Перспектива

ТОЧКИ НА ИЗВОНРЕДНОСТ

Зоран Јовановски

 

Никогаш не знаете кога, каде и од кого можете да слушнете нешто што може многу да влијае на вашиот поглед на работите. Речиси по правило, тоа не се цели говори, туку расфрлени реченици, баш како оние некогашните т.н. „бисери на мудроста“.
Такво нешто ми се случило многу пати, но ќе го издвојам примерот од минатогодишниот Самит на организацијата „Македонија2025“. Меѓу другите, предавање одржа Џим Дан, бизнис консултант од Британија, човек со акумулирано искуство. Тој зборуваше за културата на однесување во рамки на компаниите и потребата таа култура да биде усогласена со визијата и целите на компанијата. Притоа, Дан рече дека поединците и организациите не функционираат на нивото на својот потенцијал, туку на нивото на своето убедување. Во тој контекст, за да се промени однесувањето, потребно е да се промени убедувањето, односно менталната матрица на поединците или компанијата, а за тоа веќе се измислени соодветни методи, итн.
На кафе паузата на конференцијата, на господинот Дан му поставив многу едноставно прашање: Добро, тоа е тоа што се прави во една компанија. Но, во секоја компанија има менаџмент, или во крајна линија сопственици на компанијата. И, тие имаат механизми да ја предизвикаат потребната промена на културата во рамки на компанијата. Но, како тоа да се направи во едно општество, коешто патем е исклучително многу поделено, бидејќи општествата немаат „газда“ и механизмите мора да се поинакви?
Неговиот одговор беше фасцинантен. Тој рече, менталната матрица на едно општество може да се промени преку точки на извонредност, пунктови преку кои ќе се шири позитивната енергија и кои заедно во еден момент ќе доведат до посакуваната трансформација!
Џим Дан не беше најавен како ѕвезда на конференцијата, на неа имаше и многумина други, кои исто така кажаа фантастични работи. Но, таа негова мисла, таа негова реченица што ми ја кажа во паузата, за мене беше ѕвездената реченица на тој настан. Од тој момент почнав да размислувам низ менталната матрица на точки на извонредност. Така ја гледам „Економија и бизнис“, како точка во која искрено, без калкулации и политички агенди, се обединуваат некои од најдобрите умови во потрагата по решенија за подобар живот на сите во земјава.
Така ја гледам и првата годишна конференција „Перспективи 2016“, што ја организира „Економија и бизнис“ на 11 ноември годинава. Тоа ќе биде голем, сериозен, професионален настан, настан ослободен од политика, настан фокусиран на иднината, на суштински важните прашања што имаат долгорочни последици и кои живот значат, настан со одлични, внимателно избрани говорници кои имаат што да кажат. Ќе повторам, човек никогаш не знае кога и каде може да слушне нешто што може да му го промени погледот на светот, погледот на амбиентот во кој го води бизнисот, погледот на тоа што носи иднината, што значи тоа за сопствениот бизнис.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано