Перспектива

ФРИЖИДЕР

Зоран Јовановски

 

 



Текстот за оваа рубрика за мајскиот број беше готов, напишан, на друга тема. Но, вечерта на 25 април, непосредно пред да оди ова издание во печатница, добив чуден телефонски повик. Ми се јави женски глас, кој ми рече дека ми е далечна роднина, што и не е невозможно во бројното пошироко семејство на моите родители, но дека сме го изгубиле контактот. Ме праша што да прават фамилијарно со орочениот денарски депозит што го имаат во банка? Дали да го остават до ноември или да го раскинат и со денарите да купат девизи? Ми стана совршено јасно до каде е дојдена работата.
Се сеќавам на приказната што ми ја раскажа своевремено, еден пријател од Израел, опишувајќи ми што правеле луѓето во таа земја во услови на многу висока, галопирачка инфлација, кога цените незапирливо растеле. Купувале огромни фрижидери! Така можеле на почетокот од месецот, кога ќе ја добијат платата, да купат храна, да ја стават во фрижидерот и така барем малку подолго да сочуваат некаква вредност што брзо се губи кога цените скокаат!
Во мојот досегашен животен век сум бил сведок на неколку ситуации на сериозна турбуленција во движењето на цените, а соодветно на тоа, и на девизниот курс на домашната валута. Некои биле реални, а некои шпекулативни турбуленции. Времето на распадот на Југославија е пример за реална турбуленција, кога парите експресно ја губеа куповната моќ на пазарот, како во продавница така и на девизниот пазар во однос на тогашната германска марка. Стабилизацијата беше мачна и траеше. Она што не смее никогаш да се потцени е вечната меморија за таа ситуација. Секој што го преживеал тоа искуство го помни додека е жив. Затоа низ годините германската централна банка стана светски пример за жесток, непоколеблив борец за стабилноста на цените и на тогашната германска марка. Затоа што Германија има колективна меморија за одредени моменти од првата половина на минатиот век, кога во ресторан цената на јадењето на крајот од ручекот била повисока од цената во моментот на нарачувањето на ручекот.

Во овој момент нема рационална економска подлога за било каква реална турбуленција во поглед на стабилноста на цените и на девизниот курс на денарот во однос на еврото. Во 2014 година во Република Македонија е регистриран просечен годишен пад на општото ниво на цените од 0,3%. Идентичен таков пад од 0,3% се случи и во 2015 година. Ваквата состојба продолжи и во првите три месеци од 2016 година, при што падот изнесува 0,1%. Накусо, не само што нема висока инфлација, туку таа има негативна вредност. Случајот со девизниот курс на денарот е уште поилустративен. Во однос на германската марка / еврото последен пат тој е променет, на 9 јули 1997 година.
Тука во приказната доаѓаат очекувањата на секој економски субјект во земјава. Досега очекувањата за цените и девизниот курс се потпираа на економските фундаменти и беа одржувани ниски и стабилни. Но, тие очекувања не мора секогаш да бидат базирани на реалност и рационалност. Тие можат да бидат придвижени и од неосновани и неодговорни шпекулации. Некој некому пренел нешто „од сигурни извори“. Па некои медиуми почнуваат демек да да се прашуваат дали воведувањето на новите банкноти од 200 и 2000 денари, кои патем се со помала деноминација од слабо користените веќе постоечки банкноти од 5000 денари, значи дека доаѓа инфлација? Ви изгледа познато? Потенцијалните последици од ваквото незнаење или уште полошо намерни шпекулации? Огромни.
Да прашам. Имате кредит? Со девизна клаузула е? Сте го зеле затоа што каматната стапка за таквиот кредит била пониска од кредитот во денари? Кога сте го земале кредитот сте мислеле нема проблем, изгледа како добра зделка, девизниот курс на денарот во однос на германската марка/еврото е скоро дваесет години стабилен и непроменет? Логиката ви била рационална. Што би се случило со вашата месечна рата кога навистина би се случило нешто со девизниот курс? Би можеле да ја отплаќате ратата кога таа би била иста во девизен износ, ама би значела плаќање на повеќе денари? Ви одговара да се случи нешто со девизниот курс на денарот?
Треба да се има предвид и уште еден момент. Кај секоја турбуленција на девизниот пазар која е вештачки произведена и не се должи на реални економски параметри, некој излегува како добитник, а некој како губитник. Редот на настаните е многу едноставен. Кога има турбуленција на девизниот пазар, расте вредноста на странските валути. Ако сакате да купите евра треба да платите повеќе денари. Сте ги дале денарите, сега имате евра. Во ситуација кога економските фундаменти се стабилни бурата ќе помине и работите ќе се смират. Како последица на тоа и цената на еврата ќе падне таму каде што била на почетокот. Во тој момент, бидејќи е сé стабилно, ќе сакате да ги продадете еврата затоа што ви требаат денари, но ќе ги продадете по цена пониска од онаа по која сте ги купиле. На крајот, ќе завршите со помалку денари одошто сте имале на почетокот пред да ги купите еврата. Патем, загубата е уште поголема, ако до денарите со кои сте ги купувале еврата сте стигнале преку раскинување на орочен денарски депозит, па наместо да ја добиете предвидената камата како за орочен депозит, сте добиле камата како за депозит по видување.
Ова се моменти кога секој во државава, власт, опозиција, медиуми, граѓани, треба да го даде својот придонес. Потребно е одговорно однесување, да го сочуваме разумот. Има работи, како што се стабилноста на цените и стабилноста на девизниот курс на денарот, коишто се општо добро, градени се со години, со децении. Лично, јас навистина не би сакал да дојдам во ситуација да купувам голем фрижидер. И овој што го имаме дома е добар. Не зафаќа многу место и функционира.

ПРЕПОРАЧАНО