Перспектива

КАКО ЌЕ СЕ МЕНУВААТ КАМАТНИТЕ СТАПКИ ВО МАКЕДОНИЈА?

Зоран Јовановски

 

Дали некогаш сте користеле кредит од некоја банка во Република Македонија? Ако сте користеле тогаш знаете дека каматната стапка по која сте го отплаќале кредитот била утврдена во договорот за кредит што на почетокот од кредитот сте го склучиле со банката. Каматната стапка можеше да биде фиксна и да не се менува во текот на целиот период на отплата на кредитот, но ова генерално беа ретки случаи. Или, можеше да биде променлива, со прецизирање врз основа на што би се менувала. Но, најчесто во договорот за кредит беше дефинирано дека каматната стапка на кредитот може да се менува согласно интерните акти на банката. Со други зборови, каматната стапка беше прилагодлива, банките имаа на располагање максимална флексибилност и можеа да ја менуваат каматната стапка по свое наоѓање. Сепак, банките никогаш не правеа неразумни потези и не ги менуваа туку-така каматните стапки, да ги зголемат на пример од 5% на 20% затоа што тоа можеле да го прават со своја одлука, донесена согласно нивните интерни акти. Во крајна линија, банките функционираат на банкарски пазар со голема конкуренција и таа обесхрабрува вакви авантури. Сето ова наскоро суштински ќе се измени. Каматните стапки на новите кредити ќе бидат фиксни и променливи, а прилагодливите постепено ќе исчезнат. Истото ќе важи и за каматните стапки на депозитите што банките ги примаат.
Сѐ започна со иницијативата на Народна банка на Република Македонија и нејзината препорака до банките за ваков поинаков пристап во одредувањето на каматните стапки, односно за примена на фиксни или променливи каматни стапки за новоодобрените кредити и новопримените депозити. Регулативата им дозволува слобода на банките да одберат каков вид на каматни стапки ќе применуваат, затоа иницијативата има облик на препорака. Банкарскиот сектор пристапи кон сериозни подготовки за препораката на централната банка и за краток период таа ќе биде реализирана од сите банки во земјава.
Каква промена ќе предизвика ова? Веројатно е дека дел од постојните прилагодливи каматни стапки банките ќе ги трансформираат во фиксни каматни стапки, а дел во променливи каматни стапки. Клучното прашање кај променливите каматни стапки е што ќе земат банките како репер врз основа на кој ќе се менуваат каматните стапки во периодот додека трае животниот век на кредитот и тој не биде целосно отплатен. Да се вратиме чекор назад, променлива камата стапка значи дека таа се менува врз основа на промените на некоја друга каматна стапка којашто е референтна, служи како репер и не е одредена од банката што го дала кредитот.
Доаѓаме до клучното прашање со кое се соочуваат банките, а тоа е која каматна стапка да ја земат како репер за менување на сопствените каматни стапки. Во тој поглед, деловните банки на менито имаат неколку можности. Тука зборуваме за денарските финансиски инструменти без девизна клаузула.

КАМАТНИТЕ СТАПКИ НА НОВИТЕ КРЕДИТИ ЌЕ БИДАТ ФИКСНИ И ПРОМЕНЛИВИ, А ПРИЛАГОДЛИВИТЕ ПОСТЕПЕНО ЌЕ ИСЧЕЗНАТ. ИСТОТО ЌЕ ВАЖИ И ЗА КАМАТНИТЕ СТАПКИ НА ДЕПОЗИТИТЕ ШТО БАНКИТЕ ГИ ПРИМААТ

Еден можен избор е како репер да служи каматната стапка на благајничките записи на Народна банка. Преку неа Народна банка сигнализира дали и во која насока ја менува монетарната политика што ја води и какви се нејзините перцепции за идните случувања во македонската економија. Слабоста на оваа стапка за да биде користена како репер е во тоа што таа, генерално кажано, не е пазарна стапка во вистинска смисла на зборот и се менува со одлука на Народна банка.
Друг избор е како репер да биде избрана каматната стапка СКИБОР. Тоа е каматната стапка на меѓубанкарскиот пазар, стапка по која банките генерално се подготвени да си даваат позајмици една на друга. Своевиден проблем со оваа стапка е тоа што таа не е доволно пазарна, бидејќи на меѓубанкарскиот пазар има навистина малку трансакции и со мали износи. Практично, банките котираат СКИБОР стапки, но пазарната активност се сведува во најголем дел на котирање. Во услови на системски вишок на ликвидност во банкарскиот сектор во Република Македонија работите на меѓубанкарскиот пазар и слабостите на СКИБОР стапката ќе останат присутни и во иднина.
Трета можност што ја имаат банките е да ја користат каматната стапка на денарските депозити без валутна клаузула којашто е просек за целиот банкарски пазар. Ова е вистинска пазарна стапка, бидејќи е резултат на каматните стапки што банките ги објавиле и применувале за денарски депозити без валутна клаузула. Ова е, практично кажано, цената на „суровината“ со која работат банките и над која потоа се надградуваат елементите за ризикот на кредитокорисникот итн., до добивање на „продажната цена“, каматната стапка по која банките ги продаваат своите производи, кредитите. Со оглед на тоа што се работи за каматна стапка за целиот пазар, заради објективност и транспарентност на процесот, овој податок го изработува и веќе започна да го објавува Народна банка на својата веб страна, а го презема и објавува Здружението на банки. Ова не постоеше до пред месец дена, но покажа дека банките можат добро да соработуваат за изнаоѓање квалитетни системски решенија.
Важно е да се напоменат две работи. Првата е дека Народна банка не се меша во однос на тоа која банка што ќе избере како референтна каматна стапка, тоа е оставено да биде избор на самата банка. Втората е дека променливите каматни стапки нема да се менуваат сами и исклучиво заради промената на каматната стапка што е избрана да служи како репер. Покрај тоа, променливите каматни стапки ќе можат да се менуваат и врз основа на објективни промени коишто настанале, како што е зголемен кредитен ризик заради неплаќање на кредитот од страна на кредитокорисникот или некој друг објективен фактор чиешто влијание банката не го контролира и е надвор од нејзина дискреција. Во секој случај, изворите на објективни промени ќе бидат спомнати во договорите на банките со клиентите.
Кои ќе бидат придобивките од оваа голема промена во начинот на одредување на каматните стапки на банките во Република Македонија? Победници се сите. Ќе се намали правниот и стратегискиот ризик за целиот банкарски сектор. Банките ќе изгубат дел од својата дискреција и флексибилност во одредувањето на каматните стапки, но на подолг рок интерно ќе го систематизираат тој процес. Идните штедачи и кредитокорисници ќе имаат корист од тоа што ќе знаат како може да им се промени каматната стапка на депозитот или кредитот, ќе постои транспарентност, пазарност и објективност. Промената е навистина голема и суштинска.

ПРЕПОРАЧАНО