ДО ФОНДАЦИЈАТА „ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА“  пристигнале  повеќе од 200 предлози и препораки за програмата „Скопје 2028“

Повеќе од 200 предлози и препораки за програмата за култура добила Фондацијата „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“  на четирите јавни расправи и дополнително по  електронска пошта, до рокот предвиден за доставување. Фондацијата соопшти дека сите ќе бидат внимателно анализирани и „оние што се релевантни и додаваат вредност на програмата ќе бидат инкорпорирани во неа“. Финалната верзија на програмата се очекува да биде подготвена до крајот на месецов и потоа ќе биде објавена на интернет-страницата: skopje2028.mk 

-Фондацијата „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“ на 18 и 19 ноември одржа четири јавни расправи за работната верзија на Културната програма за 2028 година. Целта беше програмата, пред да добие конечна форма, да се провери и дополни со знаењето и искуството на оние што го создаваат културниот живот во Скопје. На расправите учествуваа претставници на националните и локалните културни институции и на единиците на локалната самоуправа, академската заедница, индивидуални уметници и културни работници, како и претставници на независната културна сцена и младите, соопшти Фондацијата. 

Работната верзија на програмата, нејзината визија и концепт, програмските приоритети и целите на предвидените проекти ги претстави оперативниот директор на Фондацијата, Звонко Наумоски, и потоа учесниците ги изнесоа своите забелешки, предлози и очекувања за „Скопје 2028“.

-Работната верзија не е завршен документ. Затоа ја отворивме за јавна расправа: секоја забелешка и секој предлог ни помага програмата да биде поквалитетна и поблиску до потребите на граѓаните, уметниците и институциите, изјави Марјан Цветковски, директор на Фондацијата „Скопје 2028“.  

Фондацијата информира дека на расправите беше отворено и прашањето за посебната законска рамка за реализација на проектот „Скопје 2028“ и дека таа предвидува примена на Законот за јавни набавки во оперативното работење на Фондацијата, додека културната програма ќе се реализира преку јавни повици со јасно утврдени правила.

-Евалуацијата ja вршат европски евалуатори врз основа на професионални критериуми. Со тоа се обезбедуваат независност, транспарентност и усогласеност со европските стандарди и со практиките на досегашните европски престолнини на културата, се наведува во соопштението. 

Јавните расправи се дел од поширокиот процес на подготовка на „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“, во кој културната заедница, институциите, академскиот сектор и младите учествуваат во создавањето на програмата.

-Целта е финалната верзија да ги обедини културниот потенцијал, креативноста и различноста на Скопје и да отвори простор за нови идеи, соработка и современи културни содржини со европска перспектива. Финалната верзија на програмата се очекува да биде подготвена до крајот на ноември 2026 година по што ќе биде објавена на интернет-страницата: skopje2028.mk, информира Фондацијата „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“. 


Извор МИА

Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано