Цените на нафтата продолжија да растат во понеделник бидејќи немаше напредок во напорите за запирање на војната со Иран. Дополнителна загриженост предизвика нападот врз нуклеарната централа во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), додека се очекува американскиот претседател Доналд Трамп да разгледа можни воени потези против Иран.
Суровата нафта Брент се зголеми за 1,65 долари и се тргуваше на 110,91 долари за барел. Во текот на вчерашниот ден, цената накратко достигна 112 долари – највисоко ниво од 5 мај, – но подоцна малку ослабе.
Американската сурова нафта од Западен Тексас (WTI) беше на 107,42 долари за барел, што е зголемување од 2 долари или 1,9 проценти, откако достигна 108,70 долари, највисоко ниво од 30 април. Јунскиот фјучерс договор за американската сурова нафта WTI, кој е пред истекување и во моментов е главен референтен договор на пазарот, истекува во вторник. И двата договори пораснаа за повеќе од 7 проценти минатата недела, бидејќи се намалија надежите за мировен договор што би ги прекинал нападите врз бродови и запленувањата во клучниот морски премин, Ормуската Теснина.
Разговорите од минатата недела меѓу Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг завршија без индикации дека најголемиот увозник на нафта во светот ќе помогне во решавањето на конфликтот предизвикан од нападите на САД и Израел врз Иран.
Нападите со беспилотни летала врз ОАЕ и Саудиска Арабија, како и реториката од САД и Иран, предизвикаа загриженост за можна ескалација на конфликтот.
Фото Економија и бизнис








