Повикај пријател: Што може Петер Маѓар да научи од Доналд Туск?

Првата посета на новиот унгарски премиер во странство ќе биде во Варшава. Тој ќе бара да се споделат искуствата како треба да владеат демократските наследници на националистичките популисти. Туск има искуство за тоа. Тоа искуство кажува дека е извонредно тешко да ја извлечеш заробената држава од нелиберализмот.

Пишува: Љупчо Поповски | Авторот е новинар

Големото неизвесно патување што пред две години го започна Петер Маѓар во Унгарија заврши со неверојатен триумф над националистичкиот популист кој ги контролираше апсолутно сите лостови на моќта во државата. Пред две години тоа изгледаше само како уште еден обид на човек од опозицијата да го собори на избори Орбан. И дека вообичаено ќе биде неуспешен.

На страниците на овој магазин пишувавме за Петер Маѓар, за неговото неочекувано појавување, за тоа што би можел да направи, кои се неговите политички ставови на десната страна од спектарот и зошто има сериозна можност да му се спротивстави на Орбан, бидејќи доаѓа од структурите на владејачката Фидес.
За поразот на Орбан се наоѓаат најразлични толкувања, и од аналитичарите во Унгарија и од тие надвор. Предноста на Маѓар навистина произлегува од тоа што тој беше дел од универзумот на Фидес, но полето за победа главно му го обезбеди самиот Орбан.

Тоа на многу добар начин го објасни во интервју за „Независен“ познатиот новинар и главен уредник на неделникот „Маѓар наранч“ од Будимпешта, Ендре Бојтар, три недели пред изборите.

„Владата апсолутно нема идеја што да прави со економијата. Јавните услуги се намерно уништени; тие не беа особено добри дури ни кога Орбан дојде на власт, но сега речиси се уништени. Сè што направи во образованието, високото образование, во здравствената заштита и во транспортот е речиси нула. Потоа има висока инфлација. Генерално, Владата владее лошо, а луѓето го чувствуваат тоа. Само во кратки периоди имаше економски бум, кога државата добиваше големи европски средства, и во тие времиња граѓаните гласаа за него. Главниот проблем е што Орбан воопшто нема идеја како да се движи напред. Тој го урна системот, ги расипа работите и не знае како да ги поправи и да продолжи“, рече Бојтар.

Државата за време на Орбан беше редуцирана во машинерија која ги спроведуваше неговите желби. За новата влада на Маѓар ќе биде многу важно да изгради ослободена нова бирократија која ќе работи според демократски правила. И потоа да се најдат луѓе кои ќе ја водат оваа бирократија. Има многу сериозни криминали направени во Унгарија, главно економски. Во основа, цела земја беше искрадена, цели сектори во економијата. И сега е прашање како тоа да се врати назад. И да се врати нормалната демократија во земјата по 16 години нелиберална демократија. Тоа ќе биде извонредно тешка задача за Петер Маѓар и тој уште пред изборите бараше помош од пријател кој може да му помогне во тоа. Кој веќе поминал низ тие макотрпни работи. Тоа е полскиот премиер Доналд Туск, политички партнер на Маѓар во Европската народна партија. Тиса и Граѓанската коалиција на Туск се дел од најголемата европска политичка група.

Сега двајцата централнодесничарски, проевропски лидери ја водат тешката задача за враќање на владеењето на правото и подобрување на државните институции по години демократско уназадување и судири со ЕУ.

Лидерите разговараа во изборната ноќ, а радосниот Туск му се јави на Маѓар од Кореја каде што беше во посета: „Толку сум среќен. Мислам дека сум уште посреќен од вас, знаете?“

Туск им рече на новинарите следниот ден наутро: „Прво Варшава, потоа Букурешт, Кишинев, а сега и Будимпешта. Овој дел од Европа покажува дека не сме осудени на корумпирано и на авторитарно владеење.“ Тој мислеше на победата на проевропските сили на клучните парламентарни и на претседателските избори во овие земји.

Со видливо олеснување, тој додаде: „Товарот ми се симна од рамената бидејќи бев загрижен до самиот крај.“

Маѓар брзо им возврати на комплиментите. Зборувајќи на прес-конференција со унгарски знамиња обрабени со знамиња на ЕУ, тој зборуваше за „специјален однос“ со Полска и рече дека ја избрал Варшава за своето прво странско патување како премиер. Оттаму ќе замине во Виена, како клучен сосед на Унгарија. Унгарскиот парламент треба да се конституира на 9 мај, очигледно да има симболика со Денот на Европа и со враќањето на Унгарија во европскиот главен тек.

Споделување искуства

Посетата на Варшава е за споделување искуства во врска со транзицијата назад кон либерална демократија. Посетата на Виена има повеќе врска со европската политика и со фактот дека Будимпешта сака да развие со Австрија заеднички политики во рамките на ЕУ. Маѓар уште сега најави дека од Виена ќе оди во Брисел со редовна авионска линија.

Партнерството меѓу двајцата лидери би можело да игра клучна улога во враќањето на Будимпешта во главното поле на европската политика. Особено што Туск, по заминувањето на Орбан, ќе биде човекот кој има поминато најмногу години на масата каде што заседаваат европските лидери.

Од Унгарија ќе се очекува да исполни неколку услови поврзани со нејзините институции, со судскиот систем, со проверките за корупција, со законите за азил и со академските слободи.

Зад сцената, полските и унгарските претставници веќе разговараат за тоа како неодамнешните напори на Полска да го сврти долгогодишното нелиберално владеење би можеле да се применат на Унгарија.
Во 2023 година, Граѓанската коалиција ја победи и ја отстрани од власта десничарската популистичка партија Право и правда (ПиС) и успеа успешно да отклучи милијарди замрзнати средства од ЕУ.

Неформалните разговори, започнати на почетокот на 2026 година, неколку месеци пред изборите, беа „всушност за спасување на што е можно повеќе од она што инаку би било изгубено под Орбан“, рече еден висок полски функционер вклучен во процесот.

Но, времето отчукува бидејќи Унгарија ќе мора да ги достигне своите „супер пресвртници“ до крајот на август за да пристапи до првата транша од 10,4 милијарди евра. Околу 2,12 милијарди евра веќе се трајно изгубени.

Полските претставници за „Гардијан“ рекоа дека се надеваат оти може да се постигне брз напредок, но им рекоа на своите унгарски партнери дека „ветувањата нема да бидат доволни; тие ќе мора всушност да ги променат работите − и тоа брзо“.

Заложбата на Унгарија да се приклучи на Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (ЕППО) и да ги истражи корупцијата и измамите од 16-годишното владеење на Орбан се смета за клучен елемент на промените. Полска го достави своето барање за приклучување кон ЕППО на првиот ден од новата влада.
Адам Боднар, министер за правда на Полска до јули минатата година, рече дека фактот што разговорите се воделе пред да се инаугурира владата на Унгарија не е изненадувачки.

„Всушност, не се чека првиот ден од владата“, изјави тој за „Гардијан“. „Имавме некои односи со Комисијата, всушност две недели пред да се формира кабинетот, па се обложувам дека луѓето од Унгарија веќе се на линија… прашувајќи се како може да се направи ова.“

Со двотретинско мнозинство, „кога ќе презентираат акциски план, тие всушност ќе можат да го исполнат сето тоа. Ние не можевме… и затоа ни останува да бараме понекогаш многу акробатски решенија“.
Но, некои од проблемите на Полска сè уште би можеле да бидат релевантни за Унгарија бидејќи функционерите се обидуваат да ги ревидираат системите преполни со нелиберализам.

Туск: ЕУ мора да биде „многу трпелива“ со Маѓар

Туск се обиде да ги намали преголемите очекувања во ЕУ и во европските престолнини од победата на Тиса, велејќи во разговор за „Фајненшел тајмс“ дека Унијата мора да биде „многу трпелива“ со Маѓар.
Во истиот разговор Туск истакна дека Унгарија останува поконзервативна од повеќето земји членки на ЕУ. Затоа би било грешка да се толкува резултатот од изборите како победа на прогресивниот табор над крајната десница. Според неговите зборови, Петер Маѓар „може да разочара некои социјалистички, попрогресивни колеги“. Тој додаде дека секој треба да ја разбере специфичната унгарска внатрешна политичка ситуација.

Полскиот премиер нагласи дека унгарското општество останува поскептично кон Украина отколку доминантниот став на ЕУ.

Дополнително не се очекува Петер Маѓар да ја промени сегашната политика на земјата за прашања поврзани со миграцијата и со климатската политика, како и религијата и националното наследство.
Во врска со проширувањето на ЕУ, Туск истакна дека ветото на Орбан досега служело како удобен изговор. Тоа им било корисно на оние кои навистина не сакале суштински напредок во процесот на пристапување на Украина и на Молдавија. Сега оваа политичка маска е отстранета, додека проширувањето е всушност многу покомплициран процес отколку што мислат некои политички актери денес.

Тогаш што би можел Петер Маѓар да научи од Доналд Туск?

Полскиот премиер се врати на функцијата во 2023 година по осум години популистичко владеење на ПиС. И покрај тоа што дејствуваше брзо за да ги спречи јавните медиуми да шират пропаганда, да отклучи 137 милијарди евра замрзнати фондови на Европската Унија преку реформи за владеење на правото и да го зајакне економскиот раст, Владата на Туск се бореше со ниски рејтинзи на одобрување.

Како што пишува Славомир Сјераковски од Советот за надворешни работи на Германија: „Демократските наследници на крајно десничарските популисти, за жал, се речиси осудени да разочараат со оглед на големите надежи што ги создадоа нивните победи. Но, незадоволството од Владата на Туск главно ги одразува многуте начини на кои ПиС ги искриви и ги претвори во оружје државните институции − проблем со кој се соочува и Маѓар во Унгарија. Во обете земји, системските промени бараат парламентарно супермнозинство, кооперативен претседател и независен уставен суд. Без негова вина, Туск не успеа да исполни ниеден од овие услови. Сепак, Маѓар успеа да обезбеди уставно мнозинство, ставајќи го во позиција да може да го обнови системот од темел. Но, нелиберализмот е многу повкоренет во Унгарија отколку што беше во Полска. Затоа процесот на обнова ќе потрае, а очекувањата на гласачите ќе мора да се исполнат порано.“

Отклучување на милијардите од ЕУ

Кои би можеле да бидат првите чекори на владата на Маѓар? Најважната работа е отклучување на средствата на ЕУ што беа замрзнати поради кршењата на владеењето на правото од страна на Орбан. Но, тие пари, иако се неопходни, може да послужат како основа за критики кон новата влада. Во Полска, тоа првично предизвика скандал и јавен бес, а Владата не виде поттик на анкетите сè додека луѓето не почнаа да ги чувствуваат опипливите придобивки.

Во многу земји каде што општеството е заробено, враќањето на стариот правен поредок е речиси сизифовска работа. Едно од прашањата е дали да се оди во обратна насока, но со повторување на стапките на крајната десница. Малку некорумпирани кадри остануваат во судството, а нелиберален претседател или висок суд може да го блокира назначувањето на нови судии. Полскиот претседател Карол Навроцки, кој е сојузник на ПиС, одби да назначи 46 судии и остави 88 амбасадорски места празни откако ја презеде функцијата.

Ваквите структурни бариери ги одложуваат реформите, предизвикувајќи контрола. Либералните гласачи се секогаш почувствителни и повеќе нестрпливи. Тие многу често укажуваат на секој погрешен чекор. Откако доминантните медиуми ќе ја вратат својата независност, ќе ја осудат секоја грешка направена од новата влада бидејќи тоа е нивната улога. Ова го отвора патот за циниците да прогласат дека новите владетели се исти како старите. Многу луѓе кои гласаа за продемократската партија може да не учествуваат на следните избори.

Во Полска, растечкото антиестаблишментско расположение, заедно со растечката толеранција за силен лидер и сè потрансакцискиот став кон ЕУ, доведоа до изборот на Навроцки само две години по триумфалното враќање на Туск. Сличен вид отуѓеност би можел да завладее и во Унгарија.

Како што покажува Полска, кога претходната администрација напиша многу од законите, а од новата продемократска влада се очекува да ги докаже своите квалификации за владеење на правото на секој чекор, напорите да се изведат крајно десничарските актери пред лицето на правдата можат да бидат неуспешни.

Ослободување на јавните медиуми

Највредната лекција за Маѓар е дека нема брзо решение за системот. Дури и на Орбан му беше потребна една година за да го преработи Уставот − Основниот закон беше усвоен во 2011 година − и како популист, тој не мораше да ги следи сите правила. Маѓар треба да биде подготвен да експериментира со смели решенија пред целосно да се обнови здравјето на демократските институции. Туск сметаше дека ако кандидатот на неговата партија победи на претседателските избори, може да го избегне овој пат. Наместо тоа, тој на крајот потроши две години.

Друг сектор на кој му е потребна брза реформа се јавните медиуми. Пристапот на Владата на Туск кон јавните медиуми беше груб. Знаејќи дека му е потребна помош од претседателот (тогаш Анджеј Дуда, исто така сојузник на ПиС) за деполитизација на јавните радиодифузери и дека нема да ја добие, Владата на Туск едноставно го отстрани ТВП Инфо од етерот, го отпушти неговиот раководен кадар и го стави, како и Полското радио и Полската новинска агенција, во ликвидација. Тоа навистина беше груба, но ефикасна стратегија.

Слична ваква стратегија најави Маѓар веднаш по победата на изборите. Тој рече дека ќе ги укине информативните програми на јавните медиуми за да престанат да ја трујат унгарската публика со пропаганда на Фидес. А потоа ќе го реформира сервисот. Три дена по изборите отиде на државната телевизија МТВА и во едно тензично и борбено интервју со новинарот го обвини јавниот сервис за ширење пропаганда „во севернокорејски стил“ и лажни тврдења за неговото семејство за време на изборната кампања.

Интервјуто беше неговото прво појавување на националниот радиодифузер по 18 месеци, иако МТВА соопшти дека упатил повеќе покани до Маѓар и до неговата партија за време на кампањата. Унгарскиот лидер даде две интервјуа − прво на јавното радио, потоа на телевизија − кои завршија со огорченост, со остри размени, со прекини и со меѓусебни обвинувања.

„Еден елемент од нашата програма е дека оваа фабрика на лаги ќе заврши штом ќе се формира влада на Тиса“, му рече Маѓар на водителот. „Емитувањето лажни вести овде мора да престане, а ние ќе создадеме независни, објективни и непристрасни услови за да се стави крај на оваа пропаганда.“

Тој продолжи да го обвинува дифузерот за ширење лажни информации за него и за навредување на неговото семејство за време на кампањата − обвинувања што водителот ги отфрли. „Би сакал да ги отфрлам, во име на сите мои колеги, тврдењата дека го навредивме вашето семејство“, рече водителот.
„Во ова студио, неколку пати беше кажано дека моите малолетни деца не зборуваат со мене, а тие живеат со мене“, одговори Маѓар.

Новиот премиер, исто така, ја спореди МТВА со севернокорејските државни медиуми. „Она што се случува овде од 2010 година е нешто на што Гебелс или севернокорејското раководство би се восхитувале − ниеден вистински збор не се изговара. Ова не може да продолжи“, рече тој.

Овој сегмент од интервјуто покажува колку тешка може да биде борбата на владата на Тиса за да се запре ширењето на пропагандата од јавната телевизија и Радио Кошут (каде што Орбан имаше редовна емисија еднаш неделно). Ова интервју на Маѓар беше најгледаната емисија на државната телевизија години наназад.

Кога гниењето на едно општество е толку длабоко има шанси да се прероди ако новата администрација е смела, ако си постави временски рамки и ако користи креативни методи. Тогаш има јасни шанса за успех. Десничарските популисти не се колебаа да ги загосподарат лостовите на моќта во правната држава, судството, образовните институции и медиумите, користејќи методи кои ги изигруваа законските норми.

По поразот тие бараат од наследниците да владејат целосно според законите што ги донесоа тие и што ја узурпираа државата. За Петер Маѓар веројатно тоа ќе биде најголемото искушение и по тоа ќе се одредува неговото владеење. Неортодоксниот пристап може да му донесе успех. Ако се заплетка во правилата што ги одредија Орбан и Фидес − ќе го трасира патот за нивно враќање.


Економија и бизнис, 01 мај 2026

Авторот е новинар

Најчитано