Перспектива

НАЈГОЛЕМИОТ НЕУСПЕХ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ВО ИЗМИНАТИТЕ 25 ГОДИНИ

Зоран Јовановски

 

„Јас можам да направам нешта што ти не можеш. Ти можеш да направиш нешта што јас не можам. Заедно можеме да направиме големи нешта.

Мајка Тереза

 

На 8 септември годинава го прославуваме Денот на независноста на нашата земја, одбележувајќи 25 години самостојна, независна Република Македонија. Четврт век, период достоен за почит. Вообичаено е во такви околности, покрај славеничката атмосфера и празнувањето, да се сумира она што е направено во изминатите 25 години. Да видиме што сме постигнале, кои биле нашите успеси и неуспеси како земја, фокусирајќи се на економската сфера.
Пред сѐ, можеме да бидеме задоволни што опстанавме. За Македонија стекнувањето на независноста не беше резултат на долгогодишно подготвуван процес во рамки на тогашната федерација. Затоа земјата влета во независност без девизни резерви и без разработена стратегија за алтернативна стратегија по иницијалното губење на заедничкиот 20 милионски пазар. Но, успеавме. Го преживеавме ужасот на нестабилен девизен курс и на трицифрена инфлација, блокираната јужна граница и меѓународните санкции кон северниот сосед, во тоа време еден од најголемите пазари за македонски стоки и услуги. Направена беше и приватизацијата, како своевидна шок терапија за претпријатијата загубари во општествена сопственост, но и процес што резултираше со зголемена невработеност и донесе многу болка во општествата на земјите од претходниот систем.
Македонската економија и банкарскиот систем ги преживеаја шпекулативните напади врз денарот и ситуацијата кога во 2001 година во внатрешниот меѓуетнички судир се пукаше на 40 километри од главниот град, настани што се закануваа да ја поткопаат довербата на домашните економски субјекти и странските инвеститори. Финансискиот сектор доживеа пристоен развој, а во реалниот сектор се случија промени што резултираа со извоз на македонски производи на реномирани странски пазари. Направени беа бројни реформи, некои и прилично сложени и со долгорочен опфат, како што беше, на пример, реформата на пензискиот систем.
Се разбира, многу работи можеа да бидат поинакви. Економскиот раст сигурно можеше да биде посилен. Некои ризици коишто имаат сериозен долгорочен потенцијал, како на пример одржливоста на јавните финансии, динамиката на пораст на јавниот долг, квалитетот и ефикасноста на трошењето на јавните пари, можеа да бидат редуцирани и подобро контролирани. Недостасува и генерална долгорочна економска стратегија за која би постоел општествен консензус чијашто реализација би можеле да ја следиме. Но, во целина набљудувано, ако се фокусираме на класичните економски елементи, во изминатите 25 години Република Македонија, имајќи ги предвид сите поволни и драматично неповолни домашни и надворешни околности, оствари релативно пристојни резултати.
Но, кој е најголемиот неуспех на Република Македонија во изминатите 25 години? За мене одговорот на ова прашање е многу јасен и директен: не успеавме да го создадеме потребното единство. Македонија и понатаму е земја што е многу мала, но драматично разединета, со огромен потенцијал да се самоуништи.
Во Македонија сеуште доминира сфаќањето дека „победникот зема сѐ“. Исклучивоста е еден од најголемите противници на единството. Партиската припадност е главниот критериум за оценување на нечија компетентност. И, ова не е ексклузивитет на една од страните во политичката арена. Во изминатите 25 години Македонија не најде сила за демократија, онаква каква што холандскиот амбасадор Пломп ја дефинираше во интервју за „Економија и бизнис“, велејќи дека степенот на демократија во една земја се мери според тоа колку мнозинството/власта/партијата победник се грижи за оние што во моментот се малцинство. Кога ова ќе го усвоиме како принцип и цврсто ќе го применуваме, ќе почне да преовладува ставот дека политичките партии се сепак само политички противници, а не и смртни непријатели.
Кога ќе го постигнеме ова, ќе се создаде шанса младите и образовани кадри да останат во Македонија. Оние што досега си отидоа во потрагата за подобар живот, веројатно не беа ни со власта ни со опозицијата, затоа што на тие со власта им изгледа дека добро им оди, а тие што се со опозицијата чекаат да почне добро да им оди. Оние што не сакаат да ја стават партиската наметка и сакаат да преовладува принципот дека секој е вреднуван според тоа колку е квалитетен, а не чија партиска книшка има, се оние што се разочараа и заминаа во странство.

ЗНАМ ДЕКА ИНСИСТИРАЊЕТО НА ЕДИНСТВО ВО ТЕКОВНИОТ АМБИЕНТ НА ЗОВРИЕНИ ГЛАВИ И ЖЕСТОК НАБОЈ ОД НЕТРПЕЛИВОСТ, ПРВЕНСТВЕНО МЕЃУПАРТИСКА, МОЖЕ НЕКОМУ ДА МУ ИЗГЛЕДА НЕРЕАЛНО, ПА ДУРИ И НАИВНО. СЕТО ТОА МЕНЕ НЕ МЕ ОБЕСХРАБРУВА, БИДЕЈЌИ ЕДИНСТВОТО ЗА КЛУЧНИТЕ СТОЛБОВИ НА ОПШТЕСТВОТО Е ОСТВАРЛИВО. ТОА НЕ Е ПРАШАЊЕ НА ИЗБОР, ТОА Е ПРАШАЊЕ НА ВРЕМЕ И ЗРЕЛОСТ. ТОЈ ДЕН ЌЕ ДОЈДЕ, ВЕРУВАМ, ПОРАНО, НЕ ПОДОЦНА

Некој ќе рече дека општествената кохезија, единството, не е економско прашање за да се разгледува во контекст на економските успеси и неуспеси во изминатите (и идните) 25 години. Тоа би бил погрешен став. Прашањето на (не)единството е економско прашање, бидејќи е во коренот на сите економски процеси во една земја. Силното единство го дава елементот на сигурност и стабилност на којшто се темели одржливоста на економскиот развој на земјата, без оглед на тешкотиите со кои таа се судира. Единството се манифестира со консензус за клучните економски правци, за долгорочната економска стратегија. Тоа значи да се има долгорочен план за тоа што сакаме ние како граѓани на Македонија да направиме со македонската економија, и со општеството воопшто, и да се имаат ефикасни механизми за реализација на тој план, коишто вклучуваат дебата за правилните и погрешните чекори на тој пат.
Знам дека инсистирањето на единство во тековниот амбиент на зовриени глави и жесток набој од нетрпеливост, првенствено меѓупартиска, може некому да му изгледа нереално, па дури и наивно. Сето тоа мене не ме обесхрабрува, бидејќи единството за клучните столбови на општеството е остварливо. Тоа не е прашање на избор, тоа е прашање на време и зрелост. Тој ден ќе дојде, верувам, порано, не подоцна.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано