СВЕТОТ СЕ СООЧУВА СО НАМАЛУВАЊЕ НА ПОВРШИНСКАТА СЛАТКА ВОДА, одредени реки забележале екстремно ниски протоци дури и во области кои истовремено биле погодени од силни поплави

Екстремно високите глобални температури доведоа до голем пад на количината на вода во реките, езерата и акумулациите низ целиот свет во текот на 2023 и 2024 година, покажа новата студија, во која се предупредува на сè поизразените последици од климатските промени врз достапноста на слатководните ресурси.

Анализата на глобалните водни системи, спроведена под водство на Кинеската академија на науките, покажа дека во текот на двете најтопли години откако се направени мерења на водата, речните текови на глобално ниво биле приближно 5,7 проценти под нормалните вредности, додека количината на вода складирана во езерата и акумулациите се намалила за 9,5 проценти.

Ова е најголемото истовремено намалување на површинските водни ресурси забележано барем од 1991 година.

Истражувачите предупредуваат дека затоплувањето на планетата сè повеќе го нарушува природниот хидролошки циклус. Потоплата атмосфера влече повеќе влага од почвата, реките и езерата, додека високите температури дополнително го забрзуваат испарувањето.

Во исто време, зголемената количина на влага во атмосферата може да доведе до пообилни врнежи во други делови од светот, често над океанот, што дополнително ја зголемува наизменичноста на екстремни суши и поплави.

Затоа, во текот на 2023 и 2024 година, одредени реки забележале екстремно ниски протоци дури и во области кои истовремено биле погодени од силни поплави.

За да дојдат до резултатите, научниците анализирале мерења на речниот проток во 150 големи светски речни сливови, користејќи сателитски податоци за повеќе од 1,2 милиони езера и акумулации во периодот од 1991 до 2025 година.

Еден од авторите на истражувањето, д-р Сулања Мишра, рече дека резултатите укажуваат на важен парадокс на климатските промени, потопла атмосфера не мора да значи поголема достапност на вода на копно.

– Иако вкупната количина на врнежи на глобално ниво се зголемила во овој период, голем дел од дополнителните врнежи се забележани над океаните, додека многу копнени области претрпеле значителен недостиг на вода, објасни Мишра.

Најизразени последици беа забележани во Јужна Америка, каде што речните текови беа намалени за 17,8 проценти, додека количината на вода во езерата и акумулациите се намали за 16,5 проценти, пренесува Вијести.ба.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано