Перспектива
МАКЕДОНСКИ ЕКОНОМСКИ ЦРВЕНИ ЛИНИИ
Зоран Јовановски
Ти си тоа во што веруваш, вели прочуената Опра Винфри. Со тешко детство и бројни препреки во животот, таа точно знае што зборува. Јас го поставувам прашањето: во што веруваме сите ние кои живееме во Македонија?
Македонија е земја со два милиони жители, што би се рекло еден малку поголем град во САД или во Европа. Грст луѓе, но со огромен потенцијал за самоуништување. Секојдневно се соочуваме со таа неверојатна поделеност на општеството. Ги разбираме ли последиците, проклетството на таа поделеност?
Примери за поделеноста и двојната диоптрија има безброј. Нормално, дел од нив произлегуваат од економската сфера на животот. Да го спомнеме тука најновиот осми редовен Извештај на Светска банка за Југоисточна Европа. Во основа, секој го чита како што му одговара, па најчесто среќаваме две екстремни гледишта, дека сѐ е супер или дека ништо не чини. Извештајот, пак, ги потенцира добрите страни, но и ризиците со кои се соочува македонската економија.
Во овој контекст да погледнеме како изгледа тоа на некои други места. Пред помалку од еден месец германската канцеларка Меркел изјави дека „корените за добрата позиција во која се наоѓа денес Германија се во Агендата 2010“, пакет на економски реформи лансиран од нејзиниот претходник и политички противник Шредер уште во 2003 година. Своевремено овој пакет не беше широко прифатен ниту во партијата на Шредер, но за реформите добри за иднината на земјата нема супститут без оглед на потесната партиска рамка.
Значи, доколку сака да успее, Македонија мора да го исцрта просторот, да повлече линии што ќе дефинираат јасен долгорочен државен интерес за прашања за кои ќе се постигне консензус. Сѐ друго може да биде предмет на политички битки на политичките партии, тие ќе имаат простор за тоа, но не и она што се наоѓа зад исцртаните линии. Така ќе го разграничиме државниот од партискиот интерес. Тоа ќе бидат црвените економски линии за стабилна иднина на Македонија.
Пример за неформална црвена економска линија е ценовната стабилност. По преживувањето на трицифрени стапки на годишна инфлација во периодот на осамостојувањето на државава, со сите придружни негативни последици, денес ние сите во земјава имаме консензус дека ценовната стабилност нема супститут и дека мора да се одржи.
На што би се однесувале црвените економски линии? Еве некои од областите каде што тие би требало да бидат повлечени.
Прво, ние мораме да се договориме за целта, за да бидеме сигурни дека таа е иста за сите. Какво општество сакаме да изградиме? Тоа е првиот стратешки чекор од кој зависат сите понатамошни чекори како што се: начинот на дизајнирање на економските политики, конкретните реформи и мерки. Притоа ова прашање не е толку едноставно колку што изгледа во прв момент. Не е исто дали крајната цел ќе биде одредено ниво на економски раст и развој, изразено само преку БДП, без оглед дали по глава на жител или не, или тоа би одело во пакет со таргет во однос на животниот стандард, нивото на сиромаштија и некои елементи на одржливост на развојот, односно квалитетот на животот.
Во овој контекст треба да одлучиме каков капитализам сакаме да имаме. Уште подетално, каква е улогата на државата, а каква на пазарните механизми во таа игра? Сакаме ли сите пазарна економија и имаме ли сите исто разбирање за тоа што значи функционална пазарна економија? Тука допираме и едно навидум филозофско прашање за тоа колку демократија сакаме да имаме во општеството. Ова не е прозаично прашање бидејќи, како што рече неодамна во Скопје светски познатиот полски реформатор Балцерович, можете да имате пазарна економија без демократија, но не можете да имате демократија без пазарна економија. Без да дадеме јасен одговор на сите овие прашања, ние никогаш нема да имаме јасна цел и патека за иднината.
Второ, мораме да создадеме простор за реализација на долгорочните економски политики. Тоа значи дека доколку повлечеме црвена линија во однос на енергетската политика и капиталните инвестиции во тој сектор, кога ќе треба изградениот енергетски објект да се пушти во употреба заедно ќе го пуштат сите премиери во чие време се инвестирало. Тоа значи дека несовпаѓањето на должината на политичкиот циклус и времето потребно за реализација на важен енергетски проект не смее да ја обесхрабри која било влада за влегување во таков зафат.
Дополнително, македонското општество мора да излезе од амбиентот на постојани предвремени избори. Мојот јасен предлог во тој поглед е дека во Македонија со закон треба да се уреди дека политичките избори ќе се одржуваат во точно утврдени рокови. Конкретно, парламентарните избори треба да се одржуваат само на секои четири години, во првата недела на оној месец за кој ќе процениме дека излезноста би била најголема. Тоа значи - нема предвремени избори.
Трето, на Македонија ѝ е нужно неопходна деполитизација на општеството. Ова е исклучително важна црвена линија. Ние не создаваме амбиент бизнис секторот (и општеството) „да се одмори“ од политиката, да се посвети целосно и исклучително на сопствените приоритети, да се ослободи од континуираниот притисок на изборните кампањи. Патем, во изминативе речиси 25 години од осамостојувањето, политиката во земјава навлезе во сите пори на општеството толку длабоко што тоа едноставно не е нормално. Да се запрашаме, кои се луѓето кои ја напуштаат Македонија и зошто го прават тоа? Тие луѓе не се гледаат себеси во ниеден од постојните политички кампуси или пак не ги интересира политиката. Тие, политички неопределените, немаат право на просперитет без некаков политички ангажман? Таа перцепција, дека ако не си „со едните“ или „со другите“ тогаш шансите за личен просперитет ти се прилично ограничени, е изворот на разочараноста и на отсуството на доволно верба во подобра иднина, што ги води луѓето кон напуштање на земјава. Оваа црвена линија, во македонски услови, е една од најтешките за повлекување.
Четврто, мораме да повлечеме црвена линија во однос на одредени принципи на функционирање. Ќе споменам два: транспарентноста и отчетноста. Бесмислено е да се дебатира за тоа како работат институциите без стриктна и целосна примена на овие принципи.
Петто, потребни се црвени линии во конкретни економски области. Тука можеме да дискутираме за нивото и за намената поради кои се создава буџетски дефицит, за одредени нивоа во однос на висината на јавниот долг во земјава и кон странство, итн. Понатаму треба да се исцртаат црвени линии во областите што се столбови на долгорочниот развој, образованието, здравството, енергетиката, инфраструктурата. Треба да се донесе одлука дали нешто ќе се преземе во однос на индустриската политика. Во секој случај, за стратешки важните одлуки во однос на поодделните области, вклучително дали, колку и на кој начин државава ќе се вклучи во градењето на долгорочната конкурентност на македонската економија, ќе биде потребна и понатамошна диверзификација на институционалната инфраструктура на земјава и основање на одредени нови институции.
Шесто, една од клучните области што многу влијае на севкупната перцепција за начинот на кој функционира македонската економија е јавната администрација. Благо кажано, неприфатливо е по речиси четврт век независност јавноста сè уште да дебатира за такви елементарни прашања како што е прашањето колкав е, всушност, бројот на државни службеници. Мораме јасно да ги дефинираме критериумите за стекнување на статусот државен службеник, параметрите за оценка на квалитетот на сработеното, правилата за напредување во кариерата итн.
Сите наведени црвени линии не бараат повторно да се измисли тркалото. Соодветни решенија постојат, измислени се. Треба гласно да кажеме дека како тековна генерација имаме одговорност кон идните генерации за да им оставиме подобра стартна основа од онаа што сме ја имале ние, исто како што претходните генерации го направиле тоа за нас.
Кога сите заинтересирани страни ќе постигнат консензус црвените линии ќе имаат строг режим за каква било измена. Во секој случај, тие нема да зависат од тоа кој е власт, а кој опозиција и нема да се менуваат во случај на промена на власта.
Да заклучам. Постојната некритичка поделеност на општеството нема никаде да нѐ однесе. Политичките лидери во земјава, без оглед на нивната политичка ориентација и позиција во политичката пирамида, мора да изнајдат сила во себе за да се обезбеди инклузивност на сите мислења кога разговараме за стратешки важни општествени, во конкретниов случај економски прашања. И не само тоа, туку храбро да се отиде и чекор понатаму, да се изгради консензус за стратешките прашања витални за иднината на земјава.
Нема друга разумна патека доколку сакаме Македонија да има долгорочно одржлив економски раст и развој во интерес на сите нејзини граѓани. Ако е тоа нашата искрена цел, тогаш каде и да тргнеме како држава, на крајот на денот пак ќе мораме да се вратиме на патеката означена со црвените линии, прашањето е само колку време треба да помине додека го разбереме и го прифатиме тоа. За Македонија ова веќе не е прашање на избор, туку прашање на долгорочен економски опстанок. Сите овие црвени линии за мене не се список на желби. Јас верувам дека имаме внатрешна сила за ваков чекор. Како што рековме на почетокот, секој е она во што верува.
(Економија и бизнис, октомври 2015)