НАУЧНИЦИТЕ ОТКРИЈА ГЕНЕТСКА МАПА ШТО МОЖЕ ДА ГО ЗАПРЕ СТАРЕЕЊЕТО, анализата на најстарата џиновска желка покажала дека поседува гени поврзани со поефикасно поправање на ДНК

Генетската анализа на џиновската желка Џонатан, за која се проценува дека има 194 години и е најстарото копнено животно на светот, откри можни индиции за долговечност што еден ден би можеле да придонесат за развој на терапии за забавување на стареењето кај луѓето, според нова студија објавена во списанието Science Advances.

Научниците го анализирале геномот на Џонатан, односно целиот негов ДНК, како и неговиот епигеном, кој ги вклучува механизмите за вклучување и исклучување на гените. Тие идентификувале 287 варијанти на гени поврзани со заштита од клеточно оштетување што се акумулира во текот на животот.

„Секогаш се претпоставувало дека нивниот метаболизам е многу бавен во споредба со нашиот. Ова значи дека процесите што се одвиваат во клетките се побавни, па затоа има помалку хемиски реакции и затоа помалку оштетување на клетките и ДНК“, изјави коавторот на студијата Џастин Герлах, соработник на одделот за биологија на Универзитетот во Кембриџ во Велика Британија.

Според него, анализата покажала дека Џонатан поседува гени поврзани со поефикасно поправање на ДНК и намалување на воспалителните процеси, што се два важни механизма во проучувањето на стареењето.

Научниците, исто така, утврдиле дека оваа желка успева да одржи соодветна генска активност дури и во старост, додека кај многу други животни, вклучувајќи ги и луѓето, оваа контрола е нарушена за време на стареењето.

„Нашите клетки почнуваат да функционираат на погрешен начин и се развиваат болести, како што е ракот. Сепак, Џонатан ги задржал генетските контролни механизми карактеристични за многу помладо животно“, рече Герлах.

Џонатан припаѓа на вид џиновска желка од атолот Алдабра на Сејшелите и го поминал поголемиот дел од својот живот на островот Света Елена, британска прекуокеанска територија во Јужниот Атлантик.

Неговата точна возраст не е позната. Научниците проценуваат дека е стара околу 194 години врз основа на фотографија од 1882 година, пренесува Еуроњуз.ср.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано