Перспектива
ЛЕКЦИИ ЗА ПРИВАТНИОТ СЕКТОР ШТО НЕ СМЕЕМЕ ДА ГИ ЗАБОРАВИМЕ КОГА КОРОНАВИРУС КРИЗАТА ЌЕ ЗАВРШИ
Зоран Јовановски
Авторот е економист
Кризата предизвикана од корона вирусот произведе драматични последици за човештвото. Ударот беше силен и широчината на неговото влијание на планетава не можеше да се предвиди. Како реакција, инстинктивно, светот се „заклучи“ самиот, границите се затворија. Земјите забранија нивното домашно производство на медицинска опрема, на средства за дезинфекција и на други средства потребни за справување со медицинските аспекти на кризата да се извезува во други земји, сѐ со цел да се заштитат себеси. Секоја земја мораше да се снаоѓа самата, која како може.
Во такви околности сте се запрашале ли што ќе правевме ако земјава немаше домашна компанија, еден вистински фармацевтски гигант, да нѐ спаси со своето производство? Сте помислиле ли на тоа дека воопшто немавме каков било недостаток на храна во самопослугите или на зелените пазари? Или сте помислиле ли на тоа дека, со исклучок на краток период на почетокот кога тоа беше случај и во многу поразвиените земји, ние како земја всушност немаме проблем со набавка на заштитните маски? Сте помислиле ли како во постојните околности, со речиси херметички затворени граници меѓу земјите во Европа, сепак, во земјава стигнаа важни суровини и кој и како успеа сето тоа да го донесе?
Сето ова го овозможија компании од земјава. Нашиот фармацевтски гигант се реорганизираше, вработи дополнителни лица за да го зголеми производството, притоа, и покрај енормната побарувачка за неговите производи, во интерес на потрошувачите ги замрзна цените на производите на нивото пред кризата. Текстилците брзо се престроија, направија пренамена на производството и почнаа да произведуваат заштитни маски. Производителите на храна се погрижија да не почувствуваме каков било недостаток. Превозниците се погрижија стоките да се движат и да стигнат таму каде што треба. Многумина не помислуваат на ова. Имаме тенденција некои работи да ги земаме здраво за готово. Првата лекција е дека кризата покажа колку е важно за една земја да има домашно производство.
Втората лекција е поврзана со однесувањето на компаниите од приватниот сектор кон нивните вработени. И покрај сите тешкотии, приватниот сектор во земјава досега се воздржа од масовни отпуштања. А времињата се невидено тешки, 30 милиони жители на САД останаа без работа само за 6 недели, се предвидува дека во Европа тоа годинава ќе им се случи на 12 милиони жители. Во првото тримесечје на 2020 година, БДП на ЕУ има пад од 3,5 %. Крајно нереално, би рекол и несериозно, е да се очекува дека во ваква ситуација македонската економија ќе помине без ниедна гребнатинка, како ништо да не било. Ама, сепак, досега не видовме екстремно лоши движења на пазарот на работна сила во земјава. Приватниот сектор, во рамките на своите можности, го апсорбираше ударот од кризата. И тоа го апсорбираше ударот сам затоа што целиот товар од оваа економска криза падна само врз грбот на компаниите во приватниот сектор и нивните вработени.
КРИЗАТА ПОКАЖА ДЕКА ЗЕМЈИТЕ СО ДОМАШНО ПРОИЗВОДСТВО МОЖАТ ПОЛЕСНО ДА СЕ СПРАВАТ СО ПРЕДИЗВИЦИТЕ И ДА ПРЕЖИВЕАТ. И ПОКАЖУВА ДЕКА КОМПАНИИТЕ ОД ПРИВАТНИОТ СЕКТОР, ИАКО ГО НОСАТ ЦЕЛИОТ ТОВАР ОД ЕКОНОМСКАТА КРИЗА, ВО ЦЕЛИОВ ДОСЕГАШЕН ПЕРИОД, БЕЗ ОГЛЕД ДАЛИ КОМПАНИИТЕ РАБОТАТ ИЛИ НЕ, ДОДЕКА ИМААТ МОЖНОСТ ЗА ТОА, СЕ ТРУДАТ ДА ГИ ЗАДРЖАТ ВРАБОТЕНИТЕ, ДА ИМ ИСПЛАТАТ ПЛАТА И ПРИТОА ПОМАГААТ И НА ПОШИРОКАТА ЗАЕДНИЦА
Зошто досега нема масовни отпуштања во македонската економија? Затоа што за приватниот сектор вработените се ресурс во кој тие имаат многу вложено. Се сеќаваме дека до скоро фирмите мака мачеа да најдат работници и постојано се жалеа за тоа. И тогаш кога ќе вработеа работници, потоа вложуваа значителни финансиски средства за нивна преквалификација и дообука, сѐ со цел работниците да бидат подготвени за да можат да се вклучат во процесот на производство. Во вакви околности, сѐ додека компаниите имаат избор, тие не се разделуваат од својот вреден ресурс. Никој во приватниот сектор нема да отпушти некого тукутака. И на свој трошок, кога производството е намалено, побарувачката ја нема, прометот преполовен, компаниите од приватниот сектор одлучија, додека имаат сила за тоа, да ги задржат колку што може повеќе и подолго вработените. Ова е втората лекција од кризата што не смееме да ја заборавиме.
Третата лекција од кризата предизвикана од корона вирусот е дека компаниите од приватниот сектор не заборавија на пошироката заедница. Колку и да се тешки околностите, приходите значително намалени, а расходите за исплата на плати непроменети, приватниот сектор на разни начини ѝ помогна на пошироката заедница. Правните лица донираа финансиски средства во посебниот државен фонд, предвреме платија данок за добивка за цела година, купија и донираа неопходна медицинска опрема и заштитни средства за здравствените установи, во согласност со нивните искажани приоритети, донираа пакети храна за најранливите групи граѓани, сето тоа дистрибуирано преку Црвениот крст за да се постигне максимален ефект. И сето тоа без помпа и фанфари.
Сѐ се ова лекции за однесувањето на компаниите и на приватниот сектор на македонската економија во услови на невидена криза. Лекции што македонското општество не смее да ги заборави кога сето ова ќе заврши. Премногу често и премногу лесно на приватниот сектор во земјава му се припишува негативен имиџ без притоа да се постави прашањето дали е тоа заслужено.
Кризата покажа дека земјите со домашно производство можат полесно да се справат со предизвиците и да преживеат. И покажува дека компаниите од приватниот сектор, иако го носат целиот товар од економската криза, во целиов досегашен период, без оглед дали компаниите работат или не, додека имаат можност за тоа, се трудат да ги задржат вработените, да им исплатат плата и притоа помагаат и на пошироката заедница. Во целиов изминат период, приватниот сектор прави сѐ што може за целото македонско општество да ја преброди што полесно оваа невидена економска криза. Затоа, кога сето ова ќе заврши, ќе биде потребен сериозен пристап во дизајнирањето на економските политики во кои домашното производство и приватниот сектор во земјава треба да го добијат местото што го заслужуваат..
(Економија и бизнис, електронско издание, мај 2020г)