Перспектива
Две тешки прашања
Зоран Јовановски
Авторот е економист
Јас сум од оние кои сакаат да бидат подготвени за лошите сценарија. Ова не ме прави песимист, ме прави реален. Ваквиот пристап бара дополнителна внимателност во проценките за идните случувања, а истовремено значи и елиминирање на лажниот оптимизам и на ПР-финтите кои никому не носат суштинска корист. Притоа, ако случувањата во иднина ме изненадат и излезат подобри одошто сум се надевал – супер, ама знам дека сум бил подготвен и за најлошото. На овој пристап се базира сè што сум кажал и напишал за македонската економија од почетокот на пандемијава наваму. Сметам дека реалноста во перцепциите и оценките е единствената валидна стартна точка за каква било понатамошна акција за справување со сериозните економски последици од пандемијата.
Во овој контекст охрабрува оценката дадена од Фатмир Бесими, веднаш по преземањето на позицијата министер за финансии, дека „ситуацијата е сериозна“ и најавата дека е подготвен да ја преиспита досегашната проекција за падот на македонската економија во 2020 година. Ова станува и очекувано по најновите ревидирани проекции на Стандард и Пурс (пад од 6 %) и на ММФ (пад од 5,5 %) во ситуација кога владината проекција е сè уште пад од 3,4 %.
Каде сме денес со македонската економија?
Ситуацијата нема да се подобри толку брзо како што иницијално мислеше претходната влада. По исцрпувањето на ефектите од мерките за спас што ги воведоа владите во западните економии, се покажуваат знаци на забавување на почетното заздравување. Се добива впечаток дека оптимизмот полека исчезнува, особено имајќи го предвид сега веќе започнатиот втор бран на пандемијата и доаѓањето на период во кој луѓето ќе бидат многу повеќе во затворен простор, а ќе се појават и сезонските грипови како дополнителна здравствена компликација при веќе постојната пандемија. Сето ова неповолно ќе се одрази врз странската побарувачка за македонски производи и врз домашното производство. Логично, загриженоста расте и во македонската економија, работите се подобрени во однос на дното допрено во вториот квартал, но заздравувањето не се забрзува од месец во месец. Во август вкупните приходи во Буџетот на државава се пониски за цели 20,6 % во споредба со претходниот месец. Приходите по основ на уплатени придонеси во август се пониски за 17,5 % во споредба со јули и со исклучок на јануари се најниски во цела 2020 година. Бруто-приходите од ДДВ имаат месечен пад од 17 % во август, но барем се повисоки од износите наплатени во другите кризни месеци од март наваму. Следствено, и вкупните буџетски расходи во август се намалени за 29 % на месечно ниво, а она што е разочарувачки е дека падот кај капиталните инвестиции е дури 83 %. Дополнително, имаме одреден пораст на невработеноста. Мерките за финансиска поддршка на компаниите со владина инјекција за исплата на минимална плата помогнаа, но периодот до крајот на годинава ќе покаже дали отпуштањата се спречени или само одложени.
Кризата како можност за полесно носење тешки одлуки
Владата излезе со нов пакет економски мерки. Пакетот е разновиден. Но, се надевам дека пред да ги преземе најновите чекори Владата ќе одговори на две тешки прашања. Првото прашање е: Дали Владата со своите интервентни мерки може да ги спаси сите? Или, да биде попрецизно прашањето, дали Владата треба да ги спасува сите? Да се потсетиме, во првите три месеци од 2020 година македонската економија имаше раст од само 0,2 % во ситуација кога во истиот период Косово имаше економски раст од 1,3 %, БиХ од 2 %, Црна Гора од 2,7 % и Србија од дури 5 %. Проблемите беа присутни во македонската економија и пред почетокот на пандемијата, таа само побрзо ги изнесе на површина.
Второто тешко прашање е: Ако мерките на Владата не можат да ги спасат сите, тогаш кој треба да биде спасен? Европската комисија, на пример, од предвидениот пакет од 750 милијарди евра јасно посочи дека 30 % од тие средства се за проекти што се „пријателски расположени“ кон животната средина, а 20 % се за дигитализација на европската економија. Кои се нашите приоритети? На пример, дали треба помошта да се насочи кон секторите / компаниите што имаат најголем потенцијал во наредниот период да ја повлечат напред економијата? Останувам на ставот дека банките се тие што најдобро можат да ја оценат одржливоста на бизнис-моделите на своите клиенти бидејќи ги познаваат подолго време. Државата, преку значаен износ на државни гаранции во корист на банките, треба да преземе дел од кредитниот ризик и на тој начин да го олесни давањето кредити на компаниите од страна на банките. Дополнително, одговор на прашањето кој да биде спасен делумно може да понуди и индустриската политика на Владата и перцепцијата на Владата за тоа кои бизнис-сектори се од стратешка важност за македонската економија.
Поентата на двете тешки прашања е дека на кризата предизвикана од пандемијата може да се гледа и како на можност за носење одлуки за стратешко реструктурирање на економијата. Тоа истовремено создава и шанса да се носат одредени одлуки кои се тешки, но долгорочно исправни. Во спротивно, ако тешко позајмените пари од странство Владата ги потроши за спасување на делови од економијата што не се конкурентни и објективно немаат иднина, тогаш ефектите ќе бидат краткорочни и по некое време повторно ќе се судриме со истите проблеми. Единствено што ќе ни остане e долгот кој сите ќе треба да го враќаме. Притоа, да биде јасно и да нема недоумици, ова не значи дека Владата преку мерките на социјалната политика не треба да им помогне на граѓаните погодени од економските последици на пандемијата. Но, тоа е сосема друга работа, на индивидуално ниво, во постојнава ситуација да не се остави ниеден граѓанин без некаков приход исплатен од таму каде што работи или од државата.
И, на крајот уште нешто. Беше најавено од високи претставници на Владата дека доколку биде потребно, државата повторно ќе се задолжи. Доколку тоа се покаже навистина нужно неопходно, тогаш државата треба да позајми на домашниот пазар. Тоа ќе може да го направи ако понуди слични услови на оние кога позајмува на странските финансиски пазари, дури и малку подобри услови за Владата. Задолжувањето во странство треба да се користи само за рециклирање на странски долг или за однапред проектно алоцирани средства за инфраструктурни проекти.
(Економија и бизнис, печатено издание, октомври 2020г.)