Перспектива

Јовановски: Триесет години независна држава. Што научивме (или не научивме)?

Зоран Јовановски

Авторот е економист

Обично јубилеите се повод за разни прослави. Но, некогаш јубилеите можат да бидат и повод да подвлечеме црта, да ги согледаме работите и да извлечеме поуки за иднината.
Осми септември 1991 година. „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“ Вака сроченото референдумско прашање доби позитивен одговор од 95 % од сите што излегоа да се изјаснат, а излегоа 71,8 % од вкупниот број граѓани со право на глас. И, станавме независна држава. Се оствари сонот на бројни генерации Македонци.
Септември 2021 година, 30 години подоцна. Во меѓувреме се случија тектонски промени во земјава, како во главите, така и во стомаците. Го напуштивме еднопартискиот систем, преминавме во повеќепартиски систем. Го напуштивме социјализмот, преминавме во капитализам. Се случи приватизација. Приватизирани според ист закон, некои компании брзо и болно пропаднаа, други станаа регионални гиганти. Тектонското нарушување на економските текови на државава се санираше во еден подолг временски период.
Економски ние бевме најсиромашната република на Југославија во моментот на распадот на земјата. Оттогаш наваму, за период од 30 години, нормално е да се очекува статистичките податоци од разновидни извори да покажат подобрување. Иако за некои податоци нема воедначени временски серии или се менувале методологиите, сепак, еве некои основни параметри. На пример, за периодот 1992 – 2020 година, просечната годишна стапка на пораст на бруто-домашниот производ на земјава изнесува само 1,6 %. Со сето разбирање за почетната многу тешка состојба во која се најде македонската економија по распарчувањето на 20-милионскиот југословенски пазар и сведување на 2-милионски македонски пазар, остварениот економски раст, сепак, е недозволиво низок за земја која сака да го подобри животниот стандард на населението и сака да го намали заостанувањето во однос на поразвиените земји. Во апсолутни големини, бруто-домашниот производ, по постојани цени, во 1992 година изнесувал 6,7 милијарди американски долари, во 2020 година 11,2 милијарди американски долари.
Истовремено исклучително сме успешни во одржувањето на цените на ниско и стабилно ниво. Почетната инфлација од 349,8 % во 1993 година ја сведовме на едноцифрено ниво во 1995 година, а за целиот период од 1996 година, па заклучно со 2020 година, инфлацијата во просек изнесуваше само 2 % годишно. Го стабилизиравме и девизниот курс на денарот во однос на германската марка, а потоа и еврото. Од ситуација на „црн“ девизен пазар по распадот на Југославија, дојдовме до тоа девизниот пазар да функционира најнормално и курсот на денарот во однос на германската марка и еврото да е непрекинато непроменет речиси 24 години.
Во изминативе три децении го зголемивме извозот, во 1993 година беше една милијарда, а во 2020 година 6,6 милијарди американски долари. Тоа во голема мерка се должи на извозот на компаниите кои се странски директни инвестиции во земјава, особено компаниите од автомобилската индустрија, но успех е и што воопшто сме успеале да ги привлечеме тука да отворат производствени погони. Многу е важно да се истакне дека редица работи, за кои не сме создале сопствени државни пари за да ги финансираме, „сме ги покриле“ со задолжување во странство. Бруто-надворешниот долг кон странство, кој според една методологија во 1993 година изнесувал 1,1 милијарда американски долари, а според изменета методологија изнесувал 2,8 милијарди во 2004 година, во март 2021 година достигна 11,5 милијарди американски долари.
Но, не е сè во податоците. Тие се само рефлексија на она што сме го правеле како држава. Триесет години е временски период кој е доволен да се направат големи работи ако се има визија и се знае што се сака. Затоа кога човек ќе се сврти наназад и ќе ги погледне работите не може, а да не се запраша: Што научивме, а што не научивме во изминативе три децении? Сè што пишувам понатаму е во прво лице множина затоа што одговорноста е колективна, заедничка на сите нас.

Кратковидост или долгорочна визија
Ова е една од најважните ненаучени лекции која носи и најтешки последици. Не научивме дека светот ниту започнал ниту ќе заврши со нас и дека ние сме тие што го носат факелот само во еден краток временски период колку што трае човечкиот живот, со сите можности и одговорности додека е во тек „нашата смена“. Моето разбирање на работите е дека секоја генерација има задача да ѝ обезбеди на следната генерација подобра стартна основа во животот од онаа што самата ја имала. Но, ние немавме долгорочна визија, немавме јасно дефинирана цел каде сакаме да бидеме по 10 до 20 години, немавме стратегија и оперативен план. Ги немаме ни денес за наредните 30 години. Сè уште не сме одлучиле какво општество сакаме, каква пазарна економија сакаме, заглавени во расчекор меѓу барањата што ги носи новото време и навиките, сфаќањата и очекувањата од времето на социјализмот.
Немајќи долгорочна визија и не разбирајќи го сопственото место во просторот и времето, не разбирајќи дека сме само точка во историската нишка, не научивме дека има идеали што се свети, за кои не се преговара и кои не можат да бидат предмет на договор или трговија затоа што за нив многумина во минатото го дале својот живот. Немајќи доволно чувство за тоа што значат државност и суверенитет, не разграничувајќи меѓу национализам и патриотизам, немајќи внатрешно чувство за корените – онаа искра што секој треба да ја носи во себе и која се учи најпрвин дома, а потоа на училиште, почнавме да наликуваме на кајче без котва, оставено водата да го носи каде што ќе стигне.
Наместо долгорочна визија, „научивме“ да бидеме кратковиди, да ја гледаме само краткорочната корист, да грабнеме колку што е можно повеќе за сметка на идните генерации. Задолжи се и „расфрли ги парите од хеликоптер“. Никој не се побуни кога платите и пензиите се зголемуваа со пари позајмени од странство. Никој не се побуни за неефективноста на субвенциите во земјоделието, што нивната исплата не мора нужно да е условена со поголемо или поквалитетно (органско) производство. Кратковидиот пристап од изминативе 30 години е јасен: ако немаме – ќе позајмиме и ќе потрошиме, додека има – има, кога ќе снема – тогаш ќе му ја мислиме! Кога една земја нема пристап со кој се грижи за работите долгорочно, а не само колку што трае еден политички циклус, тогаш со текот на времето општеството запаѓа во најразлични проблеми кои обично не можат да се решат набрзина. Проблемите можат да бидат поврзани со финансиите, енергетиката, животната средина, здравството... И цената за сето тоа незаслужено паѓа на грбот на младите генерации кои ќе мораат да ги враќаат долговите. Или допрва ќе падне на грбот на идните пензионери.

Потребите на општеството или потребите на политичката партија и нејзините членови
Во текот на цели 30 години не научивме или не сакавме да научиме дека потребите на која било политичка партија и нејзините членови мора да бидат подредени на потребите на општеството и сите граѓани во него. Но, наместо тоа, општеството максимално се исполитизира, што неизбежно води до тензии и негова парализа секогаш кога треба да се донесе некаква покрупна државна одлука. Потребите на која било владејачка партија и нејзините членови станаа одредница за тоа по кој пат да се насочи земјава со што се зацементира краткорочниот пристап на владејачките структури. На политичките партии почна да се гледа како на агенции за вработување, а на влезот во политика и политичкиот ангажман како влезница за светот што обезбедува (брзо, лесно и најчесто незаслужено) подобар личен животен стандард.
И, не само тоа. Бруталната политизација на сите пори на општеството и моќта што произлезе од тоа да се биде дел од власта создаде привид (можеби и реалност) дека партијата е над државата, што го трасираше патот кон она што се вика селективна правда, амбиент во кој партијата за некого всушност станува одбранбениот ѕид против раката на правдата.

