Заработката на рафинериите од рафинирање на сурова нафта во гориво падна на најниско ниво во последните месеци, бидејќи глобалните залихи се враќаат, а забавувањето на побарувачката ги ублажува последиците од војната на Блискиот Исток, покажа анализата на Блумберг.
Маржите за производство на дизел во Азија и Европа се приближија до најниските нивоа од јули, додека заработката на рафинериите во САД од производството на бензин падна на нивоата пред конфликтот во февруари, а во Европа се најниски во последните три години.
Намалувањето на маржите на рафинериите укажува дека цените на рафинираните горива паѓаат побрзо од цените на суровата нафта.
Оваа ситуација носи привремено олеснување на инфлациските притисоци за потрошувачите, економијата и централната банка, иако малопродажните цени на енергетските производи се уште се значително повисоки отколку пред војната.
Како што е наведено, преработката во рафинериите надвор од Персискиот Залив и Русија е во значителен пораст, а рафинериите на брегот на американскиот Мексикански Залив минатата недела преработија рекордна количина сурова нафта.
Извозот на нафтени производи од Блискиот Исток исто така се зголемува, со закрепнување на пратките што минуваат низ Ормуската Теснина и Црвеното Море.
Според податоците од аналитичката компанија „Вортекс“, извозот на дизел од саудиските пристаништа надмина 600.000 барели дневно во првата половина на ноември, што е за 30 проценти повеќе во однос на претходниот месец, пренесува РТВ.
Фото Економија и бизнис







