пишува: Љупчо Поповски | Авторот е новинар
Насловот е позајмен од говорот на врвната американска мислителка и исторчарка, која е и полски државјанин, Ен Апелбаум, одржан во Виена во средината на мај. Од 2019 година, Институтот за хуманистички науки и Фондацијата „Ерсте“ спонзорираат годишен Говор за Европа. Говорот секогаш е темпиран да се совпадне со отворањето на Виенскиот фестивал на културата и е на денот или приближно до Денот на Европа, што е исто така годишнина од крајот на Втората светска војна. Говорот се одржува на отворено, на Јуден плац, центарот на виенската еврејска заедница во средниот век и местото каде што денес се наоѓа важен споменик на холокаустот. Влезот е бесплатен, а публиката слуша стоејќи.
Бидејќи во Македонија има страшна инсуфициенција за расправа за европската сегашност и иднина, има само површни егоцентрични и осиромашени мислења за тоа што претставува Европа денесe
и каде ќе оди. Во овој текст ќе пренесеме повеќе делови од овој говор на Еплбаум (која е и сопруга на полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски и со кого е заедно уште кога паѓаше Берлинскиот ѕид). На Македонија ѝ е потребно одредено просветителство за да сфати што се случува на континетот, каде оди тој, за односите со Америка на Доналд Трамп и да погледне малку подалеку од „гајбата“ на изолационизмот во кој ја турка сегашната влада.
Освен делови од говорот на Еплбаум ќе пренесеме и размислувања на извонредниот бугарски политички научник Иван Крастев, напишани во текст за американскиот „Форин аферс“. Крастев е претседател на Центарот за либерални стратегии во Софија и постојан соработник на „Алберт Хиршман“ на Институтот за хуманистички науки во Виена. Тој е регуларен колумнист на „Фајненшел тајмс“, на „Њујорк тајмс“ и на други наважни весници и многу почитуван гостин на важни меѓународни форуми.
Што кажа Ен Еплбаум на Јуден плац во Виена? Еве некои делови од тој Говор за Европа.

(фото: Скриншот од Јутјуб од говорот на Ен Еплбаум на Јуден плац во Виена)
„Од 1945 година, неколку генерации Европејци работат многу напорно за да спречат уште една катастрофа како Втората светска војна. Тие пишуваа книги по историја и поставуваа споменици. Организираа настани како овој. Тие, исто така, ги реорганизираа своите општества. Додека Австријците ја реконструираа Виена, додека другите Европејци ги обновуваа Париз и Берлин, тие не ги враќаа работите само како што беа порано. Опкружени со урнатини, тие решија да изградат нешто сосема ново: збир институции дизајнирани да промовираат либерална демократија, владеење на правото, соработка меѓу државите, економска интеграција и, на крајот, единствен пазар за трговија.
Европа што произлезе од овој процес претставува огромно достигнување − всушност, невидено достигнување; нешто без вистинска паралела никаде на друго место во светот. Благодарение на напорите на таа повоена генерација, Европа е побезбедна, побогата и помирна од кога било досега во својата историја.
Овој успех има и лоша страна. Бидејќи овие институции работеа толку добро, луѓето почнаа да замислуваат дека не се резултат на напорна работа и на тешки компромиси, туку нешто природно, само некои ’бирократии‘ што се појавија сами по себе. Бидејќи ги имавме тие 80 години мир, луѓето почнаа да ги земаат законите и нормите што го обезбедуваат мирот здраво за готово.“
Оживувањето на старите идеи
„Предизвикот доаѓа, пред сè, од нашите сопствени општества. Низ цела Европа и Северна Америка, отфрлени текстови, заборавени концепти и слабо запаметени теории ги оживуваат луѓе кои не се сеќаваат зошто биле дискредитирани пред три генерации.
На пример, многумина усвоија стари ставови за парламентарната демократија и сега го насочуваат истиот презир кон изборите што некогаш го изразуваа автократите од 20 век. Ленин ги отфрли парламентите како ништо повеќе од ’буржоаска демократија‘. Хитлер ја нарече парламентарната демократија ’еден од најтешките симптоми на човечкиот пад‘. Кога ќе ги чуете европските политичари како зборуваат за ’дегенерацијата‘ на демократијата или за ’слабоста‘ на либерализмот, запомнете дека истите овие зборови беа користени и во 30-тите години од групи кои се опишуваа себеси како левичарски и десничарски.
Некои, исто така, повторно ги откриваат старите политички тактики, на пример идејата дека политиката треба да се фокусира не на создавање консензус, туку на градење егзистенцијална, потенцијално насилна разлика меѓу ’пријатели‘ и ’непријатели‘. Можеби дури и не знаат дека оваа идеја доаѓа од германскиот филозоф Карл Шмит, популарен во Третиот рајх, кој ја отфрли либералната политика како измама.
Не се ова единствените идеи што се вратија. Етничкиот национализам, на пример, верувањето дека нациите се подобри ако се некако почисти, без разлика како е дефинирана чистотата, исто така се врати. Исто така се врати и теократијата или доминионизмот. Ова е верувањето дека единствените добри општества се оние што ги води црквата. Исто така се врати и постарата идеја за суверенитет, визија за државата што ја дава целата моќ на владетелот или на владејачката партија што е, по дефиниција, имуна на критики дури и кога овие лидери ги кршат правата на своите поданици“, рече Еплбаум.
Таа потоа се осврна на заканата од Русија. Ова се европски идеи и доаѓаат од европската историја. „Руската војна против Украина понекогаш се опишува, вклучително и неодамна од американскиот потпретседател, како да не е ништо повеќе од територијален спор, тепачка за границите на картата. Но, кога Русија го забранува украинскиот јазик и систематски апси градоначалници, наставници, новинари и свештеници, тогаш Русија ја напаѓа и Европа што е изградена по 1945 година, Европа чии граници не треба да се менуваат со сила. Русија ја нападна Украина не само за да ја уништи Украина туку и за да докаже дека договорите се бесмислени, сојузите се слаби и дека бруталната сила сè уште ја одлучува судбината на народите. Со водење империјалистичка освојувачка војна, Русија се обидува да го поткопа постимперијалниот поредок на Европа.
Во оваа смисла, рускиот напад врз Украина е исто така напад врз Европската Унија. Европејците може да замислат дека ЕУ е само бирократска непријатност. Но, Русите никогаш не веруваа во тоа. Руските пари ги поддржуваат европските политички партии и лидери чии победи би ја ограничиле способноста на Европа да ја брани европската територија. Затоа Русите финансираат или ги засилуваат антиевропските политички партии, како и сепаратистичките движења. Русија сака да ја замени Европа на правото со Европа толерантна кон клептократијата.“
Ако од Русија доаѓа заканата, од САД доаѓа предизвикот. Според неа, демократијата повеќе не е во центарот на американската надворешна политика, ниту на американскиот идентитет. Наместо тоа, Доналд Трамп почна да ги усогласува американските надворешни и внатрешни политики со вредностите и со практиките на автократскиот свет.
Како Русите и како европските критичари на демократијата, некои членови на администрацијата на Трамп исто така влегоа во војната на идеи. На говорот во Минхен овој февруари, американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека Америка и Европа се поврзани не со вредности, не со посветеност на демократијата, туку со „христијанска вера, култура, наследство, јазик, потекло“ − со крв, со почва, со ДНК и со далечното минато, со други зборови, не со сегашноста или со иднината. Иако говорот ги пофали Данте, Шекспир, Моцарт и „сводестите тавани на Сикстинската капела“, Рубио, како и Путин, ја осуди модерна Европа како континент преплавен од мигранти, криминал и распаѓање.
Што би требало тогаш да прави Европа кога од една страна се соочува со вооружен, радикализиран руски режим кој веќе користи саботажа, пропаганда и воени закани за да влијае на европската политика, а од друга со радикализирано движење во американската администрација кое ги дефинира европските општества како цивилизациски непријател?
„Од различни причини, и двете страни се залагаат за Европа која е послаба и пофрагментирана. И двете страни ја сакаат Европа која е помалку способна да дејствува независно во светот. Русите ја сакаат Европа која не може да се одбрани воено. Американците ја сакаат Европа која е целосно зависна од американската технологија и со тоа подложна на американската политичка контрола.
Соочени со овој предизвик, Европејците, секако, можат да се откажат. Ние − и јас зборувам овде како полски граѓанин − можеме да дозволиме американските преговарачи да ја одолговлечат војната во Украина, да продолжат да планираат деловни зделки со Русија наместо мир што би ѝ помогнал на Европа. Можеме да гледаме од страна како Американците и Русите ги засилуваат антиевропските политички движења и лидери. Можеме да се предадеме на различните искушенија и поткупи. Можеме да дозволиме Европа повторно да стане континент на завојувани нации, лесно манипулиран од надворешни сили: Русија, САД и, секако, Кина.
Пред сè, треба да се потпреме на нашите достигнувања. Европа останува оаза на безбедност, на стабилност и на владеење на правото. Имаме независни судови кои се стремат да не бидат само гласноговорници на оној кој е на власт. Ние го држиме зборот. Ги почитуваме договорите. Нашиот континент ја почитува и ѝ се восхитува на науката, ја чита историјата, се грижи за културата и е свесен за лекциите од минатото. Треба да ги искористиме тие работи за да станеме магнет за инвестиции, за иновации, за луѓе со нови идеи. Самата наша предвидливост е предност во свет на непредвидливи сили.
Треба да ги направиме сите овие работи за да го заштитиме нашиот суверенитет така што одлуките за Европа се донесуваат во Европа. Во претходната ера, суверенитетот се мереше во армии, во граници и во индустриска сила. Денес мора да се мери и во мрежи, во платформи и во инженерски талент. Оние кои го користат зборот ’суверенитет‘ за да означат изолационизам и протекционизам прават уште поглупава грешка. Денес една нација може да има свои избори, посебен правен систем и внимателно контролирани граници, а сепак да открие дека нејзината јавна сфера е обликувана од системи што ниту ги разбира ниту ги контролира.
Не можете да ја славите европската цивилизација, а истовремено да го напаѓате правниот и политичкиот поредок измислен овде или додека отворено се обидувате да ги поткопате институциите што ги штитат плурализмот и несогласувањето. Секој кој го прави тоа ја брани школката на таа цивилизација, а не нејзината суштина“, рече Ен Еплабаум.
Можеби ова изгледа предолго цитирање на еден говор, но се чини дека е потребно за да се разговара и за филозофскиот контекст на Европа и на нејзината иднина, а не само за примитивните политички битки.
Иван Крастев го опишува хоризонтот кој се појавува во Европа во оваа 2026 година, особено по поразот на Виктор Орбан на изборите во Унгарија. Тој вели дека големиот пораз на Орбан не е крај за глобалниот нелиберализам, како што се надеваат политичарите од главниот политички тек во Европа. Крастев, како и други политички научници, вели дека овој став е далеку од реалноста. Петер Маѓар, новиот премиер на Унгарија, победи поради бранот на антиестаблишментска енергија што може исто толку лесно да им користи на популистичките кандидати во други земји.
Крастев во „Форин аферс“ го пишува ова:
„Откако ќе бидат избрани на власт, националните популисти во Европа ќе продолжат да бараат начини за преобликување на либералните демократски режими, а прирачникот на Орбан сè уште ќе се смета за исклучително вреден. Всушност, неговиот пораз не сигнализира крај на крајната десничарска политика во Европа, туку крај на илузијата дека трампизмот е глобално движење. Со прифаќањето на поразот и со неоспорувањето на исходот, како што направи Трамп во 2020 година и вети дека ќе го стори повторно, Орбан ги потврди демократските акредитиви на новата европска десница. И како колега конзервативец, Маѓар не претставува отфрлање на национализмот во стилот на Орбан, туку неговата еволуција.
Неговата победа сигнализира нова ера за европската политика. Дистанцирајќи се од Трамп, крајната десница во Европа всушност може да го турне континентот кон нов консензус − оној во кој проевропските елити се подготвени да ја прифатат централноста на националните држави во иднината на европската интеграција, додека крајно десничарските партии прифаќаат дека Москва, Пекинг и Вашингтон, а не Брисел, се вистинската закана за нивните национални суверенитети. Европа, со други зборови, конечно може да стане поевропска.“
Како Трамп ја изгуби европската десница?
„Освен Орбан, на европските лидери им требаше време да разберат дека второто претседателство на Трамп не е ниту само трансакциско ниту непредвидливо кога станува збор за Европа. Брисел се подготви за трговска војна; но, наместо со тоа се сретна со идеолошка војна. Надежта дека американскиот претседател ќе ја цени корисноста на сојузниците се покажа погрешна.
За Трамп, либералниот поредок не беше американски поредок. Европа, што помогнаа САД да се изгради по Втората светска војна, според него стана антиамериканска. Иако основана и одржувана од САД, Европската Унија еволуираше во ограничување на американската моќ. Во наративот на Трамп, деиндустријализацијата на САД и распаѓањето на нејзиното општествено ткиво беа цената платена за либерализмот што ја надживеа својата корисност.
Визијата на Трамп за постлиберален поредок е она што политичкиот теоретичар Стивен Холмс го опиша како ’хиерархија без ред‘: систем во кој Трамп е крал, а другите се помали актери, некои посилни од другите, но сите се вртат околу неговата орбита. Други големи сили, како што се Кина и Русија, може да уживаат во своите сфери на привилегии, но само доколку го признаат американскиот примат. Ова не е традиционална политика на сфери на влијание; Трамп не бара соработка, туку бара почит. Трамп, на многу начини, претставува парадокс: националист кој се бори да го разбере национализмот − особено оној на другите.
Кога станува збор за внатрешната динамика на Европа, политичката промена во Будимпешта истакнува два јасни тренда кои сугерираат дека се случува конвергенција во главниот европски политички тек. Прво, пресвртот кон суверенитетот на Европа е тука за да остане. Либералните елити, исто така, го поддржуваат притисокот за национално самоопределување поради малтретирањето на Трамп и инсистираат на стратешка автономија во одбраната и во технологијата.
Изненадувачки е што новата десница во Европа станува помалку евроскептична. Сè повеќе ги гледа Вашингтон и Москва − а не Брисел − како главни закани за националниот суверенитет. Апелите за излез од ЕУ или напуштање на еврото сега се сметаат за губитнички предлози. Во овој контекст, поразот на Орбан создава простор за нов консензус за европскиот суверенитет − оној што потенцијално би можел да вклучи сегменти од националниот популистички камп.“
Јасно е дека ова е момент на радикално преобликување на ЕУ. Унгарските парламентарни избори може да се покажат како едни од најзначајните гласови во европската политика во изминатава деценија. За жал, во Македонија дебатата за ова радикално преобликување на Европа не е ниту на маргините. Изгледа дека тоа не може ни да се разбере. Политичарите го загубија контактот со Европа, а политичките мислители не знаат што да понудат освен флоскули. Што би рекла Ен Еплбаум, само школка, без суштина. Можеби и секогаш било така само не сме сакале да го видиме тоа?
Економија и бизнис, 01 јуни 2026г











