Перспектива

Јовановски: Работа во недела, кој треба да одлучи?

Зоран Јовановски

Авторот е економист

„Не мислев дека ќе работам само од 9 часот наутро до 5 часот попладне, но не мислев ни дека ќе работам од 9 часот наутро до 5 часот наутро наредниот ден.“ Со овие зборови еден од помладите банкари во прочуената Голдман Сакс го изрази неодамна своето незадоволство од времетраењето на работната недела. Во интерната анкета на банката, тие посочиле дека работната недела им трае и по 100 часови. Случајот го привлече вниманието на медиумите и фрли повеќе светлина на она што се случува зад ѕидовите на некои од светските џинови во инвестициското банкарство.

Некако во исто време оди иницијативата на Владата да се прогласи недела за неработен ден. Нешто што започна како идеја дека во недела сите треба да одмараат, па еволуираше во тоа дека сепак фирмите од некои селектирани дејности ќе можат да работат. Набљудувано од идеолошка гледна точка, можам да разберам дека една социјалдемократска влада се бори за правата на работниците и дека во тој контекст владејачката политичка партија ќе вклучи во својата изборна партиска програма „недела − неработен ден за сите кои сакаат да бидат со своите семејства“. Но, партиска програма е сепак нешто што се прави во канцеларија и владините политики не смеат да бидат заложник на сè што е наведено во таквите програми. Секоја определба од партиските програми не смее да се смета за недопирлива, туку сепак мора да го положи „тестот на пазарот“. Да се осврнеме на најважните аспекти на прашањето дали може недела да биде неработен ден онака како што е замислено. Тука не игра улога тоа што влегувањето во сила на предвидените измени во регулативата, согласно најавите од владините претставници, е одложено за почетокот на наредната година. И, да прецизираме, не зборуваме за тоа дали треба или не треба да се работи во недела, туку кој треба да одлучи за тоа.

Што ќе се случи доколку навистина недела стане неработен ден, макар и само во еден селектиран број на дејности? Притоа сосема ги поедноставувам работите и целосно го занемарувам фактот дека одредени технолошки процеси едноставно не можат да се прекинат во некој ден.

Прво, одреден број лица ќе ја изгубат работата. Причината е многу едноставна. Приватниот сектор не вработува од љубов или социјални причини, туку затоа што има потреба за тоа. Ако во недела не смее да се работи, тогаш тие фирми ќе имаат помалку работа, а со тоа и помала потреба од вработени. За државата тоа ќе значи понатамошни расходи за надоместок во иднина за лицата кои станале невработени.

Второ, приходите во буџетот ќе се намалат. Помалку работа значи помала продажба на стоки и на услуги. Со самото тоа во Буџетот на државава ќе има помалку приходи по основ на ДДВ. Исто така, со намалување на бројот на вработени, ќе се намалат и приходите по основ на придонеси итн.

Трето, ќе се намалат девизните приливи. Во текот на викендите во трговските центри доаѓаат на шопинг бројни туристи од соседните земји. За да можат да купуваат, тие мора да разменат девизи за денари. Неможноста за работа во недела ќе значи помалку туристи од странство и помал девизен прилив во земјава. Дополнително може да се очекува и дека доколку не работат трговските центри во земјава во недела и домашните лица ќе се решаваат повеќе да одат на шопинг во соседните земји каде што работат во тој ден и на тој начин да имаме одлив на девизи.

Четврто, може да се очекува неповолна реакција од странските инвеститори, и оние кои се веќе во земјава и оние кои евентуално планирале да дојдат. За тие кои се веќе тука, правилата на игра биле дефинирани при нивниот влез и соодветно се „нацентрирани“ проекциите за производството и финансиските резултати. Промената на тие правила произведува финансиски последици и креира бизнис-ризици што можат да резултираат со заминување на постојните или недоаѓање на потенцијалните странски инвеститори. Се разбира, тоа неповолно ќе се одрази на вработеноста во земјава итн.

Имајќи ги предвид посочените последици, пред да се промени регулативата и да се воведе промена на начинот на работење, задолжително треба да се направи детална квантифицирана анализа на економските ефекти од посакуваната промена и да се утврди нејзината (не)исплатливост.

Да се осврнеме сега и на принципиелните аспекти. Договорот за работа е израз на добра волја на работодавачите и на вработените. Никој никого со сила не го тера да вработува или да се вработи. Ако има побарувачка за одредени производи и услуги, работодавачот ќе го организира процесот на нивно давање или производство и ќе вработува лица. Притоа ќе ги посочи условите за работа. Ако тие се прифатливи за оној кој е невработен, ќе го потпишат договорот за работа и секој ќе ги прифати и ќе ги реализира обврските што ги прифатил од тој договор. Тоа може да вклучува и работа во недела.

Клучно е да се одговори на прашањето дали тој кој работи во недела има помали права од тој кој не работи во недела. Ако на тој кој работи во недела му се обезбедени исто толку слободни неработни денови во текот на месецот како и на оној кој не работи во недела, ако и сите други права се почитуваат, исплата на плата итн., тогаш правата се исти, никој не е обесправен.

Треба да прифатиме и дека не постои совршено праведно решение. Колку и да сака некој да ја прогласи неделата за неработен ден, и понатаму на тој ден ќе работи некој полицаец, некој доктор, пожарникар, војник, цариник, контролор на летање, шофер во автобус, пекар, рецепционер, полнач на гориво на бензиска пумпа итн., да спомнеме само некои. Таква е природата на нивната работа, но нели нема да биде фер за нив да работат во недела ако никој друг не работи. Прифатливо ли е тоа?
Да одиме чекор понатаму. Што би се случувало со пазарџиите? За нив ќе важи ли тоа дека не смеат да работат и ќе бидат ли зелените пазари затворени во недела? Ако одговорот е не, пазарите не смеат да бидат затворени и на пазарџиите мора да им се овозможи да работат, значи ли тоа дека трговците поединци се привилегирани затоа што немаат работодавачи во споредба со компаниите како поинаква форма на деловно организирање. Таквата нерамноправност секако не е прифатлива.
Друг важен аспект е примената на регулативата. Ако во денот недела пет возачи поминат на црвено светло на раскрсница затоа што не ги почитуваат сообраќајните прописи, властите нема поради тоа на сите граѓани да им забранат возење на автомобили во недела. Не, властите ќе ги казнат недисциплинираните возачи. Истата логика е и со работењето во недела. Ако некоја фирма не ги почитува одредбите од соодветната регулатива и одредбите на договорот за работа со вработените, тоа се санкционира преку казни од инспекциски надзор. Но, евентуалната недоволна функционалност во извршувањето на инспекцискиот надзор и казнувањето, поради кој било фактор, не може да биде причина да се забрани работењето во недела.

Треба да имаме предвид и дека ние како земја не сме пуст остров изолиран од светот. Пред да се донесе одлука за тоа дали да се забрани работење во недела треба да се види дали таквото решение е во линија со соодветните одредби од конвенциите на Меѓународната организација на трудот и со одредбите на европската регулатива бидејќи секако ќе следува процес на усогласување на домашната со европската регулатива. Ова е важно од аспект на атрактивноста на македонската економија за инвеститорите, домашни и странски.

Да резимираме. Фактот дека се наоѓа во програмата на која било политичка партија не смее да го направи „недопирливо“ некое решение кое се однесува на начинот на кој функционира економијата. Не смее да се инсистира на слепа примена по секоја цена на таквото решение. Во конкретниов случај, одлуката за тоа дали да се работи во недела не треба да ја носи Владата. Треба да ја донесат пазарните субјекти, работодавачите и вработените согласно договорите за работа кои ги потпишале. Ако има побарувачка за производите и услугите на некоја компанија, тогаш им се исплати да се работи во недела и на работодавачите и на вработените кои го прифаќаат тоа, ќе заработат сите. Ако нема побарувачка, работењето во недела не се исплати и самите компании ќе одлучат да не работат, не треба никој да им каже за тоа, ниту Владата да им го забрани.


(Економија и бизнис, печатено издание, април 2021г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано