Патувањата − моќна алатка во бизнисот
Уште една иницијатива на Стопанската комора го трасира патот да добие смисла на своето постоење, преку искуствата, сознанијата, новите научени работи и примери кои бизнисмените ги добиваат од деловните патувања надвор од границите на државата, посета на фирми, саеми, конференции, Б2Б средби – ЗА ФОРМИРАЊЕ КЛУБ НА БИЗНИСМЕНИ КОИ ПОСЕТИЛЕ НАД 30 ЗЕМЈИ ЗА ВОДЕЊЕ БИЗНИС..
За тоа пишуваме во изданијата од почетокот на годинава, за различни искуства на различни бизнисмени во различни прилики, почнувајќи од претседаелот Азески и неговото искуство, Драгана Чифлиганец, заменик-претседател на Комората, Глигор Цветанов, претседател на Клуб Европа и потпретседател на Стопанската комора, како и иксуствата на Жарко Димитриоски и Ангелка Пеева Лауренчиќ, активни и истакнати членови на УО на СКСМ.
Во овој текст сублимираме поенти кои даваат печат на важноста на бизнис патувањата и можноста тоа искуство да се преслика во економскиот и општествениот развој на државата.
Патувајќи по светот во многу земји, на различни континенти, во функција на развој на бизнисот, научив многу работи, правила, вредности. Запознав многу луѓе, се судрив со различни карактери и традиции при воспоставување деловни односи. И се тоа остави трага на мојот професионален однос кон луѓето. Во кратки црти, „правилата“ кои сум ги научил при патувањата:
- На човек се може да му се одземе, освен доживувањата од патувањата.
- Кога одам приватно, патувам и се сместувам рационално. Кога сум службено патување, водам сметка за репутацијата на институцијата што ја претставувам, како дел од имиџот и корпоративното обележје на субјектите и не можеш со тоа да си играш. Ако се вратам назад, сите пари ќе ги дадам за патувања, затоа што на нив научив повеќе отколку на универзитетите, затоа што тоа е едукацијата во секојдневниот живот.
- Она што ме научија родителите, јас го пренесов на моите деца.
- При патувањата во последниот период, попатно посетувам и помали градови кои имаат своја убавина, а не се главните. Лоцирани настрана, но со добра сообраќајна инфраструктура и секогаш лесно достапни. Бриж, Фиренца, Лајпциг, Дрезден, Ставангер ….
- Ако сакаш да процениш некој човек, земи го со себе на пат.
- Мојот татко патуваше само дење, не се случи никогаш да го продолжиме патувањето ако падне ноќ. Се преспиваше таму каде што ќе не затекнеше.
- Познат сум по тоа што ако се наоѓам во град што е оддалечен 300 км (автопатско решение) од море, вечерта задолжително ја поминувам покрај море, затоа што морето е поврзано со мојата потреба за ширина и слобода, точно онака како што еден војник црногорец рекол: Кога ќе излезам од куќата во Котор, го ставам прстот во морето, чувствувам дека имам врска со целиот свет…..
- Воведов иницијатива во Хотелот Александар Палас да се формира Клуб на луѓе кои ќе докажат дека имаат престојувано во над 50 земји. Се излажав, тоа е тешка работа, затоа што најголем дел од луѓето патуваат многу, но во исти земји.
Затоа, оваа иницијатива останува и понатаму кога ќе се создадат услови за тоа, а ќе биде во функција на нашиот развој.
Економија и бизнис, 01 ноември 2026








