Перспектива

Јовановски: Бизнисот без добивка век не векува!

Зоран Јовановски

Авторот е економист

„Среќата со пари не се купува, љубовта без мерак век не векува“ е рефренот на една добро позната македонска народна песна. Убавината на народните мудрости е во тоа што тие се бруселе со децении, го положиле тестот на времето и се преточиле во песни или текстови. И што е многу важно, без оглед на нивната форма, со народните мудрости се кажани големи вистини со малку зборови.
Можеби на прв поглед изгледа парадоксално, но може да се повлече одредена паралела меѓу народната мудрост за љубовта и меракот од една страна, и бизнисот и добивката од друга страна! И, сето ова да се стави во контекст на економските односи на нашата земја со Бугарија.
Зошто би било важно да се направи тоа? Затоа што, во вителот на дипломатско-политичките случувања и меѓудржавна комуникација меѓу земјава и Бугарија провејува, меѓу редови, теза за обесправеност и оневозможување на поголемо зближување на двете земји, двата народи, вклучително и поголема економска соработка. Таа е опасна теза која заслужува фер и објективен пристап и разгледување во обем што овој формат на пишување го дозволува. Затоа, да погледнеме што покажува еден базичен пресек на некои од досегашните економски случувања. Прикажани се податоците заклучно со 2019 година за да се елиминираат пореметувањата предизвикани од пандемијата со Ковид-19.

Надворешно-трговска размена
Податоците во графиконот 1 покажуваат дека во периодот 2005-2019 година сме увезувале стоки од Бугарија во значителен обем, во просек во вредност од 264 милиони евра годишно. Карактеристично е дека нема големи осцилации во номиналниот износ и дека по скокот во 2011 година нивото на увоз генерално гравитира околу 300 милиони евра.
Графиконот 2 го прикажува процентуалното учество на увозот од Бугарија во вкупниот увоз на земјава. Може да се види дека увозот од Бугарија не го следи вкупниот пораст на увозот во нашата земја, со оглед на тоа што иако номиналниот износ на увозот е генерално стабилен, учеството на увозот од Бугарија има опаѓачки тренд од 2011 година наваму. Сепак, и покрај тоа, Бугарија котира високо на листата на земји од кои најмногу увезуваме и во 2019 година е на осмо место.
Третиот графикон го покажува салдото на размената со Бугарија. Може да се види дека со исклучок на 2008 година и 2017 година кога сме имале суфицит од 23, односно 1 милион евра, соодветно, во сите други години сме имале дефицит во надворешно-трговската размена со Бугарија. Во 4 од набљудуваните 15 години дефицитот бил поголем од 90 милиони евра годишно. Чисто за илустрација, во периодот 2005-2019 година вкупниот дефицит во размената со Бугарија изнесува 663 милиони евра.
Сето ова покажува дека во набљудуваниот период Бугарија е наш значаен надворено-трговски партнер кој остварува добра заработка од таа соработка.

Странски директни инвестиции
Графиконот 4 покажува дека, иако со нерамномерна динамика, правните лица од Бугарија имаат интерес за инвестирање во нашата земја. Тој интерес се материјализира континуирано. Во набљудуваниот период од 15 години, во 11 години повеќе средства се инвестирале од Бугарија во земјава одошто се повлекле таму.
За целиот период 2005-2019 година странските директни инвестиции од Бугарија во земјава, на нето основа, изнесувале вкупно 161,6 милиони евра.

Банкарски сектор
Некој можеби ќе си помисли дека странски директни инвестиции од Бугарија има, но дека веројатно се во сектори кај кои нема некаква контрола или процес на одобрување од државен орган или независна државна институција. Логиката на ваквото размислување би била дека некој би го кочел влезот во секторите во кои треба некакво одобрение за работа. Но, не е така. Ќе го земеме на пример, банкарскиот сектор како еден од најстриктно регулираните сектори на секоја национална економија.
Согласно последните јавно достапни информации од Народна банка со состојба 30.09.2021 година, на македонскиот банкарски пазар учествуваат 13 банки. Кога од нив ќе се исклучи Развојната банка, која е во државна сопственост и има специфична улога, остануваат 12 приватни банки. Дури 3 од овие 12 приватни банки се со доминантен капитал на бугарски правни лица. Тоа значи дека дури една четвртина или 25% од вкупниот број приватни банки на македонскиот пазар се во бугарска сопственост и добиле овластување за работа на тукашниот пазар. За споредба, на нашиот банкарски пазар покрај трите банки во сопственост на субјекти од Бугарија, има исто толку банки со доминантна сопственост на македонски субјекти, и само по една банка со доминантен капитал или мајка-банка од Грција, Австрија, Турција, Словенија, Германија, Швајцарија. Патем, нема ниту една банка во доминантна сопственост на субјекти од другите соседни земји, Србија, Албанија, Косово.
Збирното учество на трите банки во сопственост на бугарски правни лица во вкупната актива на сите приватни банки во земјава изнесува 6,3%, учеството во вкупните кредити одобрени на нефинансиски друштва и на домаќинства изнесува 7%, а учеството во вкупните депозити на нефинансиски друштва и на домаќинства изнесува 6%. Тоа значи дека процентуалното учество во параметрите што го покажуваат обемот на активности на банките во бугарска сопственост на македонскиот пазар е пониско од нивното процентуално учество во вкупниот број на приватни банки на пазарот. Но, тоа е одраз на нивото на капитализираност и апетитот за ризик на овие банки. Она што е важно е дека не постои пречка било која банка во земјава значително да се докапитализира, да ги зголеми своите активности и да го зголеми своето учество во вкупните активности на целиот банкарски систем. Тоа зависи од самите банки и ниту една не е попречена во тоа.

