Генералната директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, денес изјави дека моменталниот економски развој и брзото темпо на развој на вештачката интелигенција (ВИ) може да го продлабочат јазот меѓу развиените и земјите во развој, особено со оглед на остриот пад на помошта за развој.
Таа рече дека Меѓународниот монетарен фонд ја препознава својата одговорност да им помага на земјите со финансирање кога е потребно и ги повика земјите-членки на ММФ да ги исполнат своите ветувања за зголемување на финансирањето во Фондот за намалување на сиромаштијата и раст на ММФ, кој обезбедува нискокаматни и бескаматни заеми за земјите со ниски приходи.
На прес-конференција за време на годишните состаноци на ММФ и Светската банка во Бангкок, Георгиева рече дека ММФ, исто така, бара од своите членови да го дополнат Фондот за ублажување на катастрофи, специјализиран фонд кој обезбедува грантови за помош и отпишување на долговите на најсиромашните и најранливите земји-членки.
Шефицата на ММФ рече дека неодамнешните напади врз Саудиска Арабија би можеле да влијаат врз луѓето ширум светот, бидејќи трошоците за енергија растат глобално, а повеќекратните конфликти беснеат во регионот богат со нафта.
Таа оцени дека економскиот раст на Соединетите Американски Држави не може доволно брзо да ги реши растечките проблеми со долгот и фискалниот дефицит на земјата и дека се потребни други мерки.
„Властите во голема мера се потпираат на силниот раст во САД. Растот, секако, помага, но не може доволно брзо да ги донесе потребните прилагодувања. Некои мерки би биле неопходни“, додаде Георгиева.
Секретарот за финансии на САД, Скот Бесант, во последните месеци изјави дека САД ќе можат да ја променат траекторијата на својот долг и дефицит потпирајќи се на силен економски раст. Дефицитот на САД достигна 2 трилиони долари и е на пат да надмине шест проценти од бруто домашниот производ оваа фискална година, соопшти Канцеларијата за буџет на Конгресот, а вкупниот јавен долг на САД за прв пат надмина 40 трилиони долари, скок од една третина за помалку од пет години, пренесува Еуроњуз Србија.
Фото Економија и бизнис