Негативна селекција или меритократија
Директна последица на сеопштата политизација е негативната селекција. Во изминативе 30 години како што поминуваше времето, така стануваше сè помалку важно да си квалитетен, да си образован, да имаш знаења и вештини потребни за извршување на некоја работа во јавната администрација. Поважно стана да имаш некаква „припадност“, партиска, етничка... Слабеењето на капацитетот на таа администрација е автогол за иднината на земјава затоа што јавната администрација е столбот од кој зависи успехот на која било сериозна реформа и таа треба да биде високопрофесионална, добро екипирана (но, не претрупана) и добро платена. Муабетите за меритократија, за избор на најдобрите при вработувањето, за напредување на најспособните итн. останаа да се вртат како своевидна орална гимнастика.

Образование, квантитет или квалитет
На почетокот од 80-тите години од минатиот век, кога бев во трета година гимназија, пет соученици од мојот клас не ја поминаа годината и мораа да повторуваат. Не затоа што беа лоши, туку затоа што системот бараше одредено ниво на знаење и не попушташе. И сето тоа беше најнормално прифатено од сите. Така беше порано, мораше да се седне и да се учи, немаше полесен или пократок пат.
Во изминативе 30 години, една од областите во општеството во кои дојде до најголема ерозија е секторот образование. Од една страна, добивме супер одлични ученици, ситуации каде што во клас од 30 деца дури 28 се со сите петки. Од друга страна, истите тие супер одлични имаат проблематично ниво на знаења, илустрирано со резултатите од меѓународното т.н. ПИСА-тестирање. Со други зборови, добивме номинален прогрес – многу супер одлични и суштинско назадување – генерално слабо ниво на знаења. Разводнувањето на работите со текот на времето не е изненадување ако се земе отсуството на јасна идеја што се сака во оваа област и слабо платените наставници и професори. Добивме квантитет на образовни институции и дипломи, но најчесто без потребниот квалитет што го бара пазарот на работна сила.

Единство или неединство
Научивме дека најлесно се владее со население што е длабоко поделено по сите основи. Нашето општество стана како таблета со линија на средина што ги дели двете половини (двата големи политички блока со своите приврзаници). Секој во својот свет, во борба за освојување на колачот, по секоја цена... За мала земја, со помалку од 2 милиони жители, неединството е најефикасниот рецепт за пропаѓање затоа што води до неспособност или отсуство на желба да се разговара цивилизирано и аргументирано за кое било важно прашање, да се побара мислење и од оние од „другата страна“ заради носење подобри одлуки за граѓаните и државата. Поделбите резултираат со држење на работите во затворен круг и речиси непостоечка инклузивност. Конечно, поради неединството кое постојано само се зголемуваше, плативме исклучително висока цена за редица важни државни прашања.

Криминал или владеење на правото
Еден од главните столбови на оштеството треба да е функционирањето на системот на општеството во сите негови сфери. Во тој контекст, збирот на сите поединци го дефинира и гради системот, но потоа го почитува таквиот систем. Тоа значи дека системот зависи од збирот на сите поединци кога тие го градат, но дека поединецот не може со своите индивидуални произволни потези да не го почитува системот. Прашањето е откако постои светот и векот: Системот или поединецот? Кој на кого ќе се прилагоди? Ако одговорот на ова прашање е дека поединецот е над системот и системот мора постојано да се прилагодува, тогаш нема систем. Ако тоа се случува, тогаш тоа е само поплочување на патот кон анархија, колку повеќе време поминува, толку таа станува поголема. И таа започнува да се манифестира со непочитување на правилата во сообраќајот (трки со мотори по булеварите, снимки на Тик-Ток за возење луксузни автомобили со огромни брзини), се манифестира со навреди на наставници во училиштата од страна на родители (пред децата), се манифестира со напади врз униформирани лица од пијани гости на прослави по ресторани, се манифестира со непочитување на закони (на пример, Законот за употреба на грбот, знамето и химната...?!?) итн... Сè помалку има страв од непочитување на прописите. Без оглед дали се работи за индивидуална ирационална одлука или за свесно пресметана одлука, некаде во заднината на таквата одлука е очекувањето дека за тоа нема да се одговара затоа што заштитата ќе дојде од некаде, од некоја политичка партија, по некоја етничка линија итн. На тој начин, во отсуство на страв од казна поради непочитување на законите, со текот на децениите почна да се заврстува перцепцијата дека криминалот е исплатлив. Ако резимираме, во изминативе 30 години основавме премногу институции, а произведовме премалку функционирање на еден институционален систем.

Ментален склоп: засукани ракави или „бесплатен ручек“
Со текот на времето заборавивме некои лекции кои порано ги имавме научено. На пример, сосема е јасно, ако сакаме подобро да живееме, мораме повеќе или подобро да работиме. Нема друг начин. Ако постоеше, веројатно досега некој друг ќе го измислеше. Со ова сознание израснаа бројни генерации во земјава, додуша сега веќе повозрасни. За жал, низ изминативе 30 години целосно се разводни ваквиот поглед кон работите. Се воспоставија некои нови „вредности“, се дефинираа нови „идеали“, добивме некои нови „херои“. Мнозинството не сака да ги засука ракавите, сака „бесплатен ручек“, а таков не постои, на крајот некој мора да го преземе трошокот од ручекот. Знаме дека личната инвестиција во образованието бара долготрајни напори и исходот во поглед на идниот развој на кариерата е неизвесен. Наспроти тоа, инвестицијата во политички ангажман може да е пократкотрајна и со многу поизвесен исход и затоа политиката почна да станува многу исплатлив личен „бизнис“. Тоа можеби е добро на лична основа, но е поразително за општеството. За разлика од многумина, јас мислам дека менталниот склоп што почна да доминира со текот на годините може да се промени, но потребни се храбри и одлучни чекори, упорност и доследност, и потребно е време.

Безнадежност или надеж
Ако сакаш да умртвиш еден народ, убиј му ја надежта. И тој ќе добие желба да си замине од земјата. Ако состојбата потрае, ќе заминат илјадници луѓе. И ако на почетокот заминувале од економски причини, немање работа, беспарица и сл., потоа почнаа да си заминуваат и тие што имаа работа, добра плата итн. Луѓето не се глупави. Тие разбираат дека чуда не можат да се случат преку ноќ. Но, исто и гледаат дали има или нема искрена желба за суштинско менување на работите.
Бројните кризи низ кои помина македонската економија дополнително ги оспособи искусните бизнисмени да преземаат големи чекори и да освојуваат странски пазари. Но, истовремено, како што тоа го прави секоја криза, изминативе децении изнедрија и нови млади претприемачи, но и воопшто млади луѓе кои го одбраа потешкиот пат на вистинските вредности. Дали ги имаме доволно или тие ќе останат изолирани „точки на извонредност“, ќе зависи од нашата способност да им ја одржиме надежта, да им овозможиме простор за напредок, економски, интелектуален, секаков...

Наместо заклучок
Изминативе 30 години независна држава поминавме низ бројни премрежја. Го преживеавме распадот на поранешната федерална држава, издржавме блокади на граници и прекин на главните трговски патишта за увоз и извоз, поминавме низ внатрешен етнички вооружен конфликт, го сменивме Уставот, името на државата... ни останаа еден куп лузни. За жал, многу преживеавме, малку научивме. Или не знаевме или не сакавме да научиме. Можевме многу повеќе и многу подобро. Имаше индивидуални проблесоци на сите нивоа. Луѓе кои го правеа и уште го прават тоа во што веруваат. Навистина би сакал во земјава да седнеме и да се договориме што сакаме да направиме и до каде сакаме да стигнеме кога ќе ја славиме, на пример, 50-годишнината на независноста. Со меѓусебен договор, со заемна почит, со ставање на маса на тешките прашања, со одлучност, со истрајност, можеме да успееме. Патот е тежок, ама може да се помине.
Сето ова не го пишувам поради некакви филозофски причини. Напротив, сето ова е важно од многу конкретни, опипливи причини. Колку повеќе и побрзо ги средиме работите, толку повеќе ќе оди бизнисот, ќе има нови работни места, подобар животен стандард, храна на масата, сигурни пензии…
И, за крај на овој текст, ништо не ми изгледа посоодветно од зборовите на Жан Пол Сартр: „Секој збор носи последици. Секое молчење, исто така.“
Нека ни е среќен и вечен Денот на независноста!


(Економија и бизнис, печатено издание, септември 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано