ЗИМСКАТА СЛУЖБА НА ОПШТИНА БИТОЛА Е ПОДГОТВЕНА ЗА ЗИМСКАТА СЕЗОНА, изјави градоначалникот Тони Коњановски

Зимската служба на Општина Битола е подготвена за претстојната зимска сезона, а надлежните служби и претпријатија имаат утврдена програма, изјави градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски на денешната прес – конференција во неговиот кабинет.

Коњановски потврди дека на консултативен состанок со сите релевантни фактори во градот посочени се обврските кои произлегуваат од програмата за организирање зимска служба во општината.

-За реализација на програмата имаме координативно тело со споделени надлежности и утврдени приоритети за чистење на улици во зимски услови. Градот е подготвен за претстојната зимска сезона и веруваме дека нема да се случи традиционалната народна изрека –„снегот не’ изненади!“. Во ЈКП „Нискоградба“ има доволни количини сол, ризла и песок, механизацијата е подготвена и ќе дејствуваме во зависност од потребите, истакна Коњановски.

На месечната средба/брифинг со претставниците на средствата за јавно информирање Коњановски потсети на актуелните проекти што се реализираат на подрачјето на општината поврзани со образованието, локална инфраструктура, сообраќај, туризам…, како и за меѓународната соработка на градот.

-Задоволен сум од реализацијата на проектите, голем дел од нив се со владина поддршка чија вредност надминува 15 милиони евра. Ние како локална самоуправа сме лидери според аплицираните проекти пред владините јавни повици и се надеваме дека ќе има дополнителни. Проектите се реализираат, а за дел се подготвува проектна документација, нагласи Коњановски.

Општина Битола наскоро ќе стави во функција две нови паркиралишта, а во поранешната касарна ќе бидат промовирани нови велосипедски патеки, најавија од локалната самоуправа. 


Извор МИА

Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано