Светско првенство 13/16 — BMO Field (Торонто): Канадската фудбалска приказна ќе биде дел од СП 2026

Помал од американските гиганти, но со огромна фудбалска страст — Торонто ќе биде едно од најинтересните места на Мундијалот.
BMO Field (Торонто)

ИНФО

  • Град: Торонто
  • Држава: Канада
  • Капацитет: околу 45.000 (проширен за СП 2026)
  • Отворен: 2007
  • Домаќин: Toronto FC
  • Интересен факт: првиот специјализиран soccer-стадион во Канада

BMO Field во Торонто е еден од најважните фудбалски стадиони во Канада и ќе има значајна улога на Светското првенство 2026. Иако по капацитет е помал од дел од американските арени, неговата важност за канадскиот фудбал е огромна.

Отворен во 2007 година, BMO Field беше првиот специјализиран soccer-стадион во Канада и симбол на растот на фудбалот во земјата. Беше изграден наменски бидејќи Канада беше домаќин на Светското првенство на ФИФА до 20 години во 2007 година и беше домаќин на финалето каде што Аргентина триумфираше, а Серхио Агуеро ги освои Златната топка и Златната копачка. Дом е на Toronto FC, еден од најпознатите клубови во MLS лигата, а низ годините беше домаќин и на бројни репрезентативни натпревари и интернационални турнири.

За потребите на СП 2026, стадионот ќе биде проширен и модернизиран, со цел да ги исполни сите FIFA стандарди. На него Канада ќе го започне својот трет настап на Светските првенство во ФИФА во петок на 12 јуни против Босна и Херцеговина – еден од шесте натпревари што ќе се играат на ова место. Потоа ќе се играат уште четири натпревари од групната фаза, меѓу кои се Гана-Панама, Германија-Брегот на Слоновата Коска, Панама-Хрватска и Сенегал-Ирак, пред натпреварот од нокаут фазата што ќе се игра во четврток на 2 јули.

Торонто е еден од најмултикултурните градови во светот, што значи дека за време на Мундијалот улиците ќе бидат исполнети со навивачи од десетици различни земји. Токму таа мешавина од култури и фудбалска страст ќе создаде уникатна атмосфера.

Сместен покрај езерото Онтарио и во близина на центарот на градот, BMO Field нуди одличен амбиент за големи спортски настани. Во 2026 година, овој стадион ќе биде едно од местата каде што Канада ќе ја покаже својата растечка љубов кон фудбалот.

Утре во серијалот „16 стадиони, еден Мундијал“:

BC Place (Ванкувер) — покриената арена со спектакуларен поглед ќе биде дел од СП 2026

Повеќе од истиот автор

Најчитано