Туризам
Една од областите каде што исто така се гледа дека постои растечка соработка помеѓу двете земји е туризмот. Во периодот 2015-2019 година бројот на странски туристи што ја посетиле земјава постојано се зголемувал, од 485.530 лица во 2015 година на 757.593 лица во 2019 година. Истовремено, се зголемува и бројот на туристи од Бугарија. Пресметан преку процентот на учество во вкупниот број на странски туристи, бројот на туристи од Бугарија се зголемил од 36,2 илјади во 2015 година на 66,2 илјади во 2019 година. Графиконот 5 го покажува бројот на туристи од Бугарија по поодделни години.
Она што е уште поважно е дека во периодот 2015-2019 година бројот на туристи од Бугарија растел побрзо од порастот на вкупниот број странски туристи. Така, учеството на бројот на туристи од Бугарија во вкупниот број на странски туристи во земјава пораснал од 7,48% во 2015 година на 8,74% во 2019 година. Посетителите од Бугарија се меѓу најбројните што ја посетуваат земјава. Разумно е да се претпостави дека не би доаѓале доколку не се чувствуваат пријатно.

Инфраструктурно поврзување
Никој не може да биде задоволен од тековниот статус на инфраструктурната поврзаност помеѓу нашите две земји. Со децении немаме автопат што ги поврзува двете земји, немаме железничка линија, немаме директна авионска линија. Објективен набљудувач би рекол дека од македонска страна во досегашниот период постоел поголем интерес за поврзување. Сепак се преземени одредени инфраструктурни зафати поврзани со изградбата на железничка пруга, преземени се чекорите за меѓугранично поврзување кај Берово (месноста Клепало), итн. Македонската страна не може да се чувствува виновна за тоа што досега не биле преземени позначајни чекори од бугарска страна.
Добро е што ќе се воведе директна авионска линија Скопје – Софија. Но, треба да се биде внимателен во оптимизмот околу таа работа. Го имаме искуството од воведувањето на директна авионска линија Скопје-Киев на 06 декември 2020 година, која што беше укината после два месеци, на 02 февруари 2021 година. За сувоземна оддалеченост од 244км веројатно пологично е поврзување на Скопје со Софија со автопатско или железничко решение.

Пунктови за вин-вин соработка
Можностите за соработка помеѓу нашите две земји се големи. Зошто тие можности досега не се искористени е прашање на кое нема лесен одговор. Сигурно е дека може да се воспостави подлабока соработка во областа на медицината и образованието. Исто така, може да се истражи кои се сегментите на националните економии кои имаат компатибилност потребна за соработка и евентуално заеднички настап на трети пазари. Дали се тоа ИТ секторот, прехранбената индустрија, текстилната индустрија, металната индустрија, тоа треба да се испита.

Наместо заклучок
Она што посочените податоци недвосмислено го покажуваат е дека македонската економија, правните лица и граѓаните како потрошувачи, историски не покажале анимозитет кон никого. Ниту кон нечии производи што се продаваат на македонскиот пазар, ниту кон странски инвестиции. Исто така, и државата не користела вештачки препреки за влез. Напротив.
Затоа во сите графикони се ставени и податоци за Грција. Тоа е нашиот сосед со кој од нашето осамостојување како држава сме имале најголеми проблеми и тоа не само супер сензитивни политички проблеми (промена на знамето, промена на името на државата), туку и конкретни економски егзистенцијални проблеми (период на трговско ембарго, спуштена рампа на границата и оневозможено користење на пристаништето во Солун, нашиот природен пристап кон морето) во моменти на исклучително висока ранливост на македонската економија.
Податоците за Грција покажуваат дека и покрај се, увозот од Грција е значително поголем во споредба со тој од Бугарија, во периодот 2005-2019 година нашиот надворешно-трговски дефицит од размената со Грција изнесува фрапантни 3,5 милијарди евра, во истиот период од Грција имаме странски директни инвестиции во нето износ од 185 милиони евра, што е за само 23,4 милиони евра повеќе од инвестициите од Бугарија.
Значи, никој никого не го мрази во земјава и никој никого не го оневозможува да влезе на овој пазар или да ги продава своите производи. Но, она што е многу важно да се разбере е дека приватниот сектор тука функционира според принципите на пазарната економија. Ако некој од странство сака да купи некоја приватна компанија, банка или друго правно лице, тоа може слободно да го направи. Потребно е странскиот купувач да најде продавач од македонска страна, да се договорат за цената и толку. Тука нема значење дали ќе има некакви средби на политичарите на меѓудржавно ниво. Исто како што немало никакво значење дали има политички средби на посебни работни групи кога во минатото со моето семејство сме одлучувале да одиме на зимување во Боровец.
Како што вели и народната песна на почетокот од текстов. „Среќата со пари не се купува, љубовта без мерак век не векува“. Истото важи и за економската соработка. Ако таа има економска смисла, вклучените компании профитираат, тогаш соработката ќе се случува сама од себе, не и’ треба политиката. Но, и обратно, што би се рекло, во духот на песната: Бизнисот без добивка век не векува!


(Економија и бизнис, печатено издание, март 2022г)

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано