Перспектива
НА КОМШИЈАТА КРАВАТА...?
Зоран Јовановски
„Југо“ требаше да биде новата извозна ѕвезда на „Застава“, производителот на автомобили од Крагуевац, во 80тите години на минатиот век. Автомобилот имаше неверојатно ниска извозна цена којашто, сепак, беше соодветна за неговиот, благо речено, проблематичен квалитет. Но, за дизајнерите на тогашните економски политики тоа не се сметаше за доволно. Требаше да се обезбеди и заштита на домашниот пазар, преку одржување на високи давачки за увозни автомобили. Во тоа време имаше виц дека оној што сака да купи квалитетен автомобил од увоз всушност плаќа два, еден што го добива и еден за државата во облик на високи царински давачки.
Ваквиот пристап властите го објаснуваа со потребата да се штити младата домашна автомобилска индустрија од странска конкуренција и заштитата да потрае колку што е потребно за „младата“ домашна индустрија да застане на нозе и да стекне конкурентност. Како што можеше да се очекува, така заштитената индустрија остана вечно млада, задремувајќи во прегратките на заштитата на високите увозни давачки и никогаш не инвестирајќи доволно за сопствен сериозен развој. „Југо“ остана вечно младо и неразвиено и како такво исчезна од сцената. Вистинската загуба беше тоа што милиони потрошувачи, жители на тогашна Југославија, останаа „заглавени“ со не баш квалитетни автомобили од домашно производство, додека увозните беа прескапо платени.
Идејата за ефикасноста на протекционизмот, помалку или повеќе, постои отсекогаш, но главно кај помали и економски послаби земји. Но, во последно време како да започна да доживува своја ренесанса, ама сега на глобално ниво. Американскиот претседател Трамп најави воведување на увозни давачки за одредени производи од таргетирани земји, првенствено Кина. Се крчка ли глобална трговска војна? Интензитетот на настаните нѐ мотивираше во овој број да имаме специјален прилог на оваа тема со два текста, едниот посветен на Светската трговска организација (СТО) и правилата со кои таа ја уредува трговијата во светот, а другиот за проценетите меѓународни економски ефекти од евентуалното воведување трговски мерки од страна на американската администрација.
ВЕЌЕ Е КЛИШЕ ДА СЕ ЗБОРУВА ЗА ТОА, НО МАЛА И ОТВОРЕНА ЕКОНОМИЈА КАКО МАКЕДОНСКАТА НЕМА ДРУГ ИЗБОР ОСВЕН ЕКОНОМСКИ РАСТ ПРЕДВОДЕН ОД ИЗВОЗОТ. ОТТУКА, НА МАКЕДОНИЈА Ѝ СЕ ПОТРЕБНИ ЦВРСТИ ГЛОБАЛНИ ПРАВИЛА И ОТВОРЕНИ ПАЗАРИ ЗА МЕЃУНАРОДНА ТРГОВИЈА, ЕВЕНТУАЛНАТА РЕНЕСАНСА НА ПРОТЕКЦИОНИЗМОТ КРИЕ ОПАСНОСТИ
Прашањето што во овие околности се поставува е дали е ова обид за одбрана на неодбранливото? Развојот на модерните технологии овозможи, до ниво незапаметено во историјата, поврзување на светот по сите линии. Таа поврзаност е темелот на глобализацијата. Составен дел на глобализацијата е трговијата, купувате од било кого, продавате било кому на Земјината топка. За да може тој процес да се одвива што побрзо и поефикасно воспоставен е, не баш така лесно, меѓународен трговски систем со правила на однесување во глобалната трговија, во кој централна точка е СТО. Се разбира, има и мислења дека овој систем всушност треба да овозможи елиминирање на бариерите, отворање и лесен влез на развиените земји на помалите пазари.
Во најновите случувања, јавноста ја гледа иницијативата на администрацијата во Вашингтон која е проследена со реакции на владите во Пекинг и Берлин. Тоа не е случајно, според последните расположливи податоци на УНКТАД, Кина, САД и Германија во 2016 година заедно оствариле вкупен извоз од 4,9 трилиони американски долари, односно 30% од вкупниот извоз во светот (16 трилиони американски долари) во таа година. Притоа, Кина е најголемиот извозник во светот со вредност на извозот со 2,1 трилиони американски долари, од кој најголем дел (385 милијарди американски долари) завршува на американскиот пазар. На второ место се САД со извоз од 1,5 трилиони американски долари, главни пазари каде што извезуваат САД се Канада (266 милијарди долари) и Мексико (229 милијарди долари), а дури потоа Кина (115 милијарди долари). Трета земја по големината на нејзиниот извоз во светот е Германија со извоз од 1,3 трилиони американски долари, од кој најголем дел оди на американскиот пазар (118 милијарди долари).
Кога ќе се земат предвид бројкиве, јасно е дека и релативно мали „затегања“ кај слободата на трговијата можат да произведат значајни последици за големите играчи. Човек секогаш и ќе се запраша дали протекционистичките потези на глобалната сцена се економски мотивирани или одат по линијата на онаа народната за кравата на комшијата. Сепак, суштинското прашање е, може ли протекционизмот во денешно време да ја победи глобализацијата? Административно, можеби, но не за долго. Теориите за меѓународната трговија, оние постарите, концептите за апсолутна и компаративна предност, во основа упатуваат на тоа дека отворената трговија поттикнува поефикасна алокација на ресурсите за да се произведува она што земјата компаративно најефикасно може да го произведе. Поновите теории не се фокусираат само на продуктивноста и во равенката внесуваат повеќе фактори, но во основа пораката е дека отворената трговија е можност сите учесници да бидат победници.
Каде е тука Македонија, ќе настрадаат ли мравките од борбата на слоновите? Веќе е клише да се зборува за тоа, но мала и отворена економија како македонската нема друг избор освен економски раст предводен од извозот. Оттука, на Македонија ѝ се потребни цврсти глобални правила и отворени пазари за меѓународна трговија, евентуалната ренесанса на протекционизмот крие опасности. Среќна околност за Македонија е што е географски лоцирана во Европа, а податоците на УНКТАД покажуваат дека повеќе од две третини, или 69% од вкупниот европски извоз е насочен и останува во Европа. Затоа е, меѓу другото, важно за земја како Македонија да се приклучи на структура како што е ЕУ. Сѐ што ги движи работите кон зголемен протекционизам во светот суштински не е добро за македонската економија. Тука мислам на ограничувањата од типот количини и давачки. Оние квалитативните препреки за македонскиот извоз од типот стандарди за квалитет, како суптилен начин на кој развиените земји ги штитат своите пазари, се нешто друго. Тоа е прашање на конкурентноста на македонскиот извоз и друга, болна, тема.