Перспектива

ШТО НОСИ ОКТОМВРИ?

Зоран Јовановски

Авторот е економист

Светот сѐ повеќе го движат емоциите, а не фактите. Гледаме што се случи со младата Грета и нејзината акција за борба против климатските промени. Главна тема стана дали девојчето имало некаква болест и каква е таа, дали оваа акција е баш нејзина или сето тоа е наместено. Тоа ли е главната тема? Или треба да се запрашаме што вели науката за глобалното затоплување и последиците од тоа?

Емоциите во континуитет сѐ повеќе го освојуваат и светот на берзите. „Однесување (менталитет) на стадо“ е познат феномен, кога луѓето купуваат или продаваат акции на берзата, не затоа што знаат зошто е тоа добро, туку затоа што истото тоа го прават и многумина околу нив. Тоа го имало отсекогаш, но веројатно во помал обем. Модерното време, новите технологии и социјалните мрежи ја овозможија достапноста до огромен број на мислења, поткрепени или не, кои имаат потенцијал сериозно да влијаат на емоциите на сите оние кои тргуваат на берзите.

Во вакви околности, влегуваме во месецот октомври. Историски погледнато, од 1896 година наваму, податоците покажуваат дека октомври е најнестабилниот месец во годината, месец во кој постои најголема променливост на цените на акциите на Њујоршката берза. Според она што го нуди литературата, стандардната девијација на дневни промени на Дау Џонс Индастријал Индексот е највисока во октомври.

Да нема забуна, тоа што во октомври цените на акциите на Њујоршката берза најмногу се менуваат не значи истовремено дека тоа е и месецот со најлоши остварувања кај цените на акциите. Полоши месеци во однос на просечниот месечен принос на акциите се септември и август. Сметајќи од октомври 2018 година наназад, во претходните 67 години, просечниот месечен принос на акциите во октомври бил позитивен во 40 години, а негативен во 27 години. Но, и покрај тоа, октомври е запаметен по тоа што во текот на овој месец се имаат случено катастрофални падови на вредноста на акциите. Такви се, на пример, „Црните вторник и четврток“ во 1929 година или т.н. „Црн понеделник“ во 1987 година кога Дау Џонс Индастријал Индексот изгуби драматични 22,6 % од својата вредност во само еден ден, на 19 октомври. Затоа не случајно во вокабуларот на оние кои имаат допирна точка со работењето на Њујоршката берза постои изразот „октомвриски ефект“.

ГЛАВНОТО ПРАШАЊЕ Е ДАЛИ СВЕТСКАТА ЕКОНОМИЈА ЌЕ ВЛЕЗЕ ВО РЕЦЕСИЈА ВО 2020 ГОДИНА. ТОА Е ПРАШАЊЕ ОД МИЛИЈАРДА ДОЛАРИ. КОЈ ДА ГО ЗНАЕ ОДГОВОРОТ? МОЖЕ ДА ПОСЛУЖИ КАКО СВОЕВИДНА ИНДИКАЦИЈА МИСЛЕЊЕТО НА НАЈБОГАТИТЕ. ТАКА, ШВАЈЦАРСКАТА УБС БАНКА НАПРАВИ АНКЕТА ВО КОЈА ВКЛУЧИ 360 ГЛОБАЛНИ ФАМИЛИЈАРНИ КАНЦЕЛАРИИ НА СУПЕР БОГАТИ СЕМЕЈСТВА, ОНИЕ КОИ ИМААТ БОГАТСТВО ОД НАЈМАЛКУ 1,2 МИЛИЈАРДИ АМЕРИКАНСКИ ДОЛАРИ. АНКЕТАТА ПОКАЖУВА ДЕКА 55 % ОД НИВ СМЕТААТ ДЕКА ЌЕ ИМА РЕЦЕСИЈА ВО 2020 ГОДИНА. ОВИЕ СЕМЕЈСТВА ВЕЌЕ ГИ РЕСТРУКТУРИРААТ СВОИТЕ ПОРТФОЛИЈА, ОД ЕДНА СТРАНА ПРОДАВАЈЌИ АКЦИИ, А ОД ДРУГА СТРАНА КУПУВАЈЌИ ДРЖАВНИ ОБВРЗНИЦИ И ЗГОЛЕМУВАЈЌИ ГО ИЗНОСОТ НА ГОТОВИНА. ОВА МОЖЕБИ НИШТО НЕ ЗНАЧИ, НО НАЈБОГАТИТЕ СЕ ПОДГОТВУВААТ ЗА РЕЦЕСИЈА

Она што треба да се има предвид е дека како ретко кога во поновата историја, иднината на глобалната економија се судира со огромна неизвесност која извира од неколку места. Ова одлично го сумираше Нуриел Рубини, економистот што ја предвиде глобалната финансиска криза во 2008 година. Во негов текст објавен во „Проџект синдикејт“ при крајот на септември, тој прецизно наведува четири патеки на глобалната економија што водат до можен судир. Првата патека на судир е трговската војна меѓу САД и Кина со можни тешки последици за инвестициите и потрошувачката во рамките на глобалната економија. Втората патека на судир се тензиите меѓу САД и Иран што, во случај на ескалација, ќе резултираат со скок на цената на нафтата над 100 американски долари за барел и појава на стагфлација, односно бавен економски раст придружен со растечка инфлација. Третата патека на судир е Брегзитот, каде што економиите на Обединетото Кралство, но и на некои развиени земји од ЕУ би биле погодени од разврска без договор. Конечно, четвртата патека на судир е исходот од случувањата во Аргентина и можното невраќање на нејзиниот долг кон ММФ, што ќе ги погоди брзорастечките економии кои имаат и значителен долг кон странство, како што е Турција. Значи, нема да биде добро доколку психозата што ја носи „октомврискиот ефект“ на Њујоршката берза „се нахрани“ со дополнителен страв и неизвесност од некое од овие сценарија.

Главното прашање е дали светската економија ќе влезе во рецесија во 2020 година. Тоа е прашање од милијарда долари. Кој да го знае одговорот? Може да послужи како своевидна индикација мислењето на најбогатите. Така, швајцарската УБС Банка направи анкета во која вклучи 360 глобални фамилијарни канцеларии на супер богати семејства, оние кои имаат богатство од најмалку 1,2 милијарди американски долари. Анкетата покажува дека 55 % од нив сметаат дека ќе има рецесија во 2020 година. Овие семејства веќе ги реструктурираат своите портфолија, од една страна продавајќи акции, а од друга страна купувајќи државни обврзници и зголемувајќи го износот на готовина. Ова можеби ништо не значи, но најбогатите се подготвуваат за рецесија.

Некој ќе рече, па што е ова важно за македонската економија? Важно е затоа што каква било нервоза или во полоша варијанта изразен песимизам за светската економија во наредниот период, што може да дувне од онаа страна на Атлантикот, ќе го настине целиот берзански свет. Тоа ќе значи зголемена претпазливост на инвеститорите, помалку инвестиции и, уште полошо, зголемена претпазливост кај потрошувачите, намалена потрошувачка и чување на парите за „црни денови“. А штом почне помалку да се троши во Европа, особено во Германија, се намалуваат порачките и производството во земјава. Навистина, што ќе донесе октомври годинава?

(Економија и бизнис, печатено издание, октомври 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано