Германскиот канцелар Фридрих Мерц бара пензиската реформа да биде подготвена за усвојување што е можно поскоро и најавува промени на пазарот на трудот, отфрлајќи ја можноста за отстапки кон социјалдемократите.
Еден ден по политичките превирања предизвикани од оставката на Бербел Бас од функцијата министер за труд и социјални работи и копретседател на германските социјалдемократи (SPD), Мерц и четворица министри од неговата влада беа гости на годишниот состанок на Германското здружение на работодавачи (BDA), кое обединува околу еден милион компании со приближно 30 милиони вработени, што е повеќе од 60 проценти од работните места во Германија.
На крајот на јуни, експертската комисија презентираше предлози за реформа на пензискиот систем во Германија. На 1 јули, конзервативните христијански демократи (CDU/CSU) и социјалдемократите се согласија да подготват нацрт-закон врз основа на тие предлози.
Сепак, расте отпорот меѓу социјалдемократите кон укинување на можноста за пензионирање без намалување на приходите по 45 години придонеси. Затоа реформата е заглавена. Мерц сега бара пензиската реформа да се спроведе без промени.
„Предвременото пензионирање без намалување на приходите за оние кои се здрави и способни за работа не е фер, ниту пак пензискиот систем и нашата економија можат да си го дозволат тоа кога се помалку вработени мора да финансираат сè поголем број пензионери“, рече тој. Ова дополнително го влоши спорот со социјалдемократите, кои сè уште се противат на тој дел од реформата.
Работодавaчите внимателно ги слушаат пораките од владата. Околу 17 месеци по преземањето на функцијата, почетниот оптимизам за економијата се претвори во фрустрација и разочарување. Мерц вети многу повеќе отколку што можеше да испорача во коалицијата со социјалдемократите. Во исто време, владата сè уште не успеа трајно да ја зголеми конкурентноста на германската економија или да ја врати на патот на раст.
Во текот на претходната година, околу 177.000 работни места беа изгубени во индустријата. Автомобилската индустрија, машинското инженерство и преработката на метали се особено погодени. Претседателот на BDA, Рајнер Дулгер, побара конкретни чекори: „Не ни требаат нови анализи на постојната состојба, туку одлуки што компаниите и вработените ќе ги почувствуваат во нивниот секојдневен живот“.
Потребни се подобри услови за работење, помалку бирократија, поефикасна и дигитализирана држава, одржлив социјален систем, квалитетно образование, функционална инфраструктура и конкурентни цени на енергијата, вели тој.
Реформата на социјалниот систем е на врвот на листата на барања на работодавачите. Во Германија, работодавачите и вработените подеднакво го финансираат пензискиот и здравствениот систем, како и долгорочната нега и осигурувањето за невработеност.
Стареењето на населението и намалувањето на бројот на жители дополнително ги зголемуваат трошоците за социјалните фондови. Додека уделот на придонесите во текот на последните 15 години беше претежно стабилен на нешто помалку од 40 проценти од бруто-заработката, сега значително расте. Веќе оваа година, дури 423 евра од секои 1.000 евра плата одат во фондовите за социјално осигурување. Без реформи, таа сума би продолжила да расте.
Дулгер го критикуваше темпото на работа на коалицијата и употреби споредба со воз: „На пат сте кон важен состанок, седите во возот, но возот не се движи. А ние одамна знаеме каде треба да оди.“ Тој додаде дека Мерц се обидува да ги забрза реформите, но дека многумина во коалицијата сè уште ги одложуваат промените. Обраќајќи им се на социјалдемократите, тој рече: „Кој сериозно ја сфаќа социјалната правда, не само што мора да праша како да ги обезбеди социјалните права. Тој мора да праша и како да ги зајакне оние што ги финансираат преку работа и плаќање придонеси“.
Работодавачите бараат поголема флексибилност во работното време. Наместо сегашното ограничување од осум часа на ден, тие предлагаат воведување на максимален неделен фонд на работни часови.
Социјалдемократите и синдикатите ја отфрлаат идејата, но Мерц ја поддржува. Мерц наведе примери од странство каде што вработените работат 12 часа без прекин, три дена во неделата.
„Тоа покажува дека работењето подолго од осум часа не е експлоатација, туку може да биде добра можност и за компаниите и за вработените“, рече тој.
Тој сака да ја прошири можноста за привремено вработување и да го олесни отпуштањето на високо платените вработени. Мерц вели дека е подготвен за реформи што не се случиле во Германија со децении, дури и по цена на сериозни конфликти во рамките на коалицијата, пишува Дојче веле.
Фото Економија и бизнис








