ВО ДЕКЕМВРИ НОВ ПОВИК ОД ИПАРД 3

Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој ја објави претходната најава за декемврискиот јавен повик 01/2026 од ИПАРД III, кој опфаќа три мерки за кофинансирање на инвестиции во земјоделски стопанства, преработувачки капацитети и рурални бизниси.

Рокот за поднесување барања ќе изнесува најмалку 45 дена од објавувањето на повикот. Пред неговото отворање, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ќе ги објави ажурираните упатства и потребната документација на својата веб-страница. Бесплатни совети за подготовка на барањата се достапни во регионалните центри на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството.

Како што информира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), надлежните институции направија проверки и постапија по сите препораки од Европската комисија. Се пристапи и кон интензивно спроведување на Акцискиот план за зајакнување на системите за управување и контрола на ИПАРД структурата, со кој, меѓу другото, се предвидува и дигитално следење на проектите од одобрувањето до исплатата, вклучувајќи ги и контролите на терен, како и раното предупредување при идентификуван ризик од доцнење на исплатите.

-Ја обновивме довербата во ИПАРД и продолжуваме да ги исполнуваме обврските што ги презедовме пред Европската комисија. Во рамки на спроведувањето на Акцискиот план го зајакнуваме Телото за управување со програмата и поставивме прецизни разграничувања на надлежностите, а во насока на јасно институционално нијансирање на тоа кој е одговорен за носење на секоја одлука и кој ќе ја проверува. Успеавме да ги идентификуваме и надминеме причините кои претставуваат ризик фактор за појава на слабости во процесот на спроведување на ИПАРД, односно ги зацврстивме европските стандарди во системот, порачува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски.

Мерката 1 поддржува вложувања во земјоделските стопанства за попродуктивно и одржливо производство, вклучително и набавка на механизација. Мерката 3 опфаќа инвестиции во преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, а мерката 7 е наменета за дополнителни дејности на фармите и развој на рурални бизниси. Од мерката 7 на овој повик се изземени производството и продажбата на енергија од обновливи извори. 


Извор МИА

Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано