Пушка од семејството на Димитар Поп Ѓеоргиев Беровски заедно со уште многу видови оружје кое се користело и во Разловечкото и во Кресненското востание, како и оружје кое, главно, го поседувал турскиот аскер старо, околу 3 века, е дел од приватната колекција на старо оружје Ванчо Габер и Благој Механиџиски од Берово.
Ова оружје беше денеска изложено во рамките на локалниот базар организиран од Општина Делчево, како дел од чествувањето на 150-годишнината од Разловечкото востание.
На Локалниот базар, Делчево денеска понуди дел од својата трдиција, култура и уникатност.
Градоначалникот Гоцевски истакна дека на историските настани од предилинденскиот период, со овој базар се додава уште еден квалитет, а тоа е традицијата и културата на нашиот народ.
– Тоа е нашата традиција која и покрај современието и развојот на технологијата, вредните раце на домаќинките и на занаетчиите, љубоморно ја чуваат таа нишка која е цврсто врзана за нашите корени и идентитет, продолжувајќи ја традицијата. Улогата на една одговорна општина е токму таа, да создава услови, да ги анимира производителите и да отвора можности за промоција на локалните производи. Овој локален базар е празник на традицијата, креативноста и локалниот дух, порача Гоцевски.
Тој нагласи и дека е посебно импресивно вклучувањето на локалниот базар на младите со своите креации – одговорните млади се тука да ја промовираат и чуваат традицијата која се пренесувала од колено на колено, од генерација на генерација-истакна Гоцевски.
На летната сцена настапија фолклорните брендови од Делчево кои ја презентираа фолклорната традиција на Пијанец и Македонија: ФГ „Копачка“, КУД „Гоце Делчев“ и играорците од ФГ при НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“.
Настаните по повод јубилејот 150 години од Разловечкото востание продолжуваат денеска во 17:00 часот со промоција на поштенската марка издадена од Македонски пошти по повод јубилејот и научна трибина. Вечерниот концерт започнува во 20:00 часот каде ќе настапат „Танец“ и Воениот оркестар на АРМ. Централната прослава ќе се одрижи утре во село Разловци со почеток во 11:00 часот.
Фото: Општина Делчево








