Во ерата на вештачката интелигенција, работодавачите сè повеќе ги вреднуваат љубопитноста, приспособливоста, критичкото размислување и способноста за проценка на резултатите што ги генерираат алатките за ВИ, додека конкретните технолошки знаења сè побрзо се менуваат, наведуваат раководителите за човечки ресурси и развој на таленти.
Извршниот директор на платформата за вработување Гринхаус, Даниел Чејт, оцени дека поради брзите промени на технологијата, предност сè повеќе им се дава на трајните способности, а не на познавањето поединечни алатки, пренесува CNBC.
Вештините што порано често се класифицираа како „меки“, како комуникацијата, учењето и приспособувањето, сега стануваат поважни за професионалниот успех, наведуваат експертите кои оваа недела се собраа на конференција во Њујорк.
Љубопитноста и континуираното учење се клучни доблести што работниците треба да ги развиваат, смета директорката за таленти во компанијата Волмарт, Лорејн Стомски.
Шефицата на одделот за таленти и корпоративна култура во компанијата EY, Џини Карлир, истакнува дека учењето станува „мета-вештина“, односно способност што овозможува стекнување на сите други знаења.
Приспособливоста и отпорноста на промени исто така добиваат на значење, бидејќи алатките и технологиите брзо застаруваат. Според Чејт, работодавачите сакаат да видат дека вработените можат брзо да учат, да се приспособуваат и да создаваат вредност во различни околности.
Стомски наведува дека работодавачите ги подигаат очекувањата и при вработувањето почетници, бидејќи вештачката интелигенција може да заврши дел од задачите што традиционално им беа доверувани на вработените на почетокот од кариерата. Од почетниците затоа сè повеќе се очекуваат критичко размислување и добро расудување, наместо просто извршување на задачите.
Карлир нагласува дека вработените мора да го проценуваат квалитетот на податоците што ги внесуваат во алатките за ВИ, но и на одговорите што ги добиваат, за да можат да преземат одговорност за конечните резултати.
Познавањето работа со компјутери повеќе не е доволно само по себе, туку се очекува и разбирање на ВИ, вклучително и ограничувањата и ризиците, како и проверка на добиените одговори.
Експертите предупредуваат дека терминот „ВИ писменост“ е често неодреден и дека работодавачите мора појасно да дефинираат кои знаења ги очекуваат од вработените.








