Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп предложи воведување нови царини за увоз од 14 трговски партнери на САД, вклучувајќи ги Кина, Европската Унија, Јапонија и Индија, кои би можеле да стапат во сила на почетокот на следната година. За кинеските стоки е предвидена дополнителна царинска давачка од 20 проценти, што би ја зголемило вкупната стапка на околу 40 проценти. На листата се вклучени и Бангладеш, Камбоџа, Индонезија, Јужна Кореја, Малезија, Сингапур, Швајцарија, Тајван, Тајланд и Виетнам.
Новиот бран царини претставува продолжение на политиката на протекционизам на Трамп, но Вашингтон сега се повикува на поинаква правна основа.
Регулативата ѝ дозволува на извршната власт да воведе мерки против нефер трговски практики по истрага.
Белата куќа не прецизираше кога новите тарифи ќе стапат на сила, но посочи дека тоа би можело да се случи веќе во јануари. Канцеларијата на трговскиот претставник на САД најави јавни расправи за предложените мерки и истрага за спорните практики за 25 јануари. Ова е втор голем пакет тарифи врз основа на Член 301, откако Вашингтон објави слични мерки во јули за повеќе од 80 земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Мексико и Канада.
Американскиот трговски претставник Џејмисон Грир ги обвини трговските партнери дека со децении ги користат индустриските политики за да го поттикнат сопственото производство, да ги потиснат платите и трошоците за работна сила и да обезбедат финансиска поддршка на домашните компании. Според него, ваквите мерки ја нарушуваат пазарната конкуренција, им даваат предност на странските производители и ја ослабуваат американската индустриска база.
Администрацијата на Трамп тврди дека со новите тарифи сака да обезбеди порамноправни услови за американските работници и компании.
Американските берзи забележаа остар пад. Заедно со стравот од нова трговска војна, инвеститорите се загрижени за забрзување на инфлацијата, можно зголемување на каматните стапки и континуирана распродажба на технолошките акции.
Европската Унија одговори на плановите на Доналд Трамп за воведување нови тарифи, речиси една година откако Врховниот суд на САД ги поништи неговите претходни тарифи наметнати на таканаречениот Ден на ослободувањето.
Според сегашниот предлог, царините за увоз од ЕУ би изнесувале 15 проценти, исто како што беше договорено со администрацијата на Трамп во јули минатата година.
„Ќе ги проучиме резултатите од истрагата. Во исто време, силно го отфрламе тврдењето дека Европа е извор на структурен вишок на производствен капацитет. Напротив, Европа е меѓу оние кои се најизложени на тој проблем“, соопшти ЕУ, што би можело да се однесува на голем прилив на стоки од Кина, пренесува Сеебиз.
Фото Економија и бизнис







