Што можеме да научиме од Швајцарија кога е туризмот во прашање?

Туризмот во Македонија не треба и не може да стане копија на Швајцарскиот. Но, можеме да ја превземеме нивната филозофија, фокус на одржлив развој пред брза заработка. имплементирање долгорочна стратегија наместо краткорочни решенија.

Кога ќе се спомне Швајцарија, првата асоцијација најчесто се Алпите, беспрекорната природа, точните возови, чоколадото и часовниците. Но, зад тие препознатливи симболи стои нешто многу поважно, а тоа е систем кој со децении внимателно го градел својот туристички бренд.

Швајцарците одамна сфатиле дека туризмот нема краткорочна вредноста, и неговата  вредност не се мери само со број на ноќевања или фотографиите на социјалните мрежи. Туризмот во Швајцарија е важна економска гранка, која поттикнува локален развој, одржливост и зачувување на природата и културното наследство, но и начин на живот. Во туризмот не се случува случајно, тој во Швајцарија е резултат на долгорочно планирање, инвестиции, партнерства и континуирана грижа и имплементација на тоа што е замислено.

Македонија има нешто што не може да се купи со пари, извонредна природа, богата историја, автентична гастрономија и гостопримливи луѓе. Но, честопати недостасува она што Швајцарија го прави најдобро, да се поврзат сите овие вредности во единствена туристичка приказна.

Туристот денес не бара само хотел или само дестинација. Тој бара автентично доживување. Сака локална храна, разговор со домаќините, активен одмор, традиција, чувство дека открил нешто уникатно. Токму тука Македонија има огромен потенцијал. Но тој потенцијал треба да биде трансформиран во различни локални туристички продукти.

Од Швајцарија може многу да научиме, но уште поважно за нас е да истакнеме дека оваа пријателска земја е голем поддржувач на развојот на туризмот во земјава. Преку поддршката на Швајцарската амбасада и програмата Increasing Market Employability (IME), се поттикнува развојот на малите и средни претпријатија во одржливиот туризам, се подобруваат туристичките производи и услуги, се поттикнува отворање нови работни места и зголемување на конкурентноста на локалните дестинации. Оваа програма е дел од пошироката швајцарска развојна соработка во Македонија.

Таквата поддршка има вистинска вредност само ако знаеме да ја искористиме. Не е доволно да се изградат нови содржини ако нема луѓе што ќе ги раскажат приказните за нив. Не е доволно да имаме прекрасни предели ако не се достапни, промовирани и поврзани во современа туристичка понуда. Тука треба да настапи државата.

Од Швајцарија можеме да научиме дека успехот не доаѓа преку ноќ, туку дека тој се гради со доверба, соработка меѓу институциите и приватниот сектор, со почитување на локалната заедница и јасна визија каде сакаме да бидеме по десет или дваесет години.

Македонија нема потреба да стане копија на Швајцарија. Напротив. Нашата најголема вредност е автентичноста. Но, можеме да ја преземеме нивната филозофија, квалитет пред квантитет, одржлив развој пред брза заработка и долгорочна стратегија наместо краткорочни решенија.

Туризмот не е само економска гранка. Тој е огледало на една држава. Начинот на кој ги пречекуваме гостите, како ја чуваме природата, како ја раскажуваме нашата историја и како ги вклучуваме локалните луѓе, зборува многу повеќе од секоја кампања.

Ако научиме барем дел од швајцарската посветеност, дисциплина и визија, Македонија нема само да биде земја што туристите ќе ја посетат еднаш. Ќе стане земја во која ќе сакаат повторно да се вратат.


пишува: Влатко Сулев

Најчитано