Перспектива
ПЕТ КЛУЧНИ ЕКОНОМСКИ ПРАШАЊА ЗА КОРОНАВИРУС КРИЗАТА
Зоран Јовановски
Авторот е економист
Сосема природно, коронавирус кризата во фокусот ги има човечките животи и нивното спасување. Но, истовремено, како што поминува времето, сé повеќе вниманието ќе се врти и кон економската страна на кризата. Ќе се задржиме накусо само на пет клучни економски прашања, иако ги има толку многу и секое од нив заслужува посебен текст.
1. Дали кризата можеше да се предвиди?
И да и не. Да, како економска криза, но во помал обем. Не како криза поврзана со корона вирусот.
Во еден подолг временски период пред појавата на вирусот, во разни делови на глобалната економија беа акумулирани сериозни слабости. На финансиските пазари во светот цените на акциите растеа многу и во континуитет, но тоа не кореспондираше со случувањата во реалниот сектор. Фискалната инјекција за спас на економиите на западниот свет од последиците на глобалната финансиска криза во 2008 година во најголем дел заврши на пазарите на акции. Се создаде онаа еуфорија карактеристична за периоди пред пад на цените на акциите. Дел од експертската јавност веќе ја истакнуваше неодржливоста на растот на овие цени и се зборуваше за нивна можна т.н. корекција надолу. Периодот по глобалната финансиска криза од 2008 година земјите во светот не го искористија за структурни реформи и суштинско подобрување на јавните финансии.
Корона вирусот само ги замагли работите. Никој веќе не зборува за реалните проблеми на глобалната економија кои се натрупаа претходно. Исто како снегот кога ќе го покрие расфрланото ѓубре на земјата.
Но, мора да се истакне уште една специфична карактеристика на сегашнава криза. Никогаш во историјата немало економска криза со ваква брзина на влошување на работите. Никогаш.
2. Колкав е проблемот?
Потенцијалот на штетата е досега невидено голем. Глобалната финансиска криза од 2008 година повеќе не се зема како репер за длабочината на оваа криза бидејќи се смета дека таа од 2008 година ќе се покаже премногу блага за сегашнава. Затоа економските последици од сегашнава криза сѐ повеќе се споредуваат со оние на Големата Депресија од крајот на 20-тите и почетокот на 30-тите години од минатиот век. Падот на БДП во вториот квартал од 2020 година во многу земји ќе биде двоцифрен. Сите податоци што се појавуваат во периодов се драматично лоши. Никогаш светската економија не застанала на ваков начин, цела, одеднаш, во толкав временски период и погодена и од страната на понудата и од страната на побарувачката.
3. Кој ќе биде погоден?
Сите. Никој нема да биде поштеден. Порано или подоцна, помалку или повеќе, директно или индиректно, сите ќе бидат погодени. И, тоа важи во секој поглед, географски, секторски, социо-економски. Според Кристалина Георгиева, извршниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, никогаш досега во 75-годишната историја на оваа институција не се случило во еден момент дури 85 земји членки да имаат потреба од т.н. финансиска помош за итни потреби. Во поглед на различните сектори на економијата, повеќе ќе биде погоден секторот услуги. Затоа што ако некој одел еднаш неделно на ручек во ресторан, по три месеци во изолација дома нема да оди повеќе пати неделно во ресторан за да надомести, туку ќе продолжи да оди еднаш, но економската загуба за ресторанот од сегашното неработење ќе остане ненадоместена. Од социо-економски аспект најпогодени ќе бидат сиромашните слоеви на општеството, особено во општествата каде што нема традиција на релативно издашна социјална заштита од страна на државата.
СВЕТСКАТА ЕКОНОМИЈА МОЖЕ ДА БИДЕ ЗАМРЗНАТА (СИТЕ ИЗОЛИРАНИ ДА СЕДАТ ДОМА) ОДРЕДЕН ВРЕМЕНСКИ ПЕРИОД ОД 3, МАКСИМУМ 6 МЕСЕЦИ, НО ПОТОА ВЕЌЕ ЕКОНОМСКАТА ЦЕНА ОД ТАА НЕАКТИВНОСТ ЌЕ СТАНЕ ПРЕВИСОКА. ОВА ЌЕ ИМ СТАНЕ НА СИТЕ ЈАСНО НАЈДОЦНА ВО ЈУНИ. ПОТОА, НЕ МНОГУ ПОДОЦНА, ВО ЕДЕН МОМЕНТ ЌЕ МОРА ДА СЕ РЕАКТИВИРА ЕКОНОМСКАТА АКТИВНОСТ НИЗ КООРДИНИРАНИ ЧЕКОРИ НА МЕЃУНАРОДНАТА ЗАЕДНИЦА. ВЕРОЈАТНО НАЈВОЗРАСНИТЕ ЌЕ ИМААТ ОГРАНИЧЕНО ВРЕМЕ ЗА ДВИЖЕЊЕ, ДОДЕКА НЕ СЕ ПРОИЗВЕДЕ ВАКЦИНА, А СИТЕ ОСТАНАТИ СО ЗАШТИТНИ МАСКИ, РАКАВИЦИ, ИТН. ЌЕ ПРОДОЛЖАТ СО УЧЕЊЕ, СТУДИРАЊЕ, РАБОТА, ПРИ ШТО НА ДЕЛ ОД ВОЗРАСНИТЕ ВРАБОТЕНИ ЌЕ ИМ СЕ ДАДЕ МОЖНОСТА ПО СВОЈ ИЗБОР ДА РАБОТАТ ОД ДОМА. ЕКОНОМИИТЕ ЌЕ МОРААТ ПОВТОРНО ДА ПОЧНАТ СО РАБОТА
4. До кога ќе трае и како ќе заврши кризава?
Без разлика кој што ќе каже, никој не го знае точниот одговор. Ситуацијата се менува од час во час и соодветно се менуваат и економските предвидувања. Но, одговорот на ова прашање не може да произлезе од економските модели затоа што влезните претпоставки имаат премногу широк опсег на можности. Одговорот зависи од тоа колкава економска цена е подготвен светот да плати. Светската економија може да биде замрзната (сите изолирани да седат дома) одреден временски период од 3, максимум 6 месеци, но потоа веќе економската цена од таа неактивност ќе стане превисока. Ова ќе им стане на сите јасно најдоцна во јуни. Потоа, не многу подоцна, во еден момент ќе мора да се реактивира економската активност низ координирани чекори на меѓународната заедница. Веројатно највозрасните ќе имаат ограничено време за движење, додека не се произведе вакцина, а сите останати со заштитни маски, ракавици, итн. ќе продолжат со учење, студирање, работа, при што на дел од возрасните вработени ќе им се даде можноста по свој избор да работат од дома. Економиите ќе мораат повторно да почнат со работа.
5. Како ќе помине македонската економија низ сето ова?
Ќе има последици. Но, најпрвин неколку релевантни факти. Прво, капацитетот на државава за помош на економијата е ограничен и е помал од оној на некои други земји. Причините за нашиот мал маневарски простор во вакви ситуации и начините за нивно елиминирање во иднина ќе треба систематски да се сецираат кога ќе помине кризата, но за тоа потоа. Второ, најголемиот дел од населението има слаба отпорност на економските последици од кризата. Оттаму не може да си дозволи премногу долго да не работи. Трето, дел од производствените капацитети, странските директни инвестиции кои вработуваат значаен дел од населението кое живее надвор од Скопје, зависат од потезите на нивните компании мајки и тоа е процес надвор од контрола на нашава држава.
Во вакви околности најважни се неколку работи. Се поаѓа од тоа дека ова е вонредно време и дека треба да се стават настрана стандардните „орудија“, сѐ е дозволено за спас на националната економија. Ваквото сознание, придружено со храброст, е основа за преземање нестандардни потези. Се дефинираат јасни цели, на пример, дека ќе се обезбедат апсолутно сите средства неопходни за потребите на здравствениот систем на земјава и дека нема ниеден граѓанин на земјава да биде оставен без некаков приход, што и да се случи. Овие јасни цели на наједноставен начин комуницираат со народот, тој ја разбира ситуацијата. И се преземаат мерки при што се води сметка секој дел на општеството да преземе дел од товарот. На краток рок државата го спасува приватниот сектор, ја спасува економијата, а потоа на среден и долг рок приватниот сектор ја спасува државата.
Плус, колку и да звучи парадоксално во моментов, оваа криза ќе го промени светот и ќе отвори шанси за македонската економија во иднина. Ако сме доволно паметни и ако гледаме малку подалеку кон иднината, во овој период можеме да направиме потези што ќе ни овозможат тие шанси да ги искористиме.
(Економија и бизнис, електронско издание, април 2020 г.)