ПЛАЌАЊЕТО СО КАРТИЧКИ ГИ НАДМИНА ПЛАЌАЊАТА ВО ГОТОВО ВО ЕВРОЗОНАТА, 19 проценти се соочиле со тешкотии со подигање пари од банкомати

Плаќањата со картички во продавниците во еврозоната ги надминаа плаќањата во готово за прв пат откако почнаа да се собираат споредливи податоци во 2016 година, според истражувањето објавено денес од Европската централна банка (ЕЦБ).

Во 2026 година, 45 проценти од трансакциите на продажните места биле извршени со картички, додека уделот на плаќањата во готово изнесувал 44 проценти.

Уделот на плаќањата преку мобилни уреди се зголемил од шест проценти во 2024 година на девет проценти во 2026 година.

И покрај промените во навиките за плаќање, преференциите на потрошувачите останале стабилни. Картичките и другите форми на безготовинско плаќање ги претпочитаат 54 проценти од испитаниците, готовината 22 проценти, додека 23 проценти немаат јасно изразена преференција.

Можноста за дигитално плаќање е важна за 82 проценти од потрошувачите во eврозоната, додека 62 проценти сметаат дека е важно да се задржи можноста за плаќање во готово. Само три проценти од испитаниците изјавиле дека никогаш не користат готовина.

Членот на Извршниот одбор на ЕЦБ изјави дека и покрај зголемената улога на дигиталните средства за плаќање во секојдневните трансакции, потрошувачите сакаат да ја задржат слободата на избор.

Тој нагласи дека ЕЦБ ќе продолжи да ја штити достапноста на готовина, додека се подготвува за евентуалното воведување на дигиталното евро, пренесува Фена.

Готовината е сè уште особено важна за мали плаќања и трансакции меѓу поединци.

Околу 85 проценти од потрошувачите веруваат дека имаат лесен пристап до готовина, во споредба со 87 проценти во 2024 година. Меѓу испитаниците кои се обиделе да подигнат готовина од банкомати во текот на претходната година, 19 проценти се соочиле со тешкотии.

Анкетата опфатила 51.551 испитаник низ целата еврозона, а податоците се собрани во два круга, во текот на есента 2025 година и пролетта 2026 година.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано