Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се подготвува да ги зголеми тарифите за увоз од Кина, Европската Унија (ЕУ) и 14 други земји. Од официјален Вашингтон ги обвинуваат за нарушување на конкуренцијата и оштетување на американските компании со државни субвенции и поддршка за домашната индустрија, објави денес Волстрит џурнал, повикувајќи се на извори запознаени со плановите.
Се очекува најавените мерки да доведат до зголемување на тарифите за десетици земји, вклучувајќи ги Кина, Јапонија, Јужна Кореја и сите 27 членки на Европската Унија.
Новите тарифи би ги опфатиле повеќето производи извезени од тие земји во САД, додека одредени индустриски производи, како што се челик, алуминиум и автомобили, би можеле да бидат ослободени, со оглед на тоа што тие веќе се предмет на тарифи наметнати според посебните овластувања за национална безбедност.
Кина би можела да добие повисоки тарифи од повеќето други земји, според изворите, бидејќи претставниците на администрацијата на Трамп ги сметаат кинеските субвенции за особено обемни и сериозно ја нарушуваат глобалната економија.
Администрацијата би можела да вклучи и одредби што би ѝ овозможиле дополнително да ги зголеми тарифите доколку се зголеми индустрискиот прекумерен капацитет во одредени земји или доколку тие земји не успеат да спроведат соодветни промени во економската политика за време на идните преговори со САД.
Земјите што постигнале трговски договори со администрацијата на Трамп, вклучувајќи ги Јапонија и членовите на Европската Унија, би можеле да ги одржат вкупните тарифни стапки во согласност со договорите постигнати пред одлуката на Врховниот суд, велат извори запознаени со плановите.
Тоа би значело дека ЕУ, Јапонија и Јужна Кореја би можеле да се соочат со тарифи од 15 проценти или помалку, додека други земји, како што се Виетнам и Индија, би можеле да бидат погодени со повисоки стапки, во зависност од условите на нивните трговски договори со Вашингтон.
Се очекува новите тарифи да бидат додадени и на постојните давачки од посебна царинска иницијатива воведена во јули, насочена кон казнување на земјите што не ја спречуваат трговијата со стоки произведени со употреба на принудна работа.
Мерката предвидува царински стапки од 10 до 12,5 проценти за групата од 60 економии, но нејзината примена е предмет на судски спор.
Конечните царински стапки сè уште не се познати, но претставници на американската администрација постојано најавуваат дека имаат намера да воведат царини слични на оние што ги постави Трамп во 2025 година, пренесува Еуроњуз.рс.
Фото Економија и бизнис








