Предвидлива законска рамка, сигурно снабдување со енергија и достапни финансиски инструменти се клучни предуслови за декарбонизација на индустријата, нови инвестиции и долгорочна конкурентност на економијата. Ова го истакна Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини, на панел-дискусијата „Декарбонизација на индустријата, технологии и финансирање“, во рамки на конференцијата „Индустријата и животната средина: профитот не е единствената цел“, организирана од Стопанската комора и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Божиновска посочи дека државата мора да обезбеди поефикасни институционални процедури и пократки рокови за реализација на енергетските инвестиции, бидејќи административните пречки директно влијаат врз деловното работење. Ова е важно и за приватните и за државните компании, кои мора да имаат услови за долгорочно планирање, предвидливи трошоци и стабилно работење.
„Ние треба да направиме законска рамка за да може да има поголеми инвестиции. Би било многу убаво кога компаниите би знаеле во следните пет години колкав ќе биде нивниот трошок за електрична енергија, наместо секојдневно да ја следат берзата и да се соочуваат со неизвесност. Тоа е ризик за секоја компанија, особено за оние каде што електричната енергија претставува значителен дел од трошоците. И приватните и државните компании треба да можат да планираат. Наша задача е да овозможиме предвидливост, да бидеме пофлексибилни и да ги скратиме процедурите, за компаниите да можат да инвестираат и да се развиваат“, истакна Божиновска.
Божиновска посочи дека преку јавно-приватните партнерства ќе се отворат дополнителни можности за реализација на проекти за кои државата нема доволно сопствени финансиски средства, а како важен приоритет го издвои и подобрувањето на енергетската ефикасност на јавните институции.
Говорејќи за финансирањето на декарбонизацијата, таа информираше дека според Националниот план за енергетика и клима, за реализација на предвидените мерки до 2030 година се потребни околу 10 милијарди евра. Од вкупно 61 мерка во Планот, 26 директно се однесуваат на декарбонизацијата. Како механизам за привлекување инвестиции ја издвои Платформата за праведна транзиција, преку која се презентираат конкретни проекти на енергетските компании пред меѓународните финансиски институции и се отвораат можности за нивно финансирање.
Посебно внимание беше посветено и на механизмот CBAM, кој има директно влијание врз конкурентноста на домашните компании што извезуваат на европскиот пазар. Божиновска информираше дека Министерството, заедно со Царинската управа, Институтот за акредитација и Министерството за животна средина, работи на потребната законска рамка и воспоставување систем за мониторинг, известување, верификација и акредитација (MRVA). Целта е средствата поврзани со јаглеродните емисии да останат во земјата и да се инвестираат во зелена трансформација на домашната економија.
Како дополнителен предуслов за конкурентноста на индустријата, Божиновска го посочи развојот и регионалното поврзување на енергетската инфраструктура. Во тој контекст ги издвои гасната интерконекција со Грција, активностите за поврзување со Албанија, како и интеграцијата на електроенергетските пазари. Овие проекти ќе овозможат поголема сигурност во снабдувањето, пристап до повеќе енергенси и подобри можности за увоз и извоз на електрична енергија.
Таа информираше и за подготовката на Мастер-планот на МЕПСО за развој на преносната мрежа, кој треба да ги идентификува потребните инвестиции и капацитети во различните региони, особено во деловите каде што веќе има ограничени можности за приклучување нови енергетски капацитети.
На панелот, модериран од Виктор Мизо од „Костал“, покрај Божиновска, учествуваа и Волфганг Маиер од ЕВН, Марија Дуковска-Павловска од „Макстил“ и Тони Стојановски од НЛБ Банка АД Скопје. Со учеството на претставници од институциите, енергетскиот сектор, индустријата и банкарскиот сектор, дискусијата ја опфати целината на процесот – од креирањето на државните политики и обезбедувањето енергија, до потребите на производствените компании и финансирањето на нивната трансформација.








