Изминативе денови повеќе странски туроператори и туристички професионалци во рамките на проектот „Green Spirit Prespa“, ја посетија Преспа со цел да го истражат нејзиниот меѓународен туристички потенцијал, поврзан со астрономија, птичарење и автентична локална гастрономија. По нивната неколку дневна посета на Преспа се отвори едно поинакво прашање: дали помалото, поавтентичното и поодржливото може да донесе поголема вредност, во време кога туристичкиот успех сеуште сè мери во број на ноќевања и масовност.
За мене како човек од туризмот, нивниот интерес ми предизвика големо задоволство и чувство на среќа, посебно поради тоа што овој регион со децении е на маргините на туристичките текови, а денес тивко, но доследно може да се позиционира како дестинација за автентичен агро туризам со меѓународен потенцијал. И тоа не преку големи инфраструктурни зафати, туку преку внимателно обликувани искуства што се потпираат на она што веќе постои, природа, локална култура и историско наследство. Отворањето на граничниот премин „Маркова Нога – Лемос“ и постојните природни ресурси (националните паркови Пелистер и Галичица, природниот резерват Езерани и Преспанското Езеро) ѝ даваат сосема нова, европска димензија на Преспа. Оваа прекугранична врска радикално ќе го скрати патувањето и ќе го отвори регионот кон меѓународен туризам, што дава нова перспектива на регионот.
Проектот „Green Spirit Prespa“ кој е кофинансиран од Европската Унија и имплементиран од Go Green – Биди Зелен, во партнерство со Spirit of Prespa, Рурални жени од Преспа и НАИТМ Националната асоцијација за дојдовен туризам на Македонија е добар пример кој покажува дека она што е автентично се препознава, и дека со малку поголема промоција и поддршка може да се трансформира во нешто многу посериозно. А во Преспа се креираат туристички производи кои што одговараат на современите глобални трендови: птичарење како дел од растечкиот сегмент на еко-туризам, астрономија како сегмент кој што добива сè поголемо внимание, и гастрономија која преку храната раскажува приказни за местото.
ФАМ посетата од странски туроператори и туристички професионалци не беше само презентација, туку тест на конкурентноста на Преспа на меѓународниот пазар, и можност за креирање туристички производ што не може да се реплицира на друго место.
Овој проект за туристичките авторитети отвора и пошироко прашање за развојниот модел на туризмот во земјата. Дали фокусот треба да остане на квантитет, или е време за јасно стратешко насочување кон сегменти со повисока додадена вредност? Агро туризмот, иако е специфичен, сепак носи подолг престој, поголема потрошувачка по турист и, можеби најважно, помал притисок врз природните ресурси.
Преспа има природна предност во оваа насока. Нејзиниот екосистем, богатото биодиверзитетно наследство и специфичната географска позиција создаваат услови за развој на понуда која не бара радикална трансформација, туку внимателно управување. Токму тука лежи и најголемиот предизвик, како да се развива туризмот без да се наруши она што го прави регионот уникатен.
Ваквите иницијативи покажуваат дека локалното партнерство е клучно. Вклученоста на организации, локални заедници и мали бизниси не само што ја зголемува автентичноста на понудата, туку и обезбедува дека економските бенефити остануваат во регионот. Сепак, одржливоста на овие процеси ќе зависи од тоа дали ваквите проекти ќе преминат од иницијативи во долгорочни политики. Се спроведе обука за птичарење, и неколку луѓе добија лиценци за туристички водичи. Но тоа е само почеток, истите тие треба многу повеќе да се едуцираат за птиците и да навлезат во темата, што воедно беа и коментарите на гостите тур оператори.
На крајот, Преспа не е само пример за успешна туристичка приказна во најава. Таа е тест за тоа дали можеме да го преиспитаме начинот на кој размислуваме за туризмот – од индустрија на бројки кон економија на доживувања.
И можеби најважното прашање не е дали светот ќе ја открие Преспа. Прашањето е дали ние ќе знаеме да ја развиваме без да ја изгубиме.








