Перспектива

Јовановски: Правилата на играта не се менуваат на полувреме

Зоран Јовановски

Авторот е економист

Во филмот „Време за убивање“ дејствието е следно. Двајца белци силуваат десетгодишно црно девојче, се обидуваат да го обесат, не успеваат и го фрлаат во реката. Девојчето преживува, а двајцата напаѓачи се уапсени. Со оглед на тоа што ова се случува во јужната американска држава Мисисипи во годините кога прашањето на расата беше многу чувствително прашање и Кју Клукс Кланот беше дел од реалноста, изгледите двајцата бели напаѓачи да бидат ослободени се големи. Кога младиот Метју Мекконахи, во улога на адвокат, ќе му го каже тоа на нејзиниот татко, тој ги убива двајцата напаѓачи. Сега таткото е на обвинителна клупа, а Мекконахи е негов адвокат. Имајќи го предвид составот на членовите на поротата според нивната раса, Мекконахи му предочува на таткото црнец дека се мали шансите да се спаси, а тој му одговара: И ти, како и поротниците, во мене не гледате човек, туку гледате црнец. Кога би бил и ти дел од поротата, што би направило да ме гледаш како човек, а не само како црнец?

Решението на Мекконахи е следно. Тој ги замолува членовите на поротата да ги затворат очите и да го замислат малото црно десетгодишно девојче, како е нападнато, малтретирано, силувано, за малку обесено, фрлено во реката... Ги опишува полека и детално сите ужаси низ кои поминало девојчето. На лицата на некои од поротничките почнуваат да се тркалаат солзи од тага за кутрото девојче. На крајот, Мекконахи вели, е сега, замислете дека девојчето е бело!!! Белата порота носи одлука со која таткото е ослободен.

Пристапот на адвокатот е оригинален и може да се примени и за поинакви ситуации. Да го примениме и за една ситуација во македонската бизнис-клима. Јас не можам да ве замолам да ги затворите очите бидејќи така нема да можете да го читате текстов, но обидете се да го визуелизирате следново.

Замислете дека некој има добра бизнис-идеја за услуга за која има многу голем број на потенцијални корисници. Наплатата не е проблем бидејќи се реализира веднаш, и тоа во готово. За бизнисот се потребни деловни простории на голем број локации. Сопственикот зема кредит од банка, бара и наоѓа локации, склучува договори за закуп со сопствениците. Купува техничка опрема која е потребна за бизнисот, во голема количина, купува софтвер. Вработува голем број млади лица, ги обучува, склучува договори за вработување. Патем, за бизнисот е потребна лиценца, аплицира и уредно ја добива за одреден период на години. Пресметките за исплатливоста на бизнисот всушност се базираат на периодот за кој ја има лиценцата за работа. Сè е спремно.

Започнува со работа. Бизнисот добро се развива, остварува приходи, сопственикот ја плаќа навреме секоја рата од кредитот, ги покрива сите трошоци, почнува да се генерира добивка. Сè оди согласно претходно направените годишни проекции.
Но, на половина од периодот за кој важи лиценцата сопственикот одеднаш од медиумите дознава дека постои некаква иницијатива на невладина организација, веќе преточена во измена на постојната законска регулатива, и дека сето тоа се однесува токму на неговиот бизнис. Измените се такви што сите претходни пресметки можат слободно да се фрлат во канта за ѓубре. Бизнисот станува неисплатлив. Ќе мора да затвори речиси сè, таму каде што ќе може да отвори нови продажни места побарувачката нема да биде во ист обем затоа што преместувањето ќе креира трошоци за клиентите. Се работи за бизнисот со кладилниците. Што би рекол Мекконахи од филмот, сега замислете дека бизнисот е лично ваш!!!

Она што проструи во јавноста е дека се бара да нема кладилница на растојание од 500 метри воздушна линија од основно или средно училиште. Во случајот на Скопје, на пример, тоа веројатно би значело дека кладилници ќе има само на обиколницата околу градот. Што правите во ваква ситуација? Треба да ги раскинете долгогодишните договори за закуп на деловен простор, веројатно со апсорбирање на одредени трошоци, да отпуштите најголем дел од вработените, приходите значително ќе ви се намалат, а треба и понатаму да враќате кредит во банка.

Во оваа прилика воопшто не се осврнувам на мотивите на барањето за промена на регулативата. За некого тие се оправдани, за некого не се. Но, она за што мислам дека сите би се согласиле е дека никој не би сакал да работи во ваков амбиент. Денес на дневен ред се кладилниците, утре ќе биде некој друг бизнис, зборуваме за принципи. Да направиме мала паралела, на пример, со продажбата на алкохол. Дали по истата логика утре некоја друга невладина организација може да побара да се забрани работа на самопослуга во радиус од 500 метри воздушна линија од некое училиште затоа што во продавницата се продава алкохол? Или може да биде за некој друг бизнис за кој исто така некој регуларно прибавил лиценца и ги почитува прописите.

Прописите бараат кладилниците и супермаркетите да не смеат да имаат трансакција со малолетни. Кое е решението ако се сака малолетници да не одат во кладилница и да не купуваат алкохол? Не е де факто забрана на дејноста, туку драстични казни за оној кој ќе го им го овозможи тоа. Ова е прашање на ефикасноста на инспекциските служби.

Да резимираме, ова не е текст за кладилниците, не е текст за бројот на работни места што ќе се изгубат со промена на правилата, не е текст за тоа колку ќе бидат помали приходите во буџетот на државата. Ова е текст за клучниот момент во целата приказна, а тоа е важноста на тоа да се почитуваат правилата на игра. Ако некој сака да ги менува правилата, тоа може да важи само за нови субјекти кои влегуваат на пазарот. Оние кои веќе работат треба да имаат можност да работат по правилата по кои ја добиле лиценцата за работа до истекот на лиценцата. Во предвидлив економски амбиент, правилата на играта не се менуваат на полувреме.

(Економија и бизнис, печатено издание, март 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано