Американскиот претседател Доналд Трамп ги обвини федералните владини претставници за објавување „лажни“ податоци за економскиот раст пред изборите овој месец и побара итна истрага, откако последователната проценка за растот на бруто домашниот производ (БДП) беше зголемена од 3,4 на 4,3 проценти.
Трамп го објави ова во празничен пост на неговата социјална мрежа за Денот на благодарноста, со обвинувања дека корекцијата е објавена три недели подоцна и дека е намерна грешка.
„Зошто точниот број не беше објавен пред изборите? Барам итна истрага за оваа ситуација. Ова не е мала грешка, туку огромна и намерна грешка“, напиша Трамп.
Според податоците од Бирото за економски анализи на САД (BEA), кое работи во рамките на Министерството за трговија, американската економија пораснала со годишна стапка од 4,3 проценти во третиот квартал од 2026 година, додека првата проценка, објавена на 29 октомври, била 3,4 проценти.
Последователните ревизии на проценките на БДП се вообичаена практика, бидејќи првите податоци се објавуваат врз основа на нецелосни информации, а подоцна се дополнуваат со попрецизни податоци за потрошувачката, инвестициите и трговијата.
BEA редовно објавува повеќекратни проценки за економскиот раст, а нивните промени се прават според однапред одреден распоред, независно од политичкиот календар. Трамп не презентираше докази дека првичната проценка била намерно потценета или дека имало каква било манипулација со податоците.
Претседателот на САД претходно ги оспори официјалните економски индикатори кои не се совпаѓаа со неговите тврдења за силен економски раст. Во август минатата година, тој го замени шефот на Бирото за статистика на трудот по објавувањето на послабите податоци за вработеноста и последователните ревизии на бројот на нови работни места.
Празничната објава на Трамп, исто така, содржеше низа остри пораки насочени кон политичките противници, медиумите и имигрантите. Тој ги обвини демократите дека сакаат да ја придвижат земјата кон радикалната левица и да го прераспределат имотот на граѓаните кои го стекнале за време на нивниот живот, пренесува Политика.
Фото Економија и бизнис







