Перспектива

Јовановски: Принципи за економски мерки

Зоран Јовановски

Авторот е економист

Ја имав среќата да посетувам десетнеделна, во тој момент најсеопфатната обука,  во седиштето на Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон во веќе далечната 1994 година. На едно од предавањата се дискутираше за можните решенија во услови на недостиг на леб. Учесниците почнаа да посочуваат можни решенија, меѓу другите, да се замрзне цената на лебот. Во тој момент предавачот рече да претпоставиме дека тој е милионер и не му е проблем да ја плати повисоката цена на лебот што ја наметнуваат пазарните околности. И праша:  а зошто тој би го купувал лебот, како и сите други, по замрзната, непазарна цена? Оваа куса лекција од пред триесетина години си го најде своето место во мојата меморија и испливува оттаму на површината секогаш кога постојните економски околности ќе го предизвикаат тоа. Економските случувања што ги гледаме повикуваат да се осврнеме на некои принципиелни прашања.

Во време на криза, без разлика од што е предизвикана, секаде во светот владите преземаат економски мерки за полесно справување со последиците од кризата. Во такви моменти секогаш се поставува прашањето дали постојат некакви дефинирани генерални принципи што мерките треба да ги исполнуваат и доколку постојат, дали таквите принципи се почитуваат. Во земјава досега не се елаборирани јавно вакви принципи па во такви околности да спомнам неколку за кои мислам дека би требале да бидат задолжително исполнети пред употребата на економски мерки.

Првиот принцип е принципот на меѓугенерациска солидарност

Било какви економски мерки не смеат да ги уназадат животниот стандард на идните генерации и долгорочните перспективи на македонската економија. Мора да постои она што се нарекува меѓугенерациска солидарност. Тоа значи секоја генерација да си го земе својот дел од одговорноста и товарот на проблемите, а не сè да се префрли на идните генерации. Зошто во зима не одиме во шумите да ги исечеме сите дрвја за да се грееме? Затоа што треба да останат шуми и за тие што доаѓаат после нас.

Важен столб на меѓугенерациската солидарност е начинот на финансирање на економските мерки. Можат да се дизајнираат економски мерки што би биле и поиздашни, ако за тоа имаме веќе заштедени пари во буџетот на државата затоа што сме се однесувале одговорно изминатите години или децении. Но, ако сакаме издашни мерки, а сето тоа треба се финансира со задолжување на државата, тогаш тоа е поинаква приказна. Задолжувањето денес за да финансираме исплата на плати во целосен износ и слични тековни расходи значи дека ние всушност само си го чуваме комодитетот, како да не постои криза. На тој начин парите ќе бидат потрошени од сегашната генерација, без да се создаде нова вредност, а тоа ќе го отплаќаат идните генерации. Со тоа, сегашната генерација ќе го загрози животниот стандард на идните генерации. Ние немаме право да го правиме тоа. Ние мораме како генерација да се прилагодиме на околностите што ги наметнува било која криза со која се соочуваме и да си го земеме својот дел од товарот, макар тоа значело и полоша живеачка од порано. Не звучи пријатно, ама така е праведно.   

Вториот принцип е принципот на максимално ефикасно користење на парите од буџетот на државата

Ова значи дека секој денар што излегува од државниот буџет треба три пати да се премери пред да се алоцира и потроши за некоја антикризна економска мерка. Тоа се прави преку прецизно насочување на помошта на оние на кои сакаме да им помогнеме или модерно кажано со таргетирање на ефектите од мерките. Првиот чекор е одговор на прашањето: кому всушност сакаме да му помогнеме со економските антикризни мерки? Само на граѓаните, или и на фирмите? На сите граѓани или само на одредена група граѓани, на пример социјално најранливите граѓани? На ниво на поединец или на ниво на семејство? На сите фирми или само на оние што имаат иднина, односно би работеле добро кога би немало криза?

За секое од овие прашања мора да има јасен и прецизен одговор затоа што парите со кои може да се помогне преку антикризни економски мерки се секогаш лимитирани. Како што рековме на почетокот. Зошто некој милионер би купувал леб по цена што е замрзната на непазарно ниско ниво, ако тој може да ја купи цела пекара заедно со лебот внатре? Многу поефикасно би било цената на лебот да е одмрзната и пазарна за да воопшто некој го произведува лебот и да го има, никој нема да произведува било што по цена што е пониска од трошокот за производство и на тој начин да работи со загуба. Или, зошто би се субвенционирала цената на струјата за сите, вклучително и за оние што можеби „копаат“ биткоини некаде или ги загреваат базените. Тоа би била неефикасна економска мерка и неефикасно користење на парите од државниот буџет. Наместо тоа, ако со економските мерки помошта се насочи кон социјално најранливите семејства, не поединци, кои имаат вкупни месечни приходи под некое утврдено ниво, и на таквите семејства им се дава одреден износ на финансиска помош (на пример, во форма на ваучери) за купување основни прехранбени производи или плаќање на сметките за струја, тогаш шансите се најголеми економските мерки да бидат ефикасни и да го исполнат вториот принцип, односно да се добие најголем ефект за потрошените пари од државниот буџет. И, не само тоа. Така ќе останат пари што ќе можат да се употребат за помош и на фирмите што имаат иднина, врз основа на утврдени критериуми, се разбира,  и кои без кризата успешно би работеле.

Друга важна работа е дека треба да се внимава во однос на времетраењето на антикризните мерки. Самиот збор „антикризни“ укажува дека одлуките за финансиска помош треба да бидат од привремен карактер, односно додека заврши кризата. Секаков потег кој е поврзан со последиците од одредена кризна состојба, но нема ограничено времетраење додека заврши кризата ќе го предизвика она што економистите го викаат ефект на „перманентен шок“, бидејќи последиците за буџетот на државата ќе станат трајни. Тоа не смее да биде случај.

Уште еден многу важен елемент кај насочувањето на државната помош од државниот буџет е дека тоа насочување треба да биде максимално објективно. Појасно кажано, не треба да има било каква врска со политички цели, таргет групи на гласачи, подготовки за избори, итн.

Третиот принцип е принципот на носење одлуки врз основа на анализи на податоци

Мора да се знаат проценетите фискални последици, не само краткорочни, туку и среднорочни, за било која мерка. Ако ја продолжиме мислата од претходниот принцип тогаш практичната примена би значела дека Управата за јавни приходи би требала да има софтвер со кој податоците за вкупните месечни приходи би се обработувале на ниво на семејство. Тогаш би преостанало само да се повлече цртата на нивото на месечни приходи по семејство кое ќе биде граница. Сите семејства со вкупни приходи под тоа ниво би се квалификувале да добијат таргетирана финансиска помош од државата за купување основни прехранбени производи и плаќање на (дел од) сметката за струја. Би се знаел бројот на такви семејства и би можело да се анализира и утврди какви се финансиските последици за државниот буџет ако се менува границата на месечни приходи или износот на финансиска помош што би им се давал. Доколку Управата за јавни приходи нема софтвер за анализа на податоците тогаш треба државата да ѝ  обезбеди ИТ поддршка за да развие таков софтвер во најкус можен рок.

Сите овие принципи не се поврзани само со антикризни економски мерки. Тие се поврзани со било какви мерки што значат одлив на финансиски средства за помош на економијата, без оглед дали се, на пример, субвенции во земјоделието итн.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано