. Во таа година Унгарија остварила извоз од 122,2 милијарди американски долари што претставува 74,7% од бруто домашниот производ. Притоа, продала 4.007 различни производи во 208 земји. Топ 5 најголеми извозни пазари за унгарски производи се Германија со учество од 27,7%, Словачка со учество од 5,2%, Италија со 5,1%, Романија со 5% и Австрија со учество од 4,6% од вкупниот извоз на Унгарија. Фактот дека Унгарија извезува во многу земји, а топ 5 земјите од листата заедно опфаќаат 47,6% од вкупниот извоз покажува дека Унгарија има диверзифицирана географска дистрибуција на извозот.
Исто така, постои и нешто што се вика индекс за пенетрација на извозни пазари. Тој го покажува бројот на земји во кои извезувате некој производ поделен со бројот на земји што известуваат дека го увезле тој конкретен производ во текот на таа година. Во 2000 година овој индекс за Унгарија имал вредност 8,7, во 2019 година веќе 12,55.
За споредба, податоците на Светска банка покажуваат дека бруто домашниот производ на земјава во 2019 година изнесувал 12,5 милијарди американски долари. Сме извезле во вредност од 7,2 милијарди американски долари што претставува 57,6% од нашиот бруто домашниот производ. Тоа е значително пониско од Унгарија. Сме продале 2.941 различен производ во 140 земји. Значи, помалку видови производи и во помалку земји. Петте земји во кои најмногу извезуваме заедно учествувале со 68.1% во вкупниот извоз на земјава. Тоа значи дека имаме понизок степен на диверзифицираност на нашиот извоз.
И нашиот индекс за пенетрација на извозни пазари има пониска вредност. Во 2000 година изнесувал 2,43, во 2019 година 3,84. Има пониска вредност од унгарскиот за 3,3 пати.
Сите посочени податоци служат за илустрација на разликата во остварувањата кај извозот. Јасно е дека подобрите перформанси кај унгарскиот извоз се должат на редица фактори, поголема технолошка развиеност на економијата, повисока продуктивност, ценовна конкурентност, итн. Но, еден од факторите е и улогата на дипломатијата.
Да се вратиме на настанот од почетокот на текстот. На средбата помеѓу претставниците на стопанските комори и придружните настани во Будимпешта учествуваа и претставници на Министерството за надворешни работи и трговија на Унгарија. Од разговорот со нив сфатив дека ништо не е случајно. Називот на нивното Министерство за надворешни работи го содржи зборот „трговија“, во смисла надворешна трговија, за да и’ помогне на надворешната трговија на земјата, да им помогне на извозниците. Делумно и заради тоа имаат повисока вредност на индексот за извозна пенетрација и успеваат да се пробијат на поголем број пазари. Очигледно, сето тоа не се прави хаотично, туку на структуриран, систематизиран начин, преку она што се нарекува економска дипломатија.
Логично беше да се праша како функционира тоа во пракса. Одговорите беа исклучително јасни и прецизни. Секој унгарски амбасадор има утврдени цели во однос на подобрување на економската соработка помеѓу Унгарија и земјата во која е пратен. Тие цели се утврдени на годишно ниво и според остварувањето на тие цели се оценува успешноста во работењето на амбасадорите.
Неизбежно беше прашањето дали испраќаат како амбасадори и лица кои не се економисти, на пример, писатели, уметници и сл.? Одговорот беше дека испраќаат, но дека и за нив важат истите цели што треба да се исполнат! Дипломатијата бескомпромисно ставена во функција на националната економија.
Јас нескромно ќе кажам дека нашата дипломатија треба да се ослободи од две работи. Прво, да се ослободиме од помислата дека нешто многу големо и значајно зависи од нас во светски рамки и дека ние ќе влијаеме на светските текови. Значи, нашите амбасасори не одат во светот за да ја решаваат „високата политика“. Ова не значи дека сме безначајни туку дека немаме големо влијание и дека за светот нашите потези имаат прилично протоколарно значење. Но, кога веќе имаме дипломатска мрежа не смееме да си дозволиме сопствените скудни дипломатски ресурси да не ги искористиме максимално за економски развој на земјава. Второ, треба да се ослободиме од тоа дека дипломатијата треба да биде „наградно“ патување за заслужни партиски кадри, кои и да се тие. Тоа можеби можат, во прилично ограничен и географски внимателно фокусиран обем, да си го дозволат „големите играчи“ на светската сцена, но ние не.
Ние треба максимално да се посветиме и многу добро да се организираме за да ја ставиме нашата дипломатија во целосна функција на развој на македонската економија, извозот и привлекување на странски инвестиции. Ова е најважно, затоа што е помош за отворање нови работни места и за повисок животен стандард на нашето население. Економските промотори кои се праќаат во странство имаат значајна функција, но тоа не е супститут за примарната идеја. Амбасадорите лично треба да имаат годишни (квантифицирани) цели за унапредување на економската соработка со земјата во која се пратени и така треба да се оценува, контиуирано, секоја година, успешноста на нивниот ангажман. Примерот на Унгарија е многу илустративен и покажува дека многу побогати и поразвиени земји од нас го сфатиле ова и соодветно се поставиле и работат. Што е она што ние не го разбираме во процесот?